Заврши опоменувањето, Комисијата за заштита од конкуренција ќе казнува

Комисијата за заштита на конкуренцијата е комплетирана и од почетокот на годинава може да казнува и со 20.000 евра за пронајдени договори за нефер трговски практики.. 

Наместо до 40% како досега, со Законот за нефер трговски практики рабатот и трошоците за складирање, чување, рекламирање, маркетинг на над 2500 производи се ограничува на 10% – објаснува заменик министерот за економија Марјан Ристески. По 3 месечен мониторинг, со почетокот на годината започна и казнувањето за прекршување на Законот. Договорите меѓу добавувачите и трговците се веќе направени, а онаму каде Комисијата за заштита од конкуренција би утврдила нивно непочитување, казните ќе изнесуваат и до 20.000 евра.

„Опфатени се 2546 производи по тарифен број,а се утврдени претходно 26 нефер трговски практики и тоа ќе биде строга контрола. Инаку комисијата ќе може да влезе во фирмите, да ги проверува договорите по дојава. Се она што ќе биде констатирано како неправилност може да биде и казнето, казната е висока 20.000 евра. Со овој закон очекуваме во иднина да се направи навистина едно регулирање на односот помеѓу добавувачите и трговците на мало и големо и очекувам дека на еден подолг рок ќе имаме стабилизирање на цените, односно ќе биде во интерес на крајните купувачи односно на граѓаните на Македонија.“

Покрај намалување на малопродажната цена на производите, спроед Ристески законот ќе овозможи голем број македонски производители да имаат рамноправна позиција со големите брендови при истакнувањето низ продавниците. Законот е изработен по примерот на Словенија, Хрватска и Бугарија и за прв пат се носи во земјава.

До 15 јануари трае и владината мерка „Помалку трошоци-повеќе за тебе“ или Новогодишната кошничка, со која самите трговци иницираа за најмалку 10% пониски цени да продаваат над 1000 производи. Сепак, граѓаните алармираа оти дел од трговците пред почетокот на мерката ги зголемиле цените на производите, за што премиерот Мицкоски најави жестоки реакции и можно замрзнување на цените.

Сирискиот министер за надворешни работи во официјална посета во ОАЕ

Новоназначениот министер за надворешни работи на Сирија, Асад Хасан Ал Шибани, пристигна во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) како дел од регионална турнеја што ги вклучи Саудиска Арабија и Катар.

Ал Шибани е придружуван од министерот за одбрана Мурхаф Абу Касра и шефот на разузнавачките служби Анас Хатаб. За време на посетата, Ал Шибани изрази надеж за градење на „конструктивни односи“ меѓу Сирија и ОАЕ.

Сириските власти бараат поддршка од земјите од Персискиот Залив за обновата на земјата по повеќе од 13 години војна. Емиратите беа меѓу првите што го поддржаа враќањето на Сирија во Арапската лига во 2023 година. /МИА

Зеленски: Прво договор со Трамп, потоа преговори со Путин

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека прво сака да се сретне со идниот американски колега Доналд Трамп за да договорат мировен план пред да започнат какви било преговори со рускиот лидер Владимир Путин.

- Прво со Трамп. Ќе се договориме со него како да ја завршиме војната, како да го запреме Путин, изјави Зеленски во тричасовно интервју со американскиот поткастер Лекс Фридман. Тој нагласи дека е „многу важно Европа да има глас“ во овие дискусии.

Зеленски смета дека гаранциите за безбедност на Украина ќе бидат ефикасни само доколку ги обезбедат САД, нагласувајќи: „Без САД, гаранции за безбедност не се возможни. Такви гаранции се потребни за да се спречи руска агресија.“

Украинскиот претседател истакна дека предложил замрзнати руски средства во вредност од 300 милијарди долари да бидат искористени за купување американско оружје, пренесува Укринформ./МИА

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод Божиќ

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод големиот христијански празник Христовото раѓање – Божиќ.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот христијански празник Божиќ, упати честитка до сите граѓани кои го прославуваат денот на Христовото раѓање, до архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана Прима, господин господин Стефан и до претседателот на Црковното претставништво на Евангелско – методистичката црква, Емил Заев.

Почитувани,

Имам особено задоволство и чест на сите граѓани кои го прославуваат денот на Христовото раѓање, да ви го честитам големиот христијански празник – Божиќ и да ви посакам да го поминете во добро здравје, исполнети со радост и среќа.

Божиќ беше, е и останува за навек возвишен и светол христијански празник, симбол на животот, љубовта, почитта и солидарноста.

Христовото раѓање нè учи и инспирира како да сакаме, да шириме мир и хармонија, да им помагаме на беспомошните, безрезервно да даваме поткрепа и нудиме утеха.

Божиќ ја симболизира животворноста на верата и надежта, како суштински за човековата природа.

Да ги отвориме и на овој божиќен ден срцата за сите луѓе, да се обидеме да ја разбереме сечија потреба за среќа, да придонесеме за општествената благосостојба. Да го послушаме пастирскиот повик на Македонската православна црква и да влеземе во божјите храмови за да ја засилиме личната и националната духовност.

Христос се роди!

Гордана Сиљановска-Давкова

притисни ентер