„Гардијан“ се повлекува од мрежата Х: Платформата стана токсична

Британскиот медиум „Гардијан“ одлучи да го затвори својот официјален профил на платформата X.

„Сакавме да ги информираме читателите дека повеќе нема да објавуваме ниту еден официјален уреднички налог на Гардијан на страницата на социјалниот медиум X. Мислиме дека позитивните страни на постоењето на X сега се во минус во однос на лошите страни и ресурсите би можеле подобро да се искористат за промовирање на нашето новинарство на друго место. Ова е нешто за што размислуваме веќе некое време со оглед на често вознемирувачката содржина промовирана или најдена на платформата, вклучително и екстремно десничарски теории на заговор и расизам“, наведува „Гардијан“.

Според весникот, „кампањата за претседателските избори во САД служеше само да го подвлече тоа за што подолго време верувавме: дека X е токсична медиумска платформа и дека нејзиниот сопственик Илон Маск успеал да го искористи своето влијание за да го обликува политичкиот дискурс“.

Корисниците на X сè уште ќе можат да споделуваат написи на „Гардијан“, а природата на известувањето за вестите во живо значи дека Гардијан ќе продолжи од време на време да инкорпорира содржина од X во своите страници со написи.

„Нашите новинари исто така ќе можат да продолжат да ја користат страницата за собирање вести, исто како што користат и други социјални мрежи во кои ние официјално не учествуваме“, се наведува од „Гардијан“. /МИА

УКИМ му додели средства на ФМУ за подобрување на условите за студентите

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) за потребите на Факултетот за музичка уметност издвоил 3.384.000 денари, од кои дел ќе бидат поддршка на обновата на концертната сала на ФМУ наменета за студентите.

УКИМ информира дека со обновена концертна сала студентите ќе може „да се изразуваат и да ги покажат своите таленти пред јавноста, како и да се стекнат со сценско искуство, кое е од исклучително значење за нивниот кариерен развој“.

-Освен тоа, обезбедена е и посебна просторија за рекреација и релаксација и уреден е просторот за физички активности, што е од огромно значење за академското и творечко искуство на студентите... Средствата кои ги доделивме на ФМУ имаат за цел да ги унапредат условите за едукација на идните музички уметници, со што ќе се обезбеди континуитет во развојот на музичката култура и зачувување на националното културно наследство, соопшти УКИМ.

Како што нагласила ректорката проф. д-р Биљана Ангелова, „целта на издвоените средства е да се обезбедат врвни услови за образување на талентите и создавање нови можности за нивно усовршување“.

-Музичките уметници играат круцијална улога во културниот и општествениот живот на државата. Тие не промовираат и со своето творештво и професионализам придонесуваат за афирмација на македонската култура на светската сцена. ФМУ е местото каде што се создаваат идните професионалци кои со своите таленти и знаења ќе ја претставуваат нашата држава во најубаво светло, истакнува ректорката на Скопскиот универзитет.

Деканката на ФМУ, проф. д-р Дарија Андоновска, посочила дека сакаат нивните студенти „засекогаш да ги паметат студентските денови, да се стекнат со врвно знаење и да имаат одлични услови за надградување на вештините“.

-Затоа сме многу благодарни што УКИМ, со издвоените средства за нас, ни овозможи покрај реновирањето и уредувањето, да набавиме и удирачки инструменти и пијано столови, како и да одржиме концерт и фестивал, со што им отворивме нови можности на студентите, нагласила Андоновска.

Отстранети повеќе диви депонии во Бутел, Центар и Кисела Вода

Екипи на ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на вчерашниот ден подигнаа и транспортираа приближно 60 кубни метри отпад од неколку диви депонии лоцирани во скопските општини Бутел, Центар и Кисела Вода.

Подигнати се 30 кубни метри отпад од обемна дива депонија лоцирана на улицата „Боца Иванова“, на последната постројка на автобусот 59, во непосредна близина на градските гробишта Бутел, соопшти ЈП Комунална хигиена-Скопје.

Во општината Центар е интервенирано на булеварот „Илинден“, како и на улиците „Аминта Трети“, „Борка Талески“ и „Киро Крстевски-Платник“, во близина на средното училиште „Лазар Личеноски“, каде што се расчистени вкупно 20 кубни метри претежно кабаст и градежен отпад одложен на јавни површини.

Во општина Кисела Вода, пак, се отстранети 10 кубни метри отпад од дива депонија лоцирана на улицата „Фредерик Шопен“.

Такси компании: Да нема паника, такси услугите нема да поскапат

По информациите во дел од медиумите за наводно поскапување на такси услугите, дел од сопствениците на такси компаниите за Канал 5 велат дека истите се неточни. 

Се работи за стар тарифник од пред две и пол години и во овој момент нема никакво барање за поскапување на такси услугите. Иако има зголемување на трошоците за одржување и сервисирање, засега велат нема никаква одлука за зголемување на центите на такси превозот. Постојат три тарифи според кои можат да наплатуваат а кои се утврдени и усвоени од Советот на Град Скопје. самите такси компании одлучуваат по која тарифа ќе возат.

притисни ентер