За еден месец изгорени над 400 хектари шума во Националниот парк Шар Планина

 За еден месец на подрачјето на Националниот парк Шар Планина изгореле над 400 хектари, а од тоа најголема површина е зафатена во само два пожари над село Селце, кои траеја шест дена, информираа денеска од НП Шар Планина.  

Како установа потрошиле 80 илјади денари материјални средства, а штетите по изгубена дрвна маса и друга вегетација сè уште не се пресметани. Не се калкулирани трошоците на другите државни институции. Иако најчесто пожарите се случиле во близина на населени места и приватни имоти, во само неколку исклучоци локалното население и сопствениците излегле да ги заштитат шумите од пожари.

- Зимата е пократка, летото е подолго и симптоматично е што пожарите се појавуваат со поголем интензитет и почесто. Очигледно е дека условите се менуваат, а за справување со вакви екстреми немаме модел затоа што се потпираме на искуства. Јавната Установа Национален Парк Шар Планина е релативно нова институција и токму на самите почетоци е вистинско време да се прилагодиме да не се фокусираме само на досегашните искуства, туку да се фокусираме и на тоа што може да се случи, истакна на прес-конференција Ибрахим Дехари од НП Шар Планина.

За унапредување на можностите на НП за интервенции кај нив има тековна обука за справување со шумски пожари од страна на Шумарската служба на Соединетите Американски Држави. Денеска е последниот, практичен дел од обуката. Преку тактики за воспоставување директна или индиректна линија за справување со пожар вежбаат и дискутираме можни сценарија за справување со пожар при различен тип вегетација и различна топографија.

- Шумарската Служба на Соединетите Американски Држави има повеќе од 100 годишно искуство во справување со шумски пожари и на Шар Планина се веќе една недела. Група од експерти ни помагаат да воспоставиме систем на ефикасно справување со пожари на територијата на Паркот преку подготовка на план за справување со пожари и интензивна теоретска и практична обука за сите вработени. Обуката се однесува на протоколарно постапување при инциденти, до планирање и тактики за справување со пожари на отворено, комуникација, употреба на алати, следење на временска прогноза како и безбедност при работа. На обуката учествуваа и претставници на ЦУК, ДЗС и против пожарната територијална единица од Гостивар како и неколку локални волонтери со цел да се зајакне меѓуинституционалниот пристап при справување со вакви катастрофи, рече Дехари.

Ваквите соработки и комуникација во мирни услови, а не во услови на кризни настани, се од особена важност за приближување на ставовите и можно заедничко интервенирање во иднина. Особен акцент бил ставен на потребата од едукација и превенција и затоа во иднина ќе имаат заеднички институционален пристап, па така уште еднаш потсетуваат дека палење оган е недозволено и неодговорно однесување.

- Со помош на неколку различни донатори нашите институционални капацитети се подобруваат. Така и последната донација од пумпа и десет против пожарни комплети облека, рачен алат и една грбна дувалка добиени од ОБСЕ ни се од огромна важност за поефикасно и побезбедно справување со пожарите. Шумските екосистеми обезбедуваат услуги за природата и за општеството, ја регулираат климата преку апсорпција на јаглерод, ја поддржуваат биолошката разновидност и живеалиштата, вршат регулација на водите и спречување на поплави и ерозија, обезбедуваат ресурси како дрво и лековити растенија, можности за рекреација, културни и духовни вредности и даваат придонес за квалитетот на воздухот и водата, посочи Дехари.

Од НП Шар Планина потсетуваат дека е забрането е палење на оган на отворен простор во шума и на друго земјиште на растојание најмалку од 200 метри од работ на шумата како и на законските последици со кои можат да се соочат граѓаните и правните лица.

Рангник го одби Баерн

Селекторот на австриската репрезентација Ралф Рангник одби да ја напушти репрезентацијата за да го преземе Баерн Минхен.

- Со цело срце сум посветен да работам за австриската репрезентација. Неизмерно уживам во мојата работа и планирам да продолжам по патот што го избравме. Сакам да истакнам дека ова не е одбивање на Баерн, туку одлука во корист на мојот тим и нашите заеднички цели. Целосно сме фокусирани на Европското првенство и ќе дадеме максимум за да одиме што подалеку, изјави Рангник, за официјалниот сајт на Фудбалскиот сојуз на Австрија.

Претходно беше објавено дека Рангник би можел да стане нов тренер на Баварците. /МИА

Се враќаат старите цени за осигурување за регистрација на возила

Се враќаат старите цени на осигурувањето при регистрација на возилата. 

Ваква одлука беше донесена откако денеска Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност ја разгледа анализата на Агенцијата за супервизија на осигурувањето. Предлог-одлуката е доставена на усвојување до Владата на Македонија

Освен тоа, Комисијата утврдила и потреба од измени на Тарифата за премии за осигурување и подготвила Предлог-измени во насока на заштита на корисниците.

-Предложените измени се насока на утврдување на опсег од 15% до 30% во кој друштвата за осигурување можат да го определат делот на премијата за вршење дејност на осигурување од автомобилска одговорност, а за секој износ на овие трошоци над 30% да побараат претходна согласност од Агенцијата за супервизија на осигурување. Комисијата е задолжена најдоцна до 30 септември секоја година до Владата да доставува предлог за минимална и максимална стапка на техничка премија за осигурување за следната година. – Министерство за финансии

Од Финансии додаваат дека одлуката е резултат на недостатокот на финансиски анализи од осигурителните компании, кои како единствен аргумент на кој се повикале биле растечките трошоци од работење.

Според анализата на Агенцијата за супервизија, пак, 10 осигурителни компании оствариле добивки за 2023 година, а само една завршила со загуба од работењето.

Поскапувањето на полисата за осигурување стапи на сила од минатата недела и граѓаните плаќаа од 840 па до речиси 1600 денари поскапа цена, во зависност од моќноста на возилото. Дали на тие што веќе платиле по новите цени,сега ќе им бидат вратени парите, во соопштението на финансии одговор нема.

Швајцарија објави дека во оваа фаза Русија не е поканета на мировните преговори за Украина

Швајцарската влада денеска соопшти дека „во оваа фаза“ Русија не е поканета да учествува во разговорите за постигнување мировен договор меѓу Москва и Украина, што ќе се одржат во Швајцарија во средината на јуни.

-Швајцарија е убедена дека Русија треба да биде вклучена во овој процес, се вели во соопштението на владата во Берн.

Се додава дека мировниот процес без Русија е невозможен. /МИА

притисни ентер