Запалена е куќата на двојниот убиец од Црна Гора

Во пожар синоќа изгоре куќата на осомничениот за двојно убиство Алија Балијагиќ.

„Вијести“ дознава дека пожарот избувнал околу два часа по полноќ.

Од полициската управа за „Вијести“ ја потврдија информацијата, објаснувајќи дека се води истрага и дека причината за пожарот ќе се знае по вештачењето.

Балијагиќ беше уапсен во четвртокот наутро недалеку од Прибој, Србија.

Тој е осомничен за двојното убиство на Јован и Миленко Маџгаљ кај Бијело Поље и по него се трагаше од 25 октомври.

Мурињо ги отфрли гласините за Роналдо во Фенербахче: Тоа е смешно

Многу светски медиуми завчера пишуваа дека Жозе Мурињо го контактирал Кристијано Роналдо и го прашал дали ќе му се придружи во Фенербахче по истекот на договорот со Ал Наср.

Било посочено дека стрелецот на 68 гола во 79 натпревари за клубот од Саудиска Арабија наводно е подготвен да се врати во Европа, но доколку тоа се случи, се чини дека во моментов нема комбинации кои повторно ги спојуваат Мурињо и Роналдо.

Во текстовите кои ја објавија веста пишуваше дека Мурињо му се јавил на Роналдо, го прашал дали е среќен во Саудиска Арабија и дали сака да замине. Наводно го прашал и дали ќе дојде во Фенербахче. Мурињо тоа го демантира.

"Вестите за Кристијано Роналдо и Фенербахче се смешни. Кристијано може да дојде во Истанбул на ручек бидејќи е на половина пат помеѓу Саудиска Арабија и Португалија. А можеби ќе дојде да го види својот стар пријател Жозе. Ќе јадеме во мојот хотел", рече Мурињо. .

Фенербахче, е турскиот рекордер со 28 освоени првенствени титули. Мурињо го водеше Роналдо низ дел од кариерата во Реал Мадрид.

Русите сменија генерал- лажел за напредувањето на трупите во Доњецк

Русија смени висок командант од функцијата поради лажни тврдења за напредокот на војната во делови од источна Украина, објавија руските медиуми.

Генерал-полковник Генадиј Анашкин, командантот на групата Јужни сили, е разрешен откако дал погрешни информации за рускиот напредок во близина на населбата Сиверск во источниот регион Доњецк, пренесе Си-Ен-Ен.

Руските медиуми ја објавија смената на Анашкин, повикувајќи се на неименувани извори во руското Министерство за одбрана кои рекоа дека тој бил отстранет како дел од планираната ротација. Нема официјална потврда од руските власти.

Некои воени блогери тврдат дека лажните извештаи на неколку команданти за ситуацијата на теренот довеле до големи загуби меѓу руските единици.

Руското Министерство за одбрана не ги коментира извештаите.

Во Уругвај се одржуваат неизвесни претседателски избори

По предизборната кампања во Уругвај која помина без жестоки конфликти, се предвидува тесна трка пред изборите меѓу левичарскиот кандидат Јаманду Орси и конзервативецот Алваро Делгадо од владејачката партија.

Иако Орси беше малку понапред според последните анкети, преовладува мислењето дека кандидатите имаат изедначени шанси.

Одлучувачки фактор ќе биде привлекувањето на гласовите на поддржувачите на кандидатите елиминирани во првиот круг. Околу 2,7 милиони луѓе излегуваат на гласање во јужноамериканската земја каде гласањето е задолжително.

Популарниот актуелен претседател Луис Лакал Поу, според Уставот, не можеше повторно да се кандидира.

Иако политичкиот живот во Латинска Америка се карактеризира со силна поларизација, политичко насилство и авторитарни тенденции, Уругвај се смета за модел на демократска земја.

Левичарот Орси, доколку победи, има намера да се бори против сиромаштијата и да преземе решителни мерки против корупцијата. Конзервативецот Делгадо најави планови за продолжување на политиките на актуелната влада и намалување на бирократскиот апарат.

Според анкетите, Уругвајците најмногу се загрижени за безбедноста, економската ситуација и работните места. Од враќањето на демократијата пред 40 години, владите на десниот и левиот центар наизменично се менуваа на власт.

Без разлика на исходот од изборите, радикални промени не се очекуваат.

„Граѓаните не сакаат длабоки промени, туку само мали прилагодувања“, вели Маријана Помиес, директор на агенцијата за истражување на јавното мислење Цифра, во интервју за весникот „Ел Обсервадор“.

притисни ентер