Западниот Балкан старее, младите мигрираат поради економски причини, но и поради корупцијата

Се случува егзодус на наслението од земјите од Западен Балкан, младите се иселуваат, општествата стареат. Демографските промени веќе не се мит, туку реалност. 

Причините за „бегањето" на младите се економски, но на тоа влијае и постоечката корупција во државите. Кога Македонија ќе стане членка на ЕУ, во првите неколку години сите „ќе избегаат" надвор. Денес повеќе отколку во текот на првиот бран на мигрантската криза во 2016 година, мигрантите се искористуваат од страна на организирани криминални групи за нивни профити.

Ова главно беше констатирано на денешната презентација на двата документа за јавни политики „Мигрантски движења и сузбивање на организираниот криминал во Југоисточна Европа: Зајакнување на идното вклучување на ЕУ-3ападен Балкан" и „Емиграција и демографска промена во Југоисточна Европа" во организација на Институтот за демократија „Социетас Цивилис".

Никица Колар од Хрватска, еден од авторите на документот од истражувањето „Емиграција и демографска промена во Југоисточна Европа", појаснувајќи дека анализата се однесува на миграциите од Западен Балкан кон земјите од ЕУ, нагласи дека промената на демографската состојба е до такви мерки, што тоа веќе не е мит, туку мачна реалност што не очекува и која потенцијално ќе ги девастира овие општества.

Во изминатите пет до седум години, предупредува тој, се случува егзодус на населението, пред се на млади лица, а последица од тоа е стареење на целокупните општества. Според него, најмногу мигрираат младите од Србија, Хрватска и од Босна и Херцеговина. Колар оценува дека младите „бегаат" од овие земји затоа што не можат да добијат работа согласно нивното образование.

Нашата држава, според него, се уште не е во првите три држави во однос на миграцијата на младите, затоа што се уште не е членка на ЕУ. Кога ќе влезе во ЕУ, подвлекува тој, првите неколку години сите ќе „избегаат" надвор, тоа и се случи на Естонија и делумно на Словенија, особено на Хрватска од која во период од пет до шест години се иселија до 200 илјади лица, најмногу млади.

– Сето ова доведува до ситуација општествата да стануваат општества на стари луѓе, сиромашни земји без работници, рече Колар.

Причините за миграциите, според него, генерално може да се каже дека се економски односно неможноста за вработување, нискиот животен стандард… Германија, како што нагласи, е најатрактивна, затоа што им недостига работна сила, а интересни се и Австрија и Ирска.

– Но, нашата анализа покажува дека дури и да се променат економските причини, како на пример во Србија, со доаѓањето инвестиции, да се подобри стандардот, а исто така и во Хрватска, ништо нема да се промени, туку оди кон уште полошо. Треба да се воспостави владеење на правото, со што ќе може да се случат некакви поместувања во однос на корупцијата, изјави Никица Колар.

Во анализата, Колар препорачува дека за решавање на ова прашање не можеме да се потпреме на водечките политички партии, туку дека се потребни граѓански иницијативи, НВО или нови политички партии, за да го решаваат прашањето со притисок врз Владите.

Јелка Клеменц, од Институтот за интегративно управување со внатрешната безбедност во Љубљана и автор на документот „Мигрантски движења и сузбивање на организираниот криминал во Југоисточна Европа: Зајакнување на идното вклучување на ЕУ-3ападен Балкан" говореше за искористувањето на луѓето мигранти кои се на пат кон ЕУ од страна на организираните криминални групи за свои профити.

– Се занимавам повеќе со криминалната компонента, бидејќи денес повеќе отколку во првата мигрантска криза што ја имавме 2016 година, има се повеќе криминал што ги искористува мигрантите и ранливата популација во регионот, рече Клеменц.

Таа додаде дека работи на полето на криминалистичките полиции на државите од Западен Балкан за сузбивање на илегалните миграции и организираниот криминал, како што е криумчарење луѓе и употреба на фалсификувани документи.

