„Историјата на Охридската Архиепископија“ од Снегаров и четири книги на Зографски првпат достап

„Историјата на Охридската Архиепископија“ од Снегаров и четири книги на Зографски првпат достапни на македонски јазик.

Kапиталното двотомно дело „Историја на Охридската архиепископија“ од реномираниот славист, историчар, универзитетски професор и академик од минатиот век Иван Снегаров првпат e преведено на македонски јазик и наскоро ќе биде достапно за македонските читатели. Oвие два тома ќе бидат издадени во превод на издавачката куќа „Икона“.

„Икона“ ги печати и четирите книги на великанот на преродбата од 19-от век, галичанецот Партениј Зографски. Тој бил ученик на Димитар Миладинов во Охрид, писател, учебникар, фолклорист, народен деец и духовник, митрополит во Кукуш, Дојран (Полјанин) и Ниш.

Овие наслови ќе бидат промовирани на петти март 2024 година во 13.30 часот во Националната галерија Даут-пашин амам. Во рамки на настанот ќе бидат промовирани и двата тома од „Житија на Светителите“. Проектот е поддржан од Бугарската поддршка за развој.

-Историјата дејствува и денес, како што ќе дејствува и утре. На изглед таа лежи заедно со одамнешните мртви, но во реалноста таа се движи и со нас живите, како сенка од нашите тела, зашто ништо човечко не настанува од ништо. Денешните собитија ги кријат своите корени во минатото, коешто е стебло на иднината. Вака охриѓанецот Иван Снегаров ќе го опише своето дело „Историја на Охридската архиепископија, кое е плод на неговата дипломска работа којашто произлегла по неговите студии во Киев на Духовната академија, соопшти „Икона“.

- „...Споменот за Охридската архиепископија... не исчезнал. Осум векови таа го воспитувала православното население во Македонија и оставила неизбришливи траги во неговата душа. Како што ние ги наследуваме карактерните особини на своите родители, дедовци и прадедовци, така воздејствувала врз еден народ и неговата духовна мајка – неговата родна Црква, во чиј скут тој растел, под влијанието на нејзините вдахновени песни и мудри совети. Дали со прочуената револуционерна борба за автономија на Македонија не се одразувала несвесно вековната борба на Охридската архиепископија за својата автокефалија? Во тоа сум целосно убеден, како последица на моето изучување на животот на таа црква. Тоа убедување го искажав во својот труд за Охридската архиепископија“, наведува издавачот.

Она во што Снегаров длабоко верувал го искажал јасно во неговиот труд.

- Историјата на Охридската црква е историја на осумвековната духовна независност, би рекол, на духовна сувереност на Македонија. Историјата на последната нѐ уверува: дека, како што во старо време била основа за духовно обединување на балканските народи, така и сега таа може да се преобрати од јаболко на меѓубалкански раздори, во алка на општо-балканското братство, информира „Икона“.

Издавачот потенцира дека првпат зборовите на Партениј Зографски се живи и поблиски за новите генерации Македонци - „Прва и најголема заповед е да го љубиме Бога не само повеќе од сè, туку и од самите себе, а пак луѓето да ги љубиме како ние себеси“.

Зографски бил причислен како духовник при рускиот царски двор и бил пратен да ја доврши семинаријата во Киев, којашто ја завршил во 1846 година. Завршил на Московската духовна академија, како воспитаник на рускиот царски двор, каде се броел како духовен воспитувач на царските деца во Петербург. Познавањето на древните јазици (старогрчки, латински, еврејски и старохалдејски), но, и руски и француски, му биле силна подлога да се впушти во учебникарство и просветителство на својот народ.

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер