Граѓаните пред избор на претседател

Граѓаните пред избор на претседател - Силјановска Давкова се бори за прв, а Пендаровски за уште еден мандат.

Кандидати за нов претседател на државата во вториот круг од претседателските избори се Гордана Силјановска Давкова, поддржана од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ. Гласањето е в среда на 8 мај, паралелно со парламентарните избори.

За претседател е избран кандидатот кој ќе добие мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од 40 проценти од избирачите. Доколку и во вториот круг на гласање ниту еден од кандидатите не го добие потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка.

Доколку биде исполнет цензусот и биде избран претседател на државата, неговата инаугурација треба да биде на 12 мај.

На 24 април, на првиот круг од изборите, Силјановска Давкова освои 363.085 гласови, а Пендаровски доби 180.499 гласа. На изборите имаше вкупно седдумина кандидати. Излезноста на гласачите на првиот круг од претседателските избори беше 48,38 отсто односно на гласање излегоа 828.402 гласачи од вкупно запишаните 1.814.317 во Избирачкиот список.

Според Изборниот законик, ако во првиот круг од изборите ниту еден кандидат за претседател на Републиката не го добил потребното мнозинство гласови, во вториот круг се гласа за двајца кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови. Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на првиот круг на гласањето.

Пред преземањето на должноста, како што е наведено во Изборниот законик, најдоцна во рок од десет дена од денот на објавувањето на конечните резултати, но не порано од денот на престанок на мандатот на претходниот претседател, претседателот на Републиката дава и потпишува свечена изјава пред Собранието, која гласи:

„Изјавувам дека функцијата претседател на Република Македонија ќе ја вршам совесно и одговорно, ќе го почитувам Уставот и законите и ќе го штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија.”

Гласачите на 8 мај ќе можат само еднаш да одат на избирачкото место и да се изјаснат за двата вида избори или да гласаат само за претседателските или за парламентарните избори. Идентификацијата ќе се врши со т.н. фингерпринт апарати.

Утре (7 мај) за претседателските избори гласаат иселениците, додека и за претседателските и за парламентарните избори гласаат болните и изнемоштените, затворениците, лицата во старските домови и две раселени лица.

Гласањето во среда, на 8 мај, на 3480 избирачки места започнува во 7 часот а завршува во 19 часот. Резултатите од гласањето се очекува да бидат познати најдоцна до полноќ.

Ова е вторпат Силјановска Давкова и Пендаровски да бидат противкандидати на избори за претседател на државата. На минатите претседателски избори во вториот круг од изборите победи Пендаровски.

Елегантни моторџии низ скопските улици во обид да ја подигнат свеста за машкото здравје

Годинава, се очекува да има околу 170 учесници кои ќе поминат по улиците и булеварите во централното подрачје во Скопје. 

Елегантни моторџии облечени во палто, елек и вратоврска денеска по деветти пат како дел од глобалното движење „The Distinguished Gentlmens Ride“ ќе дефилираат низ скопските улици со цел да ја подигнат свеста за машкото здравје и превенцијата од рак на простатата.

Годинава, се очекува да има околу 170 учесници кои ќе поминат по улиците и булеварите во централното подрачје во Скопје. Организаторите најавуваат учесници и од останатите градови од државата и гости од Косово. Меѓу нив има доктори, професори, личности од јавниот живот кои, како и секоја година, ќе донираат средства за фондацијата „Мовембер“ во Лондон за борба против рак на простатата.

„The Distinguished Gentlmens Ride“ годинава се одржува во 959 градови низ светот. Учествуваат 90.000 мотоцикли од 105 држави.

Скопје е дел од ова движење од 2016 година. Досега учествувале 1.172 учесници, а собрани се 18.836 евра.

Глобалното движење почна на иницијатива на Марк Хава во 2012 година во Сиднеј кога тој заедно со своите пријатели продефилира низ улиците на градот во чест на неговиот пријател кој починал од рак на простатата. Оттогаш движењето станува помасовно секоја година. Од основањето на „The Distinguished Gentlmens Ride“ досега собрани се 50,2 милиони долари на светско ниво кои се донираат во институции и болници кои се фокусирани на борбата за заштита на машкото здравје и борбата против рак на простатата. /МИА

Пронајдени телата на четворица мигранти, спасени 52 лица во близина на брегот на Тунис

Телата на четворица мигранти се пронајдени во близина на брегот на Тунис, а крајбрежната стража во посебна операција спасила 52 лица, соопшти Националната гарда.

Се додава дека гардата уапсила девет шверцери и ги запленила чамците.

Најмалку 23 туниски мигранти исчезнале откако со чамец се упатиле кон Италија, соопшти претходно Националната гарда.

Тунис се соочува со миграциска криза и ја замени Либија како главна појдовна точка за луѓето кои бегаат од сиромаштијата и конфликтите во Африка и Блискиот Исток во потрага по побезбеден живот во Европа. /МИА

Одбележување на Светскиот ден на семејниот лекар - 19 Мај

Под мотото „Здрава планета, здрави луѓе“ денеска се одбележува 19 Мај - Светскиот ден на семејниот лекар.

Здружението на лекари по општа медицина - семејна медицина (ЗЛОМ СМ), информира дека за таа цел во Градскиот парк во Скопје денеска од 11 до 14 часот граѓаните ќе можат да измерат крвен притисок, гликемија и пикфлоуметрија. Специјалистите по семејна медицина ќе даваат совети за здрави животни навики.

Предвидена е и прес-конференција за медиумите.

притисни ентер