За средниот век и Гоце Делчев ќе се усогласуваат македонските и бугарските експерти

Периодот на средниот век и ликот и делото на Гоце Делчев ќе се најдат на маса денеска и утре на состанокот на Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија, која овој пат ќе заседава во Софија.

Како што имнформираа од Комисијата, нејзините членови ќе се разговараат за утврдување на препораки до владите и соодветните министерства на двете држави за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение според бугарскиот образовен систем и седмо одделение според македонскиот образовен систем, коишто ги опфаќаат средновековниот период од историјата, како и за евентуално заедничко чествување на Гоце Делчев.

Средбата е продолжение на претходната, која се одржа во Скопје во јуни. Ова е четврта средба на Комисијата оваа година, а до крајот на годината се предвидени уште две средби.

Од досегашните шест средби до владите на двете земји се препорачани заеднички чествувања на Св.Кирил и Методиј, Св.Климент, Св.Наум и Цар Самоил, како и препораки за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во Република Северна Македонија и петти клас во Република Бугарија кои се однесуваат на античкиот период од минатото.

Препораките до двете влади за периодот на антиката за учебниците од петто одделение во бугарскиот образовен систем и за шесто во македонскиот образовен систем беа усвоени на последиот состанок, што се одржа на почетокот на јуни во Скопје.

Гоце Делчев беше тешкото прашање на последната средба во јуни, а тогаш претседавачот од македонска страна Драги Ѓоргиев и бугарскиот претседавач Ангел Димитров напоменаа дека за одредени работи експертите од двете земји постигнале согласност во однос на личноста и делото на Делчев, но за одредени, нивните мислења се спротивставувале.

Димитров изрази увереност дека доколку се продолжи со овој конструктивен пристап на состаноците на коишто се почитуваат фактите и се има правилен пристап кон историјата, со сигурност ќе се најде заеднички јазик за заедничко чествување на Гоце Делчев.

-Уверен сум дека има простор и основа да најдеме разбирање ако се однесуваме сериозно кон историските факти и документација, со почитување на позицијата на другиот. На тој начин ќе стигнеме до она што во моментов на некои им изгледа далечно, рече Димитров по јунскиот состанок.

Целта на состаноците, како што велат од Комисијата, е да се изврши денационализација и деполитизација на минатото. Комисијата е формирана на паритетна основа за решавање на историските и образовни отворени прашања, согласно со член 8 став 2 од Договорот за добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија, потпишан на 2 август 2017 година. Има по седум членови од двете држави, претседател од македонска страна е Ѓоргиев, а од бугарска Димитров – првиот амбасадор на Бугарија во земјава. /МИА

Во Кенија евакуирани туристи поради поплави, 170 загинати од март

Метеоролошкиот завод на Кенија предупреди дека се очекуваат нови дождови оваа недела.

Стотици туристи денеска се евакуирани од десетици хотели, апартмани и кампови откако пукнаа брани во националниот резерват Масаи Мара поради поплавите во кои загинаа повеќе од 170 луѓе низ Кенија од почетокот на сезоната на дождови во средината на март.

Црвениот крст на Кенија соопшти дека спасил 61 лице од резерватот, кој е популарна туристичка дестинација за годишната миграција на диви пчели од Серенгети во Танзанија.

Метеоролошкиот завод на Кенија предупреди дека се очекуваат нови дождови оваа недела, откако во понеделникот пукна брана во градот Маи Махи во округот Накуру, при што загинаа 48 луѓе, а над 80 се водат како исчезнати./МИА

Почнува уписот на првачиња за учебната 2024/2025 година

 Во основните училишта во државава во мај ќе се спроведува запишување ученици во прво одделение. Родителот односно старателот е должен во основно училиште да го запише детето кое до крајот на календарската година ќе наполни шест години.

По исклучок детето може да се запише во прво одделение доколку наполни шест години до 31 јануари наредната година, по претходно барање од родителот, односно старателот, и добиено мислење од педагогот или психологот во училиштето.

Родителот односно старателот има право да го запише детето во основното училиште во реонот во кој живее или каде што постојано престојува. Основното училиште е должно да ги опфати учениците од својот реон. На барање на родителот и доколку има соглсност од училиштето, како и слободни места, детето може да се запише и во училиште што не е во неговиот реон на живеење.

Хамас бара Израел да ги појасни своите услови за прекин на огнот

Милитантната група Хамас денеска побара од Катар и Египет, како посредници во преговорите со Израел, да ги појаснат условите на израелската делегација за договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците.

Официјален претставник запознаен со преговорите изјави за „Тајмс оф Израел“ дека Хамас сака јасни услови за безусловно враќање на раселените Палестинци во северниот дел на Газа.

Хамас, исто така, сака да обезбеди дека втората фаза од договорот ќе вклучува разговори за постепено и целосно повлекување на израелските трупи од Појасот Газа.

Во моменталниот договор не е објаснето на кого и кога би било дозволено да се врати во северниот дел на Газа.

Досегашниот договор меѓу Хамас и Израел, во неколку фази, вклучува ослободување на 33 заложници и во замена за прекин на борбите и ослободување на стотици палестински затвореници од израелските затвори. /МИА

притисни ентер