Заев и Анѓушев до почесните конзули на Конференцијата во МНР: Ова е неповторливо време, следна членка сме на НАТО

Премиерот Зоран Заев, придружуван од вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев денеска присуствуваше на Конференција на почесни конзули на Македонија, што се одржа во МНР.

На конференцијата присуствуваа почесни конзули од повеќе континенти и држави, од САД, Австралија, Индија, Индонезија, Германија, Италија, Холандија, Унгарија, Романија, Турција, Казахстан, Словенија, Хрватска, Јордан, Сирија...

Премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев имаа свои обраќања во рамки на Конференцијата. Двајцата го истакнаа значајниот интеграциски период во којшто се наоѓа Република Северна Македонија, како и отворените економските перспективи коишто веќе даваат првични резултати, а има и потреба и простор да бидат интензивирани.

„Ова е неповторливо време за земјата“, оцени премиерот Заев во дискусијата со почесните конзули, посочувајќи на заокружувањето на интеграцискиот процес во НАТО и очекувањата за почеток на преговорите со ЕУ како можност и за економски развој.

„Очекуваме, не подоцна од оваа година, дека конечно ќе добиеме позитивна одлука од Европската унија, бидејќи скоро 14 и пол години чекаме одлука за почеток на преговорите со ЕУ, што е многу важно за нас. Главниот проблем што `не спречуваше во минатото беше прашањето со Грција, но сега по решението постои многу мотивација внатре во земјата што резултираше со огромен успех во реформскиот процес, заедно со опозицијата. Донесовме и нови регулативи коишто се потврдени од Европската комисија и даваат многу јасна препорака да се почнат преговори со ЕУ. Исто така би сакале да го продолжиме овој моментум на мотивација во нашава земја и да продолжиме со позитивната насока што е многу важно за животот, директно има влијание врз економската состојба, врз животот на граѓаните, но и врз целиот поширок регион во Западен Балкан“, рече премиерот Заев.

Тој посочи дека Република Северна Македонија е следната земја членка на НАТО, што оди во прилог на економскиот развој.

„За нас, НАТО значи стабилност и безбедност, што е многу важно и за секој инвеститор, тоа е минимумот што го очекуваат, како би одлучиле да инвестираат во земјава. Тоа ќе го оствариме преку процесот на интегрирањето во НАТО. Очекуваме дека од наредната, 2020 година ќе бидеме полноправна земја членка на НАТО. Не очекуваме никакви пречки или поплаки од некои од земјите членки, сепак тоа е процес што мора да биде потврден низ парламентите на секоја земја членка на НАТО. И секако тука е Европската унија којашто за нас значи поголема трансформација и подобрување на демократските состојби и станување на вистинска европска земја со европски вредности. Во моментов очекуваме позитивна одлука од Европската унија, за да се одржи и нашата мотивација, да продолжиме да работиме и да се движиме во оваа насока. Да го започнеме процесот на преговори со ЕУ – тоа е едно патешествие кое што ќе нѐ трансформира да станеме подобра земја, а ќе ни даде и поголема мотивација за идната економска соработка на Република Северна Македонија со другите земји од светот. Некој нѐ нарече светлечка земја, ѕвезда на Балканот, што е еден вид и потврда за амбиентот за чувството во Европската унија, затоа што ние навистина работиме напорно заедно со опозицијата, изгласавме многу нови закони и регулативи и мислам дека тоа ќе придонесе позитивно кон нашата држава, особено регулативите поврзани со правосудството, со борбата против корупцијата, како и подобрување на безбедноста на државата. И тоа исто така ќе мотивира уште повеќе бизнисмени и граѓани да работат уште подобро во Република Северна Македонија“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев се заблагодари на почесните конзули за сѐ што прават во подобрувањето на имиџот на земјата и повика во претстојниот период посебно да партиципираат во позитивните процеси, во економските придобивки и развојот на државата. Во обраќањето тој на кратко објасни за досегашните економски постигнувања коишто се значително поголеми од претходните години, поради севкупната позитивна клима во државата, за поддршката што ја дава државава на фирмите, за даночните олеснувања со коишто тие може да работат профитабилно, одржливо и безбедно, а дека за граѓаните и за нашата земја тоа значи поголемо производство дома и повеќе работни места.

