„Охридско лето": Концерт на бугарскиот дувачки квинтет „Пилекадоне" и „Буре барут" во изведба на Народниот театар од Истанбул

Програмата на „Охридско лето" за овој фестивалски ден нуди две уметнички содржини – концерт на дувачкиот квинтет „Пилекадоне" од Бугарија и театарската претстава „Буре барут" во изведба на Народниот театар од Истанбул.

Дувачкиот квинтет „Пилекадоне" го сочинуваат уметниците Мила Павлова на флејта, Валентин Методиев на обоа, Венелин Пиперов – кларинет, Јасен Теодосиев – хорна и Евгениј Тонев на фагот.

„Пилекадоне" е формација со богата историја, која датира 25 години наназад кога првичните членови на квинтетот биле сѐ уште тинејџери и кога самото име на овој ансамбл предизвикувало внимание поради необичноста, евентуалната поврзаност со прекарот на Чарли Паркер (Yardbird) – до денес токму таа мистичност останува една од главните атрибути на „Пилекадоне".

Секој од членовите на овој квинтет има активна кариера како солист, а сите се членови на елитните бугарски оркестри: Софиска филхармонија, Оркестар на Бугарското радио, Класик ФМ оркестарот. Ансамблот „Пилекадоне" е награден со престижната награда „Златна лира" која ја доделува Сојузот на бугарските музичари и танчери за особени достигнувања во изведувачката уметност. Квинтетот настапувал на сите значајни фестивали во Бугарија и надвор од неа, соработува со некои од најпознатите бугарски композитори меѓу кои и номинираната за ГРЕМИ награда, Добринка Табакова, која како и другите композитори му посветува дела токму на „Пилекадоне".

Нивниот израз ги надминува границите на традиционалниот класичен концертен пристап, честопати преплетувајќи се со нови форми како мултимедија, концептуална уметност, соработка со актери и танчери, како и со хорот на „Софиските момчиња". Една од новите и позначајни соработки е концертното партнерство со светски познатата виолинистка Албена Данаилова која е концерт-мајстор на Виенската филхармонија. Во 2019 година Бугарската национална телевизија на квинтетот „Пилекадоне" им посвети филмуван концерт.

Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија" со почеток од 20 часот.

Што се однесува на театарската претстава „Буре Барут" на нашиот Дејан Дуковски, познато е дека текстот го прикажува Балканот преку метафоричната синтагма буре барут; и „сите сакаат да фатат џаде", а што по/таму? Оттука почнува мотивацијата на ликовите, на нивните постапки: убиства, осакатување, неверства, заговори, обиди секогаш безуспешни. Тие маргиналци се непредвидливи, фрустрирано понесени кои или завршуваат со само/убиство или продолжуваат во ќор-сокак резигнирани и носталгични; типови кои немаат поим како да се вратат во некаква нормала, носени од (некаков) балкански во ген пишан рецепт за животот.

Секоја сцена во „Буре барут" е самостојна и секогаш еден од ликовите од претходната го има и во следната сцена, при што тие ликови-провлекувачи, како да обединуваат една виртуелна целина. Така, во првата и последната сцена се појавуваат истите имиња, но двете се разликуваат и по времето и по просторот: сон/јаве, по целиот амбиент и по постапките на ликовите.

За оваа поставка на „Буре барут" од страна на режисерот Јилдирај Шахинлер, кој е професор на неколку универзитети, а во моментов уметнички директор на Универзитетот за театар во Истанбул, „Халк Театар", повеќе ќе биде изнесено на прес-конференцијата што ќе се одржи денеска по повод гостувањето на Истанбулскиот театар на „Охридско лето".

Во ресторани и канцеларии во Велика Британија ќе бидат забранети нови родово неутрални тоалети

На баровите, рестораните и канцелариите во Велика Британија ќе им биде забрането да назначуваат нови простории како родово неутрални тоалети, според измените на законот што ќе стапат во сила подоцна оваа година.

Британските министри рекоа дека измените на законот ќе ја зголемат „безбедноста, приватноста и достоинството“ на жените.

Врз основа на тие измени на законот, новите јавни и деловни згради ќе мора да имаат посебни машки и женски тоалети, пишува Тајмс.

