Земјоделците од Чешиново-Облешево подготвени за селектирање на пластичниот отпад во земјоделството

Општина Чешиново-Облешево е прва во Источниот плански регион во која почнува селектирањето и собирањето на пластичниот отпад од земјоделството.

Во рамки на проектот „Селектирај пластичен отпад од земјоделството и дај свој придонес за борба против климатските промени" што го спроведува Здружението за екологија и заштита на животната средина „Еко Тим Исток" од Кочани, реализирани се средби со земјоделските производители на кои е укажано на штетното влијание на пластичниот отпад од земјоделството.

На инфосредбите е објаснет системот за собирање и правилно постапување со пластичниот отпад од земјоделството што беше интегриран во изминатиот период со поставување на соодветни садови за селекција на пет локации во општината.

– Земјоделците дадоа целосна поддршка и подготвеност за проектот, при што се согласија дека пластичниот отпад од земјоделството е сериозен и долгогодишен проблем, а со поставувањето на специјализираните контејнери може да се реши, односно амабалажата и најлонот да завршат на соодветно место. Притоа беше побарано да се постават уште наменски садови за собирање за да можат што поголем број жители на општината да ги користат и да учествуваат во грижата за животната средина, истакна Ирена Мирчовска, координаторка на проектот.

За само еден месец од поставувањето на садовите за селекција, проектниот партнер „Екопроект-Ко" од Кочани подигнал 57 килограми пластична амбалажа од земјоделски препарати и 120 килограми најлон.

Проектот во Чешиново-Облешево е дел од подгрантовата програма на проектот „Да зборуваме за климатските промени" што го имплементираат Еко-свест, ЦНВП Македонија и ДЕМ, а е финансиран од Европската Унија./МИА

Вкупно 23 мигранти се водат како исчезнати откако со чамец тргнале од Тунис за Италија

Околу 23 мигранти се водат како исчезнати откако со чамец тргнале од Тунис кон Италија, соопшти денеска Националната гарда.

Од Националната гарда посочија дека распоредиле спасувачки единици и ја информирале морнарицата да помогне во потрагата по исчезнатите.

Тунис се соочува со миграциска криза и ја замени Либија како главна појдовна точка за луѓето кои бегаат од сиромаштијата и конфликтите во Африка и Блискиот Исток со надеж за подобар живот во Европа./МИА

Во Англија на фудбалери помлади од 11 години ќе им биде забрането да играат со глава

На децата во Англија ќе им биде забрането да играат фудбал со глава во обид да се подобри нивната безбедност.

Фудбалската асоцијација (ФА) објави дека ќе започне постепено да забранува удари со глава на сите тимски натпревари за деца на возраст од 11 години и помали. Идејата беше тестирана околу две години. Намерниот удар со глава ќе биде казнет со индиректен слободен удар.

Децата од 7 до 9 години ќе престанат да играат со глава од следната сезона, до 10 години - од сезоната 2025/26, а до 11 години - од сезоната 2026/27. Почнувајќи од 12-годишна возраст, ќе биде дозволено играње со глава.

- Продолжуваме да играме водечка улога во оценувањето и подобрувањето на безбедноста на фудбалот. Нашата цел е, меѓу другото, да создадеме поголема техничка способност за играчите да играат со топката во нивните нозе, да обезбедиме поефикасно користење на времето за играње и да го намалиме времето кога топката е во воздух за време на натпреварот, објави ФА во соопштението.

Мерката доаѓа во време на истражување кое сугерира дека поранешните фудбалери имаат поголема веројатност да умрат од проблеми со мозокот отколку пошироката јавност. На пример, професионалните фудбалери имаат три и пол пати поголеми шанси да умрат од деменција отколку просечниот човек на иста возраст, објавија студиите. /МИА

Научната фела бара стратегија за надминување на проблеми со недостиг на лекари специјалисти

Недостасуваат педијатри, гинеколози, има дефицит на патолози, се поголем број млади лекари заминуваат во странство, а државата останува без кадар.

Доктор Џенгис Јашар како патолог, кој учествува на дводневната студентска конференција на Универзитетот „Гоце Делчев" Штип посочува дека е дефицитарен и кадарот, кога се во прашање и микробиологијата, биохемијата и слично. Смета дека ова се должи на тоа што за студентите не се атрактивни одредени медицинки гранки од една страна, а од друга страна нема начин и мотивација, како да бидат интересни со што младите ќе ги изберат и ќе останат да работат во државата.

-Дел од гранките во медицината, ќе ја вклучам тука и миктобиологијата, биохемијата во оваа средина не се доволно ценети и не се атрактивни. Во последно време има голем дефицит на педијатри, гинеколози, поедини интернистички гранки и слично. Во суштина со тек на време дефициентните гранки ќе бидат се позастапени, вели Јашар.

Универзитетскиот професор на Факултетот за медицински науки, Билјана Ефтимова вели дека во болниците недостигаат и анестезиолози, бидејќи се помалку ова како гранка е атрактивно за младите. Сепак, има и такви кои ја бираат и добиваат мотив за да продолжат понатаму, бидејќи станува збор за тешка и одговорна медицинска гранка.

-Јас мислам дека тие вака им е интересно и сами се мотивираат во операциската сала. Голем дел од студентите сакаат да бираат теми од нашата област и ги менторираме нив и стимулираме да ја одберат како гранка иако е многу тешка, вели Ефтимова.

Факултетот за медицински науки при УГД Штип има три студиски програми и околку 3000 активни студенти. Лекари, професори и студенти веќе два дена се дел од третиот студентски конгрес.

притисни ентер