„Позитивни работи се случуваат во нашата држава. Го цениме вашиот ангажман и ќе продолжиме да ве мотивираме во таа насока. Имате одговорна работа, за нашата земја да биде добро место за живеење со бенефити за граѓаните“ рече, меѓу другото, во обраќањето, премиерот Заев на Конференцијата со почесните конзули.

Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, посочи на таргетот на владините политики и на економската дипломатија, коишто се пред сѐ во насока да се привлечат компании со висок технолошки развој и добри плати, за да се мотивираат младите луѓе и стручните кадри, да останат да работат во нашата држава.

„Ако претходно таргетот беше ставен и сите ние слушавме дека се привлекуваат странски инвестиции, на тоа дека ќе дојдат тука и ќе работат за 12.000 денара, ние не смееме повеќе да го правиме тоа. Нашата цел е да привлечеме странски инвестиции или компании коишто ќе бидат од повисок степен на технолошки развој, а не да ја базираат својата активност само на евтина работна рака. Најважно е да тие работни места што ќе бидат креирани, да бидат такви да бараат фабрики со 300-400-500 вработени, меѓутоа да бидат со висок степен на капитал, да бидат капитално интензивни инвестиции, бидејќи тие што вработуваат 4-5 илјади луѓе, нивната инвестиција е 10-15 милиони евра, а се базираат на евтина работна сила и се трудо-интензивни како дејности, за разлика од овие инвестиции во последните години и можам тука да ги кажам како добри примери Герешајмер, Баумер, Дура итн. Тие се со својот капитал и со своите инвестиции 60-70-100-150 милиони евра, а вработуваат 300-400-500 вработени, но таму платите дозволуваат додадената вредност на тие компании да бидат над просекот во нашата држава и тоа е тоа што ни треба, бидејќи ние не очекуваме тие компании коишто ќе дојдат во Северна Македонија за инженери и високо стручни кадри, дека ќе ги дадат платите што се во Германија, но очекуваме да дадат барем 40-50 проценти од тие плати, а во тој случај за инженер во нашата држава платата би била 1000-1500 евра и со таква плата тие би биле задоволни, би можеме да ги задржат младите луѓе. Значи очекуваме дека платата треба да биде нешто од величината меѓу 500-800 евра што за нашите вработени би биле атрактивни, а од друга страна и тие ќе го најдат својот интерес бидејќи во тие високо развиени земји секаде е проблем да се најде веќе работна рака и наместо да извезуваме луѓе во тие земји како што се случува во последните години, ние да извезуваме производи. Да не извезуваме деца во другите држави, туку да извезуваме производи“ рече вицепремиерот Анѓушев.

Тој посочи дека се преземаат чекори да се преадаптира и образовниот систем којшто ќе одговара на потребите на стопанството.

„Формулата за тоа е тие инвеститори во нашата држава ги дадат овие плати за коишто зборував и тие ќе имаат бенефит, но и овие наши млади луѓе ќе останат во нашата држава и ќе можат да продолжат да го живеат својот живот и да формираат семејство итн. бидејќи одливот на млади луѓе јас го гледам како најголема опасност. Од таа страна ние направивме и чекори за прилагодување на образовниот систем којшто имаше сериозна диспропорција на тоа што образовниот систем генерира како кадар и тоа што се потребите на економијата” посочи заменикот на претседателот на Владата, Анѓушев.

На Конференцијата, почесните конзули добија и одговори на поставени прашања до премиерот Заев и до вицепремиерот задолжен за економски прашања, Анѓушев, се наведува во соопштението на Владата.

Аналитичарите сметаат дека оваа кампања не донела ништо ново за гласачите

Спротиставени концепти и ветувања кои во реалност тешко дека би се оствариле. Вака дел од аналитичарите гледаат на изборната кампања за двојните избори.

Аналитичарот Благојче Атанасовски вели дека ветувањата се големи, од независно судство и ефикасна администрација, до капитални и инфраструктурни проекти, но неиздржливи за кондицијата на македонскиот буџет.

-Што се однесува до програмите на политичките партии мислам дека тие се едни те исти преповторени во измнитатите 30 години на македонската повеќепартиска независна демократија од аспект дека сите ветуваат независно судство, независна и ефикасна администрација, и секогаш кога ќе заврши четиригодишниот мандат без разлика дали станува збор за СДСМ или ВМРО ДПМНЕ гледаме дека ни 20-30 проценти од програмите не се исполнети односно тоа ни укажува дека даваат тотално нереални ветувања,- изјави – Благојче Атанасовски – Аналитичар .

