Затворена скопската зоолошка градина поради птичји грип кај угината гуска

Наместо полно плато со дечиња во редица кои исчекуваат да влезат и да ги видат животните, денеска граѓаните налетаа на затворена врата каде што ги пречека ова известување кое што вели поради техничко оперативни работи  дека зоолошката не работи

А, позади затворената врата десетина вработени од АХВ облечени во скафандери и со маски со пушки усмртија 35 птици, а дел од нив живи ги складираа во канти за отпадоци, што може да се види од видеата што ги испратија од ЗОО - Скопје

Атмосфера – пукање, фрлање и фаќање на гуски

Од АХВ преку соопштение информираа дека причината за ваквата постапка е детектиран високопатоген птичји грип Х5Н1 кај угината гуска што била пронајдена мртва во езерцето во Зоолошката... Според протоколите, зоолошката ќе остане затворена за посетители три недели започнувајќи од денеска, период во кој ќе се врши дезинфекција, испитување на другите птици и зголемување мерките за да се спречи ширењето на вирусот.

Во текот на денешниот ден од страна на надлежен официјален ветеринар спроведен е надзор во Зоолошката градина и наредени се мерки за надзор на болеста, а извршено е хумано убивање и нештетно отстранување на следните видови птици: 24 патки, 6 гуски, 5 кокошки и една чавка која била присутна на локацијата. Наредени се мерки согласно законот за ветеринарно здравство и правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на болеста Авијарна инфлуенца. – АХВ

Од ЗОО Скопје пак остро реагираа за денешното случување и најавија кривични пријави за директорот на АХВ и оние, како што велат кои упаднале во зоолошката без никаков налог, решение или доказ и маскарирале птици.

Без образложение, овие лица по наредба на директорот на АХВ, а без доказ до овој момент убија десетици птици кои слободно се шетаа во зоолошката градина. Станува збор за украсни видови на шатки и гуски кои живеат во градскиот парк, а имаат природен пристап во зоолошката градина од градскиот парк. Целта на оваа секташка политика е да се предизвика нов измислен проблем и да се обезбеди алиби за затваре на ЗОО Скопје со цел наштетување на угледот. – Стои во соопштението на ЗОО – Скопје.

Пред зоолошката градина беше и зооактивистиот и советник во Град Скопје – Стефан Кирков, кој вели дека уште пред неколку дена угинале неколку птици кои се однесени на испитување во АХВ. Додека пак екс-директорот на ова институција – Ѓорѓи Галетановски, вели се надева дека биле запазени сите протоколи.

Последните случаеви на појава на овој вид птичји грип, АХВ ги регистрирала пред 2 години, во виничко, штипско и скопско Злокуќани.. од таму велат дека станува збор за болест предизвикана од вирусот на грип/инфлуенца тип „A“, која може да предизвика големи загуби во живинарската индустрија и ограничувања во увозот и извозот на живи птици и производи од живина.

На аеродромот во Тирана регистрирана рекордна бројка патници

На аеродромот во Тирана регистрирана рекордна бројка патници, до година во функција и аеродромот во Валона.

Албанската вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергетика Белинда Балуку информираше дека на аеродромот во Тирана регистрирана е рекордна бројка патници и најави дека до година во функција ќе биде и новиот аеродром во Валона.

- На меѓународниот аеродром „Мајка Тереза“ за девет месеци регистрирани се 8,25 милиони патници или 53,7 отсто повеќе споредено со истиот период минатата година. Туристичките текови ги надминаа очекувањата поставени на почетокот на годината и во секој поглед истата е рекордна, изјави Балуку.

Таа додаде дека прогнозите за бројот на патници на аеродромот до крајот на годината се 10,4 милиони патници и изрази уверување дека и оваа бројка ќе биде надмината.

- Предвидуваме дека годината ќе заврши со 69.000 летови, кои во текот на годината се рамномерно распоредени. Има зголемување и на бројот на нови дестинации кон Европа на 136, наспроти 109 колку што имаше во 2023 година, посочи министерката.

Таа најави дека следната година ќе биде пуштен во употреба новиот аеродром во приморскиот град Валона, со што Албанија ќе добие еден од најголемите аеродроми во регионот со писта од категорија Е, долга 3,2 километри.

- Очекуваме да имаме прекуокеански летови, кои ќе придонесат во зголемување на бројот на туристи кои доаѓаат од таму, посочи Балуку.

Рита Ора во солзи не може да ја отпее песната што ја сними со Пејн!!!

Музичката ѕвезда Рита Ора настапи во Јапонија, а за време на изведбата на песната што ја сними со починатиот пејач  Лиам Пејн, заврши во солзи и не можеше да пее.

Пејачката настапи по веста дека Пејн починал, а заедно со него сними дует за филмот „Fifty Shades Freed“.

„Не можам да го пеам ова во моментов“, рече Ора за време на изведбата на „За тебе“ додека во позадина беше прикажана фотографија од неа и Лиам.

Пред тоа, пејачката се огласи на социјалните мрежи за да се збогува со пејачот.

„Уништена сум. Имаше најпрекрасна душа, никогаш нема да го заборавам. Многу сакав да работам со него, беше вистинско задоволство да се биде со него на сцената но и надвор од неа. Оваа трагична вест ми го скрши срцето. Нашата песна „За тебе“ сега добива сосема ново значење за мене“, напиша Ора.

Г7: Иран да престане да ги поддржува Хамас, Хезболах и Хутите

Г7 апелира Иран да се воздржи од давање поддршка на Хамас, Хезболах, Хутите и другите недржавни актери.

Министрите за одбрана на Групата седум индустриски најразвиени земји (Г7) денеска упатија апел до Иран да престане да ја поддржува палестинската група Хамас, но и нејзините сојузници – Хезболах во Либан и Хутите во Јемен, кои се ангажирани на фронтовите против Израел.

- Г7 апелира Иран да се воздржи од давање поддршка на Хамас, Хезболах, Хутите и другите недржавни актери, како и од преземање какви било дополнителни мерки кои би можеле да го дестабилизираат регионот и да иницираат процес на „неконтролирана“ ескалација, се наведува во заедничката изјава по состанокот во Неапол.

Министрите повикаа и на „значително и одржливо зголемување“ на хуманитарната помош за Појасот Газа.

- Земјите од Г7 се обединети во нивната поддршка за потребата од итен прекин на огнот во Газа, ослободување на сите заложници, значително и одржливо зголемување на протокот на хуманитарна помош низ Појасот Газа и пат кон решение со две држави, се наведува во заедничка изјава.

Министрите ја потврдија својата „непоколеблива“ поддршка за Украина, вклучително и воена поддршка.

- Ја потврдуваме нашата непоколеблива поддршка за слободата, суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина, сè додека е потребно. Ја нагласуваме нашата намера да продолжиме да обезбедуваме помош за Украина, вклучително и воена, на краток и долг рок, се додава во заедничката изјава.

Земји-членки на Г7 се САД, Франција, Германија, Италија, Канада, Велика Британија и Јапонија.

притисни ентер