Според тие одредби, оние кои не можат да го обезбедат тоа ќе мора да имаат просторија што вклучува тоалет, мијалник и фен за раце зад врата што може да се заклучува.

Министрите рекоа дека одлуката ќе стави крај на зголемувањето на бројот на таканаречените „родово неутрални“ тоалети кои оневозможуваат приватност.

Измените на законот, сепак, беа критикувани од активисти за правата на ЛГБТК, кои предупредија дека тоа дополнително ќе ги маргинализира трансродовите лица.

Британската влада првпат ги предложи измените на законот минатата година, и покрај силната кампања на противниците на измените кои рекоа дека трансродовите жени ќе бидат изложени на ризик за нивната безбедност со тоа што ќе мора да користат машки тоалети.

Анкетата на YouGov претходно оваа година покажа дека 48 отсто од луѓето се чувствуваат непријатно кога користат родово неутрални тоалети, вклучително и 57 отсто жени.

Верстапен по второто место во Мајами: Се изненадив од брзината на Мекларен

- Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен се осврна на своето второ место на Формула 1 трката возена синоќа за Големата награда на Мајами.

- Понекогаш победуваш, понекогаш губиш. Не се чувствував многу добро со медиум пневматиците. Се изненадив брзо возеше болидот на Мекларен. Нашиот ден не беше најдобар, но јас целосно го прифаќам второто место на ваков ден. Ми недостигаше забрзување, треба да видиме зошто тоа се случи. Ова не беше нашиот најсилен викенд во однос на нашето темпо. Честитки до Норис за победата, изјави Верстапен.

Британскиот возач на Мекларен, Ландо Норис за прв пат во кариерата оствари победа на трка во Формула 1 шампионатот.

Верстапен заврши на второто место со заостанување од 7,612 секунди.

Граѓаните пред избор на претседател

Граѓаните пред избор на претседател - Силјановска Давкова се бори за прв, а Пендаровски за уште еден мандат.

Кандидати за нов претседател на државата во вториот круг од претседателските избори се Гордана Силјановска Давкова, поддржана од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ. Гласањето е в среда на 8 мај, паралелно со парламентарните избори.

За претседател е избран кандидатот кој ќе добие мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од 40 проценти од избирачите. Доколку и во вториот круг на гласање ниту еден од кандидатите не го добие потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка.

Доколку биде исполнет цензусот и биде избран претседател на државата, неговата инаугурација треба да биде на 12 мај.

На 24 април, на првиот круг од изборите, Силјановска Давкова освои 363.085 гласови, а Пендаровски доби 180.499 гласа. На изборите имаше вкупно седдумина кандидати. Излезноста на гласачите на првиот круг од претседателските избори беше 48,38 отсто односно на гласање излегоа 828.402 гласачи од вкупно запишаните 1.814.317 во Избирачкиот список.

Според Изборниот законик, ако во првиот круг од изборите ниту еден кандидат за претседател на Републиката не го добил потребното мнозинство гласови, во вториот круг се гласа за двајца кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови. Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на првиот круг на гласањето.

Пред преземањето на должноста, како што е наведено во Изборниот законик, најдоцна во рок од десет дена од денот на објавувањето на конечните резултати, но не порано од денот на престанок на мандатот на претходниот претседател, претседателот на Републиката дава и потпишува свечена изјава пред Собранието, која гласи:

„Изјавувам дека функцијата претседател на Република Македонија ќе ја вршам совесно и одговорно, ќе го почитувам Уставот и законите и ќе го штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија.”

Гласачите на 8 мај ќе можат само еднаш да одат на избирачкото место и да се изјаснат за двата вида избори или да гласаат само за претседателските или за парламентарните избори. Идентификацијата ќе се врши со т.н. фингерпринт апарати.

Утре (7 мај) за претседателските избори гласаат иселениците, додека и за претседателските и за парламентарните избори гласаат болните и изнемоштените, затворениците, лицата во старските домови и две раселени лица.

Гласањето во среда, на 8 мај, на 3480 избирачки места започнува во 7 часот а завршува во 19 часот. Резултатите од гласањето се очекува да бидат познати најдоцна до полноќ.

Ова е вторпат Силјановска Давкова и Пендаровски да бидат противкандидати на избори за претседател на државата. На минатите претседателски избори во вториот круг од изборите победи Пендаровски.

притисни ентер