„Корковадо": Грејдерите за потребите на Армијата на РМ не се исти со оној продаден во Србија

 „Тие само изгледаат исто, како што сите грејдери на светот изгледаат исто. “

Српска компанија „Корковадо", преку која беа набавени машини-грејдери за потребите на Армијата, денеска ги демантираше тврдењата за злоупотреби и неправилности при реализацијата на набавката, оценувајќи дека станува збор за „лаги и злонамерни манипулации со фактите".

– Разбирам што е политичка борба, но мојата компанија е обвинета во медиумите од страна на целосни незнајковци и луѓе кои не се разбираат во техника и машини, вели во демантот директорот на „Корковадо", Дејан Станојковиќ.

Тој посочува дека грејдерите за потребите на Армијата биле продадени по цена од 197.000 евра за праче без ДДВ, како и дека овие машини и онаа што фирмата ја продала во Србија по пониска цена, воопшто не се исти.

– Тие само изгледаат исто, како што сите грејдери на светот изгледаат исто. Постојат огромни разлики. Вашите грејдери имаат погон и на предните оски што не е случај со грејдерот во Србија. Само тој додаток чини 40.000 евра, се наведува во демантот.

Во соопштението се посочува дека моторите во грејдерите набавени за нашата Армија, производство на еден од најдобрите производители во светото „Каминс", се поголеми и помоќни од оние во машината продадена во Србија, како и дека поради дополнителниот хидрауличен погон со хидромотори на предните тркала, потребен е помоќен мотор, бидејќи тој покренува и дополнителна моќна и голема хидро пумпа, што автоматски го прави поскап.

– Вашите грејдери имаа мотори со моќност од 164 киловати, а грејдерот испорачан во Трговиште (Србија) има 125 киловати. Вашите грејдери имаат ЗФ-троник менувачи од германски производител (најдобри менувачи во светот), што не е случај со грејдерот во Србија. Вашите грејдери имаат „пливачки од" на средниот и на предниот нож, што претставува врвна технологија и ретко кој производител ја има таа опција, се додава во демантот.

Станојковиќ во соопштението посочува дека грејдерите за нашата Армија се и габаритно поголеми, што „злобните луѓе нема да го забележат затоа што не сакаат".

– Секој кој и малку се разбира во техника ќе ги разбере овие наводи и ќе сфати дека машините воопшто не се исти. Напротив постои огромна разлика, но за незнајковците и злобните луѓе тоа не значи ништо. Купувачот поради ограничени средства купил многу поедноставна машина. Морам да напоменам дека кај вас имаше јавна набавка на која можеа да се јават сите продавачи на грејдери. Исто така, имаше и е-аукција на која учествуваа три фирми. Зошто не ги намалиле цените, ако моите грејдери се скапи. Напоменувам дека другите имаа многу повисоки цени и дека цената по која ги купивте грејдерите е исклучително добра, бидејќи доколку мојата компанија не беше на тој тендер, истите машини ќе ги платевте многу поскапо, истакнува Станојковиќ во демантот.

ВМРО-ДПМНЕ вчера обвини дека Министерството за одбрана преку јавна набавка набавило две тешки машини грејдери за потребите на Армијата од „Корковадо" по цена од 232.426 евра по машина, додека, според партијата, истата компанија на српска институција и продала таква машина во вредност од 108.000 евра.

На тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ уште вчера реагираше Министерството за одбрана тврдејќи дека во целата постапка за јавната набавка на грејдерите биле почитувани сите законски одредби. /МИА

Санкционирани 100 возачи во Скопје, 14 возеле без возачка дозвола

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот при што на територија на град Скопје изречени се вкупно 100 мерки.

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот при што на територија на град Скопје изречени се вкупно 100 мерки, меѓу кои за возење без возачка дозвола 14 санкции, 12 мерки за користење мобилен телефон при возење и пет санкции за некористење сигурносен појас.

-Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта, наведуваат од МВР.

Демократски сојуз: Мандат за состав на влада добива кандидатот на партијата која има мнозинство

Демократскиот сојуз ги потсетува партиите, посебно ДУИ, но и сите граѓани, дека соглано член 99 од  Уставот на Република Македонија, мандат за состав на Влада добива кандидатот на партијата/ партиите кои имаат мнозинство (најмалку 61 пратеник).