– Мислам дека криумчарењето на луѓе е првиот предизвик што треба да се препознае, но да се препознае и неговото влијание на стравот на локалните заедници во регионот и во ЕУ, бидејќи се тоа за што денес говориме има големо влијание на односот на ЕУ кон Западен Балкан и обратно. Потребно е да се напарви многу повеќе видлива соработката меѓу ЕУ и Западен Балкан на тоа подрачје, за да се види дека Западниот Балкан не е толку закана за безбедноста на ЕУ, колку што е партнер, порача Јелка Клеменц.

Структурата на националноста на мигрантите, кои денес се на пат кон ЕУ и се жртви на криумчарење, не е променета од 2016 година, а тоа се најмногу државјани од Пакистан, Авганистан, Ирак и Сомалија. /МИА.

Велигденско јајце – симбол на Христовото Воскресение

 Вапсањето црвени јајца за Велигден е најраспространетата традиција во сиот христијански свет.

Вапсањето започнува денеска на Велики Четврток. Домаќините, рано наутро, пред изгревањето на Сонцето ги бојадисуваат првите три црвени Велигденски јајца.

- Оваа црковна традиција потекнува од првиот век по Христа, односно тоа се практикувало уште во времето на светите апостоли – христовите ученици и нивните наследници. За тоа ни сведочи Светото Предание. Велигденското јајце е старо колку и Христијанството, вели за МИА професорот на Богословскиот факултет во Скопје, Ратомир Грозданоски.

Објаснувајќи го значењето на црвеното јајце и зошто е земено за традиција, Грозданоски појаснува дека велигденското јајце црквата го прифатила во својата традиција и практика како симбол на Христовото воскресение. Првите Христијани и современици на апостолите почнале да вапцуваат јајца и да ги подаруваат на Велигден, поздравувјаќи се со радосниот поздрав Христос Воскресе! На тоа отпоздравувале: Вистина воскресе!

Така поздравувајќи се, првиот ја соопштува веста за Христовото воскресение, додека вториот ја потврдува, а всушност и двајцата ја исповедуваат својата вера во Воскресението. Оваа практика и до ден -денес е запазена во Светото Православие, па верниците со овој поздрав се поздравуваат се до Вознесението Христово, Спасовден.

Црвената боја има симболика на победа. Нејзиното значење на овој голем Христијански празник е дека Господ Исус Христос со своето воскресение ја победил смртта. Црвената боја ја претставува божјата сила и моќ, а воедно ја симболизира и Христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите луѓе на земјава. Бојата на јајцето не потсетува и на крвта Христова и на спасението.

[Новиот коронавирус беше една од темите на денешниот состанок на Светиот синод на Грчката православна црква и соопштуваат дека „причестувањето не може да биде причина за пренесување на болести]

Според хронологијата на Христовите настани забележани во Евангелието се знае дека на Велики Четврток, Господ Исус Христос на Тајната вечера ја востановил Светата тајна Причест (Евхаристија), земајќи ги за основа лебот и црвеното вино, кои се претвораат во Христовото тело и крв. Оваа света тајна – Евхаристијата е дадена за спасение на луѓето, а за основа ја има Христовата крв. Затоа црвената боја, симболизирајќи ја Христовата крв од светата причесна ги украсува и Велигденските јајца.

Како што бојадисаните црвени јајца од Велики Четврток се јасна најава на блискоста до Велигден, така и тогаш, на Велики Четврток на Тајната вечера, Христос јасно најавил и кажал дека наскоро ќе биде предаден, ќе пострада и ќе воскресне.

– Според Светото Предание, се смета дека Марија Магдалена, една од жените мироносици прва го започнала овој обичај за Велигденските црвени јајца, вели Грозданоски, говорејќи за почетокот на традицијата на вапцување велигденски јајца.

Се вели дека Марија Магдалена наскоро по Христовото вознесение (Спасовден) го напуштила Ерусалим и тргнала по светот да го проповеда Евангелието. Во Рим таа побарала да појде и кај римскиот император Тивериј, со цел да му раскаже на царот за Господа Исуса Христа. На средбата, таа на царот најнапред му подарила едно црвено јајце и го поздравила со зборовите: Христос Воскресе. Потоа му раскажала за се што ги учел Христос, за неговите добри дела и чуда што ги правел на луѓето.

Следејќи го нејзиниот пример, првите христијани започнале да си подаруваат црвени јајца на празникот Велигден и притоа да се поздравуваат: Христос Воскресе – Вистина Воскресе!

