Правилното функционирање на судската власт не е од важност само за судиите, адвокатите и обвинителите, туку и за сите граѓани, бидејќи гарантира остварување на правото на праведен и транспарентен начин. Секојдневно сме сведоци на недостаток од независност на судската власт, недостиг на ресурси, влијанија од политиката и континуирано ниска доверба на граѓаните во институциите.
На панел дискусијата „Од теорија до пракса: Како функционира правосудството во Македонија?“, организирана од Либералниот институт Скопје вчера во хотелот „Александар Палас“, присутните говорници се осврнаа на секојдневните предизвици во правосудството и дискутираа како до можни решенија за истите.
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, истакна дека е горда затоа што не поддржала измени на Кривичниот законик кои не ги решаваат вистинските проблеми.
“Иако предложивме измени по примерот на Хрватска за зголемување на релативниот и апсолутниот рок за застареност, овој предлог не наиде на поддршка во Собранието. Но и јас и ЛДП ќе продолжиме да се бориме за исправни законски решенија и повторно ќе ги иницираме овие измени. Апелирам до сите пратеници да дадат поддршка за овие важни измени“, посочи претседателката на ЛДП, Зајкова.
Таа додава дека праксата во Македонија покажува дека наместо одење напред, се движиме наназад. Според Зајкова, токму тоа е причината за поднесувањето на предлог измени на кривичниот законик во делот на застареноста, со цел системски да се реши сторителите да одговараат за делата, наместо предметите да се чуваат во фиоки и делата да застаруваат.
Адвокатот Јанаки Митровски, пак, го посочи поистоветувањето на обвинителите со судиите како сериозен проблем и истакна дека интегритетот на судиите е клучен за функционирање на правниот систем. Митровски изрази критика до Академијата за судии и обвинители поради создавање на нецелисходни врски кои го загрозуваат објективитетот на судиите.
„Академијата за судии и обвинители е одлична идеја, но таа создава проблем во однос на објективноста. Замислете, судиите и обвинителите ја посетуваат академијата заедно, градат врски и пријателства кои на крајот се на штета на правниот систем, но и на правата на обвинетите“, појасни адвокатот Митровски.
Експертот од областа на кривичното право, Зоран Петковиќ, повика на законски измени на Кривичниот законик и усогласување со законодавството на ЕУ, особено со правните системи на Германија и Австрија.
„Апелираме, исто така, на што побрзо враќање на старата одредба за висината на казната за кривичното дело злоупотреба на службена должност и несовесно работење во службата, со што ќе се оневозможи застарување на овие кривични дела и ќе се обезбеди ефикасна правна заштита“, заклучи експертот Петковиќ.
Панел дискусијата беше модерирана од новинарката Славица Арсова Спасовски, додаде дека сите теми кои беа дискутирани на панел дискусијата се особено важни за подобрување на судската власт и правосудниот систем во Македонија.
Либерално-демократска партија