Влада ја избира Парламентот со мнозинство гласови од 120-те пратеници. Мнозинство се 61 пратеник.

За избор на Владата нема двојно гласање (Бадентер), тоа не е предвидено ниту со Уставот, ниту со било каков договор или закон, ниту пак има таква пракса.

Се работи за класична манипулација или непознавање на политичкиот систем и Уставните решенија за избор на Влада.

Сосема е извесно дека по 20 години на власт, недопирливите од ДУИ, ќе бидат испратени во долгогодишна опозиција и за грабежот што го направија и разнебитување на институциите и државата во целина ќе одговараат.

Наводната проевропска партија "ги отвори вратите на ЕУ", при што за време на нивното владеење над 800 илјади граѓани од Македонија се иселија во земјите на ЕУ, меѓу нив и над 200 илјади албанци.

Сите партии се изјаснија дека по изборите нема да коалицираат со ДУИ.

Тоа е јасно за сите граѓани, затоа ќе гласаат за промени, а на ДУИ во опозиција ќе им се приклучи и СДСМ.

Демократски сојуз

Претставен е новиот Ферари, вози до 340 км/час (ВИДЕО)

Ferrari 12Cilindri, претставен денеска, го претставува врвот на развојот на моторот на Ферари, смета Џанмарија Фулгензи, главен директор за развој на производи во Ферари.

Дизајниран е од темел за да го слави звукот и перформансите што може да ги испорача само V-12 моторот.

12Cilindri, кој ќе биде достапен како купе или Spider со тврд покрив што се повлекува, го заменува 812 Superfast. Дизајниран да потсети на духот на иконските модели како што се Lusso и 275 GTB/4, автомобили кои беа многу брзи, но и доволно удобни за возење на долги растојанија.

Го има италијанското име за 12 цилиндри. „Концептот е многу едноставен“, вели шефот за маркетинг на Ферари, Енрико Галиера „Сакавме овој автомобил да го прослави најважниот елемент на нашата ДНК. Никогаш не користиме надворешна агенција за да одлучуваме за имињата, а кога беше предложен 12Cilindri, 99 проценти од луѓето овде го прифатија“.

Со кодно име F140HD, 6,5-литарскиот V-12 користи основна архитектура стара повеќе од 20 години. Официјално, F140HD е сеопфатна преработка на F140HC што се користи во 812 Competizione.

Тоа е најмоќниот атмосферски мотор за масовно производство на Ферари. Може да врти до вртоглави 9500 вртежи во минута, развивајќи 818 КС при 9250 вртежи во минута и 500 lb-ft вртежен момент при 7250 вртежи во минута. Тие вртоглави брзини се резултат на титаниумските погонски прачки кои се 40 проценти полесни од челикот, новите клипови кои се 2 проценти полесни од оние што се користат во моторот 812 Competizione и ребалансираното коленесто вратило кое е 3 проценти полесно.

Издувните гасови излегуваат преку нов систем до керамички катализатори и филтри за честички кои му помагаат на големиот V-12 да ги исполни строгите стандарди за емисии на Euro 6E поставени за 2026 година и понатаму.

F140HD ги придвижува задните тркала преку нов осум-брзински менувач со двојна спојка, давајќи му на 12Cilindri дополнителен поттик во однос на 812 Competizione. Ова овозможи да се зголеми вртежниот момент на задните тркала за 12 проценти, додека времето за менување степени на пренос е намалено за 5 проценти.

Од Ferrari велат дека 12-цилиндарецот тежок 1600 килограми ќе забрзува од 0 до 100 km/h за помалку од 2,9 секунди и до 200 km/h за помалку од 7,9 секунди. Максималната брзина е близу 340 km/h.

Голем дел од хардверот за суспензија и сопирање на 12Cilinidri е пренесен од 812 Competizione, како и диференцијалот. Има нова алуминиумска шасија и 0,8 инчи пократко меѓуоскино растојание и 15 проценти подобра торзиона вкочанетост. 12 Cilindri исто така располага со систем за управување со задните тркала кој дебитираше на 812 Competizione, кој може да се контролира независно за дополнително да се подобри агилноста или стабилноста кога е потребно.

Цената за 12Cilindri Coupe во Италија започнува од 395.000 евра, додека пак цената на Spider од 435.000 евра.

притисни ентер