Православните христијани на Велигден подарувајќи си црвено јајце еден на друг или кршејќи се со него, всушност го симболизираат Христовото Воскресение и нашето спасение: победата над смртта – смрт на смртта. Затоа, овој обичај е израз на вера во Христовото Воскресение и вера во воскресение на мртвите. Тоа е надежта во спасението и идниот живот. /МИА

Пронајдено лице пријавено за изгубено во Парк - шумата Водно

Регионалниот Центар за управување со кризи - Скопје информира дека на бројот 112, вчера во 15:23 часот била добиена пријава за изгубено лице во Парк - шумата Водно.

Веднаш биле известени надлежните за нивна понатамошна постапка, по што лицето било пронајдено за околу еден час.

- Од полициската станица - Карпош во 16:34 часот во ЦУК, добиена е информација дека лице од Водно е на пат за градот, пишува во денешното соопштение на Центарот за управување со кризи.

Уставниот суд ќе ја одржи 15. седница

Уставниот суд  денеска ќе ја одржи 15. седница, на чиј дневен ред се седум иницијативи за оценување на уставност и законитост и четири предлози за одлучување со нацрт-одлуки.

Меѓу нив и предметот во кој е оспорен член од Законот за Академија за судии и јавни обвинители кој се однесува на бодирањето од усниот дел од испитот при прием на нови слушатели.

Подносители на иницијативата се Александар Огненовски, адвокат од Скопје и Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“- Скопје

Според наводите во двете пооделно поднесени иницијативи со извршената измена во членот 45 став 13, и тоа во делот на измена на бројот „30“ со бројот „35“ се врши измена на бодовите кои се однесуваат на усниот дел од практичниот испит, кој е дел од целокупниот приемен испит за почетна обука на слушатели во Академијата за судии и јавни обвинители, информираат од Уставниот суд.

Подносителите на иницијативите сметаат дека законодавецот во ист член од еден закон овозможува збирот од писмениот и усниот дел од практичниот испит предвиден во ставовите 9 и 13 од член 45 од оспорениот закон, да изнесува вкупно 105 бода, што се во спротивност со вкупниот број на бодови кој го предвидел во практичниот дел од приемниот испит во ставот 14, а кој вкупно изнесува 100 бода и на овој начин практично е оневозможена примената на овој дел од Законот во делот на бодувањето на усниот дел од приемниот испит. Со ваквата измена на оспорениот член, подносителите на иницијативите сметаат дека законодавецот создал правна несигурност кај учесниците/кандидатите за прием на почетна обука во Академијата, при добивањето на крајната оцена од приемниот испит која се добива преку пресметување на аритметичкиот збир од бодовите кои ќе се добијат од двата дела на приемниот испит.

На дневниот ред се иницијативата со која е оспорен член 88 став 8 и 9 од Законот за дивечот и ловството, поднесена од Игорчо Точев. Во иницијативата се наведува дека членувањето на службените лица во Прекршочната комисија не може да се смета за нивен дополнителен ангажман туку претставува нивна работна обврска за чиешто извршување добиваат надомест во вид на плата за извршена работа, а не дополнителен надоместок во вид на награда што е спротивно на начелото на владеење на правото.

На денешната седница се и предметите оформени по иницијатива од Уставниот суд, а се однесуваат за член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Делчево („Службен гласник на Општина Делчево“ бр.16 од 23.11.2006 г.), за член 26 алинеја 5 и Глава VIII точка 9 „Автентично толкување на општ акт“ членовите 107, 108, 109 и 110 од Деловникот на Советот на Општина Дебар бр.07-312/3 од 8.08.2005 година („Службен гласник на општина Дебар” бр. 4 од 11.08.2005), за член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Oпштина Карпош бр.07-1299/2 од 13.03.2006 година („Службен гласник на Oпштина Карпош“ бр.3/2006), за член 15 алинеја 3 од Деловникот за работата на Советот на Општина Чашка бр. 08-913/5 од 30.06.2022 година и иницијативата за член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општината Центар Жупа бр. 07-315/4 од 28.06.2007 година („Службен гласник на Општина Центар Жупа” бр. 03/2007).

притисни ентер