Според комуникологот Бојан Кордалов вториот дел од кампањата остава впечаток како да е се решено во првиот круг од претседателските избори. Сепак кај граѓаните вели, големи се очекувањата дали ќе ги исполнат дадените ветувања.

-Видовме една кампања во вториот круг во која се препушти се како да е однапред познато, како целиот исход однапред да се знае, што во одредена мера е очекувано, меѓутоа во 21 век е, дигитализација, се стои и се се памети а влогот е навистина голем и она што се ветуваше во двата кампуса ќе треба да се направи особено од оние што треба да ја направат идната влада,- изјави – Бојан Кордалов – Комуниколог.

Ниту оваа изборна кампања не помина без провокации и меѓусебни обвинувања и кај македонскиот и кај албанскиот политички кампус. И Атанасовски и Кордалов се согласуваат дека иако се потпишаа кодекси за фер избори, на крајот на денот преовладувала негативната кампања која нема им да донесе глас повеќе на контото на партиите.

-Тоа значи само оцрнување на противникот, еден вид на задоволување на сопственото гласачко тело, а не придобивање плус гласови од неопределените. Мислам дека неопределените гласачи сакаат да слушнат многу позитивни работи доколку би го дале својот глас,- изјави – Благојче Атанасовски – Аналитичар.

-Политичките партии, особено оние што водеа масовна црна кампања си ја научија лекцијата. Се надевам дека ќе имаат шанса да се предомислат ипоправат во иднина а тоа е дека црната кампања не носи добивка. Тоа е дека црната кампања и заплашувањето ако се променат работите дека ќе настане потоп не даваат резултати. Единственото нешто кое ги врзува луѓето, граѓаните, всушност е надежта, е ветувањето дека нешто ќе направите подобро во интерес на граѓаните и ставање на луѓето во прв план,- изјави – Бојан Кордалов – Комуниколог .

Изборната кампања која започна со првиот круг на претседателските избори, а потоа и за парламентарните, по повеќе од еден месец завршува вечерва на полноќ.

Партиите и кандидатите „растрчани“ на последниот ден од кампањата

Партиите ги испраќаат последните политички пораки пред почетокот на изборниот молк. 

Сите повикаа на масовна излезност и ги презентираа своите аргументи зошто граѓаните треба да гласаат за нив. Доминираат пораките за обединување. И од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ ја потенцираат важноста на двојните избори во среда за правецот во кој ќе се движи Македонија.

Од СДСМ порачаа дека секој глас е скапоцен и важен за да се продолжи европскиот пат со заедништво и соживот.

-Секој од вас е важен за да продолжиме по нашиот пат кон ЕУ. Пред седум години излеговме од сенките на поделеноста и заробената држава, но национализмот и изолацијата повторно демнат на нашиот праг. Тоа не треба да не' плаши бидејќи ние ја имаме моќта да одлучуваме за нашата судбина. Секој од нас сноси одговорност, никој не е изоставен. Без разлика дали сте земјоделци, учители, доктори или студенти - вашиот глас е важен, изјави Фатмир Битиќи, коносител во ИЕ 2 од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ повикаа на сплотеност и семакедонско единство, за како што велат, горда и достоинствена Македонија.

-За два дена граѓаните ќе имаат можност да избираат помеѓу Македонија понижена, ограбена, опустошена, опљачкана и Македонија горда, достоинствена, Македонија која што се гради и во која што важат законите за сите подеднакво. Затоа од овде, од патриотско Карбинци повикувам на сплотеност, на обединетост, на семакедонско единство, на сеопштествено единство, на национално единство, изјави Драган Ковачки, носител во ИЕ 3 од ВМРО-ДПМНЕ.

Од Движењето ЗНАМ ги повикаа граѓаните по сопствено убедување да гласаат за претседателските кандидати во вториот круг. Партискиот лидер Максим Димитриевски ги повтори условите на ЗНАМ за евентуален влез во Влада, меѓу кои се и дефинирање на црвени линии за заштита на националните интереси, одложена примена на уставните амандмани, борба со криминалот и корупцијата. Разговори за коалиција, тврди, досега немале ниту со ВМРО-ДПМНЕ, ниту со ВЛЕН, прво ќе ги чекаат изборните резултати.

