Во расправата изглагање имаше само пратеникот Сали Мурати од Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија, кое е дел од коалицијата Европски фронт. Тој побара да биде одложено носењето на овој закон додека не помине основниот Предлог-закон за средно образование, кој Владата како предлагач го повлече од собраниска процедура минатата недела, затоа што, според Мурати „овој закон ги повторува и дополнително ги продлабочува истите грешки“.
Како што рече, во законот има „клучни проблеми“, меѓу кои ги наведе објавувањето огласи само на македонски јазик и, како што рече, „дискриминаторскиот задолжителен услов“ директор на училиште да знае странски јазик. Праша дали е тоа поважно од раководителските вештини, особено кога се работи за рурални средини „каде нема таков човек, а е способен да управува со училиштето“.
- Особено е загрижувачки и отсуството на механизам и немањето ни денар за програми за меѓуетничка интеграција што би ги зближило децата наместо да живеат во паралелни светови, рече Мурати.
На тврдењата на Мурати дека со овој и со другите предложени закони од образованието се повредуваат јазичните права на етничките заедници во државава, му реплицираше пратеникот Малиша Станковиќ од Социјалистичка партија на Македонија. Тој го праша Мурати зошто не се однесува како министерот во германската влада со турско потекло Џем Оздемир кого, рече, „никогаш нема да го слушнете да зборува на еднонационални теми како што вие зборувате во Собранието“.
При второто гласање на законот, од пратеници кои припаѓаат на етнички заедници кои не се мнозинство, „против“ беа 12, а поддршка на законот дадоа 13 пратеници.
Пред пратениците следен е Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за основното образование, во второ читање. Пред да почне расправата по овој предлог, потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски даде еден час пауза (до 15.15 часот) на барање на пратеничката Арбана Пашоли од ДУИ заради консултации и координирање во Пратеничката група на коалицијата Европски фронт.
Покрај овие два закона, од областа на образованието во рамки на 28-та седница се и Предлог-закон за Националната рамка на квалификации, Дополнетиот предлог на закон за учебници во основно и средно образование и Дополнетиот предлог на закон за образование на возрасните, сите во второ читање.
На 28-та собраниска седница попладнево, покрај Законот за средно стручно образование и обука, беше донесена и одлука за изменување на Одлуката за избор на претседател, членови и заменици членови на Советот на Собранискиот канал.