За брзо возење санкционирани 369 возачи

Вкупно 369 возачи се санкционирани во текот на вчерашната засилена акциска контрола на територијата на земјава што ја спроведе Министерството за внатрешни работи за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената.

Од нив, како што информира МВР, 24 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а четири возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа 199 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 170 надвор од населено место.

Од МВР најавуваат дека и во наредните денови ќе продолжат сообраќајните контроли и апелираат сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за, како што велат, заеднички да придонесеме за побезбедни патишта.

Саудијците го плаќаат Нејмар половина милијарда евра, синоќа промаши пенал (ВИДЕО)

Ниту во четвртиот натпревар за Ал Хилал, Нејмар не успеа да постигне гол иако имаше идеална можност.

Тој во 37. минута од натпреварот од осмото коло на саудиското првенство против Ал Шабаб шутираше пенал, но го одбрани Ким Сеунг Ѓу. Тоа беше при резултат 0:0, но избраниците на Нејмар до крајот успеаја да победат со 2:0. Нејмар постави три гола на првите четири натпревари за својот нов клуб, но најскапиот фудбалер во историјата и напаѓач се уште нема постигнато гол.

Ал Хилал раскошно го плати ангажманот на Нејмар. На ПСЖ му дава отштета од 90 милиони евра, а Нејмар потпиша на две години за плата од 300 милиони евра. Вкупните трошоци за неговиот ангажман ќе надминат половина милијарда евра, вклучувајќи ги премиите, бонусите и луксузот со кој Саудијците го опсипуваат.

Нејмар доби вила со 25 соби, сауна, базен, осум работници да го чуваат и девет автомобили. Бразилецот пристигна во Саудиска Арабија со авион што му го испрати саудискиот принц Ал Валид бин Талал. Тоа е најлуксузниот Боинг 747-400 со неколку спални соби и златен трон.

Петровска ги посети припадниците на Армијата кои се дел од силите на НАТО во Бугарија

Припадниците на Армијата на Македонија кои се дел од мултинационалните сили на НАТО во Бугарија се на ниво на задачата.

Припадниците на Армијата на Македонија кои се дел од мултинационалните сили на НАТО во Бугарија се на ниво на задачата, мотивирани, посветени и исклучително професионални во остварувањето на единствената заедничка цел – да бидат гарант за безбедноста на секоја педа сојузничка територија, рече министерката Славјанка Петровска по посетата на армискиот вод кој е дел од силите на НАТО во Бугарија, во рамки на активностите на зголемена будност на Алијансата, воведени на вонредниот Самит на НАТО во Брисел во март 2022 година, по руската агресија во Украина. Целта на мисијата е гаранција на безбедноста на целата територија на Алијансата.

Во базата во Ново Село, министерката Петровска им се заблагодари на македонските, но и на бугарските и сите припадници на сојузничките армии кои се дел од мултинационалната група на НАТО во Бугарија за нивниот придонес кон безбедноста на НАТО.

„Чест и задоволство ми е што денеска заедно со мојот колега дојдовме тука да ги посетиме војниците од оваа група, меѓутоа исто така да им обрнеме особено внимание на нашите, на македонските и на бугарските војници. Особено ме радува и информацијата од брифингот кој го имавме од командантот, од успесите кои се забележани, од начинот на којшто двете армии во состав на оваа мултинационална сила заедно функционираат, заедно работат и се разбира заедно ги бранат интересите на НАТО алијансата“, рече министерката Петровска.

Министерката посочи дека сите политички одлуки кои беа донесени во рамките на Алијансата, во однос на безбедноста на НАТО алијансата, денеска војниците го спроведуваат тоа на дело.

„Уште повеќе ме радува што сите оние политички одлуки кои изминатиот период ги носевме во рамките на НАТО алијансата и како гаранција за мирот, безбедноста на секоја педа територија на земјите членки на Алијансата, војниците овде се подготвени тоа да го спроведат на дело. Секое едно вложување и инвестирање во нив значи инвестирање во нашата иднина и во нашата безбедност и затоа ја заслужуваат нашата поддршка“, подвлече министерката.

Бугарскиот министер за одбрана, Тагарев посочи дека во Ново Село со министерката Петровска беа сведоци на реалната примена на концептот за зголемена будност на НАТО и изградбата на мултинационалните борбени групи кои се елементи на капацитетот за одвраќање и одбрана на источното крило на НАТО.

„Овде, придонесуваат со војници седум земји, водечка земја е Италија со многу сериозен капацитет, но секој придонес на наш сојузник кон заштитата на НАТО и нашата територија е ценет, вклучително и на воените лица од Македонија. Јас сум многу благодарен што имам можност заедно со министерката Петровска да присуствуваме овде. Видовте воени лица од двете страни во еден строј, со знамињата, со почит еден кон друг“, рече бугарскиот министер.

Министерот Тагарев посочи дека војниците од двата контингенти одржуваат дневни контакти со кои се гради соработката и капацитетот заедно да ја гарантираме сигурноста на сојузот.

Македонскиот контингент во мултинационалните сили во Бугарија е во големина на еден вод. Во овие сили има над 1.000 припадници од сојузниците Македонија, Бугарија, Албанија, Грција, Црна Гора, Турција и САД, под водство на Италија.

Телата на тројцата убиени Срби во Бањска им се предадени на семејствата

Телата на Стефан Недељковиќ од Звечан,како и Бојан Мијаиловиќ и Игор Миленковиќ од Лепосавиќ,кои загинаа во конфликт со косовската полиција во Бањска на 24 септември денеска им беа предадени на семејствата во Институтот за судска медицина во Приштина.

На преземањето на телата присуствувале адвокатите на семејствата, како и претставници на косовската полиција.

Стефан Недељковиќ ќе биде погребан во Врњачка Бања, а Бојан Мијаиловиќ и Игор Миленковиќ во Лепосавиќ.

На семејствата не им биле врачени обдукциските наоди, иако надлежните приштински власти соопштија дека обдукцијата е завршена.

Недељковиќ, Мијаиловиќ и Миленковиќ беа убиени во конфликт меѓу локалните Срби и косовската полиција на 24 септември, во селото Бањска, на северот на Косово, објави Телеграф.

притисни ентер