-До овој момент најодговорно тврдам дека ниту еден претставни на Движење ЗНАМ нема водено никави разговори по основ на било какви коалиции со било кој политички субјект. За жал ние подадовме рака кон раководството на СДСМ со одредени барања, но не успеаја да се надминат самите себеси...Дополнително немаме разговорано ниту со ВМРО-ДПМНЕ, ниту со било кој друг политички субјект во државата. Ќе ги почекаме изборните резултати, па ќе ги донесеме нашите одлуки, изјави Максим Димитриевски.

Од албанската коалицијата Вреди, соопштија дека околу 10 илјади граѓани од дијаспората ќе гласаат на изборите на 8 мај. Дел биле организирани самоиницијативно, дел преку нивните организации. Велат дека ВЛЕН не одат на бојкот за претседателските избори и ги повикаа нивните гласачи да излезат и да гласаат.

-На 8-ми мај ќе се случи народот заедно со дијаспората да се заокружи целиот овој процес со промена, ново мнозинство, нова Влада, со враќање на надежта кај младите... Не одиме на бојкот за претседателските избори, ги повикуваме нашите гласачи да гласаат. За кого ќе гласаат мислам дека ние ги немаме во џеб, тие се гласови кои што гласаа со убедување, и пак ќе гласаат како што е нивното убедување за подобриот кандидат“, вели Изет Меџити, носител во ИЕ 1 на ВРЕДИ.

Завршните митинзи на двете најголеми македонски партии вечерва ќе бидат во различни градови. Коалицијата на СДСМ и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски пораките ќе ги испратат во Скопје, додека коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и нивната кандидатка Гордана Силјаноска Давкова ќе бидат во Прилеп.

На полноќ завршува кампањата за претседателските и парламентарните избори

Вечерва на полноќ настапува молкот за парламентарните и вториот круг од претседателските избори.

Утре гласа дијаспората, но само за претседателските избори, бидејќи нема доволен број пријавени за избор на пратеници, додека за избор на шеф за државата и за парламентарните избори гласаат болните и изнемоштените, затворениците, лицата во старските домови чиј што број според посебниот извод во Избирачкиот список изнесува 2140, како и лицата во установи за вон семејна грижа – 534 избирачи .

Во среда, на 8-ми мај, пак, во вториот круг од претседателските избори право на глас имаат 1.814.317 избирачи, додека на парламентарните избори 1.815.350 избирачи. Разликата во гласовите е 1033, најмногу поради граѓани кои стекнуваат полнолетство.

Гласањето ќе се одвива во 3480 избирачки места и почнува во 7 часот, а завршува во 19 часот. Од ДИК во изјава за Канал 5 велат дека се подготвени за изборниот процес, а проблемите кои се појавија во првиот круг со фингерпринт апаратите уверуваат дека се надминале.

„ ДИК преку своите изборни органи е целосно подготвена за спроведување на изборите за осми мај, сите проблеми кои што од технички аспект беа појавени од првиот круг од претседателските избори се надминуваа уште тогаш во од и очекуваме дека сега нема да се соочуваме со такви проблеми нормално доклку истите се појават преку совите стручни лица ДИК е подготвена да одвговори и на тие предизвици. “-Радица Тодоровска Алексовска - портпаролка на Државната изборна комисија.

Како што претходно одлучи ДИК, секој гласач на осми мај ќе може само еднаш да оди на избирачкото место каде од членовите на избирачкиот одбор за биометриска идентификација ќе биде прашан за кој вид на избори сакаат да гласаат односно, дали ќе гласа само за претседателските, само парламентарните или и за двата вида избори.

„ Бидејќи ќе нема право по втор пат да се врати гласачот ќе мора на лице место да одлучи за кој тип на избори ќе сака да гласа. “-Радица Тодоровска Алексовска - портпаролка на Државната изборна комисија.

За шеф на државата во вториот круг ќе биде избран кандидатот кој ќе добие мнозинство гласови од избирачите кои гласале доколку гласале повеќе од 40 проценти од избирачите, односно 725.727 гласачи.. Доколку потребниот цензус не се постигне, се повторува целата изборна постапка.

притисни ентер