Времен режим на сообраќај од понеделник во Делчево

 Од понеделник започнува рехабилитацијата на делницата од магистралниот пат А3 низ градот Делчево.

Со рехабилитацијата, како што информираат од фирмата изведувач, ГД „Гранит" ќе биде опфатена магистралната улица долж булеварот „Македонија", поради што од понеделник ќе биде воведен изменет режим на сообраќај на споменатиот патен правец.

– Работите ќе се изведуваат согласно измениот режим на сообраќај во 11 фази од крстосница до крстосница и тоа започнувајќи од патниот правец од селото Ѕвегор кон Делчево со затворање на десната коловозна лента и пренасочување на сообраќајот на левата коловозна лента на која за времетраење на работите сообраќајот ќе се одвива двонасочно сѐ до крстосницата со улица „Скопска", известија од „Гранит".

По истиот принцип на пренасочување од крстосница до крстосница, како што додаваат, времениот режим ќе се одвива континуирано на десната коловозна лента на булеварот сѐ до влезот на Делчево, за потоа да се започне со изведување на работите во обратен правец кон село Звегор.

– За воспоставување на времениот режим ќе бидат поставени сообраќајни знаци и опрема со која ќе се води сообраќајот со цел овозможување безбеден и непречен сообраќај за сите учесници. Се апелира до граѓаните да ја почитуваат поставената сигнализација, сообраќајните правила и прописи, да се движат со намалена брзина и зголемена претпазливост, додадоа од „Гранит".

Времениот режим на сообраќај ќе важи до завршувањето на рехабилитацијата на делницата од магистралниот пат А3 низ градот Делчево и магистралната улица булевар „Македонија", за што граѓаните ќе бидат навреме известени.

Судски совет за изјавата на Мицкоски: Судската власт е самостојна и независна

Судската власт е самостојна и независна, секое мешање носи сериозна опасност по демократијата.

Судската власт е самостојна и независна. Секое мешање во судството и во судската власт носи со себе сериозна опасност по демократијата, правната сигурност и владеењето на правото, велат од Судскиот совет на најавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар Христијан Мицкоски дека нивна цел е да го распуштат Судскиот совет и самите судии и обвинители преку тајно гласање да ги избираат своите преставници во Советот.

- Судскиот совет не се впуштa во коментирање и оценка на предизборни програми и ветувања на која било политичка партија, затоа што тоа е крајно несоодветно. Единствено, Судскиот совет укажува дека судската власт како една од трите власти, а не трета власт, е самостојна и независна. Овој факт не го користиме како флоскула и одбранбен механизам. Мора да биде јасно и сите да бидат свесни дека секое мешање во судството и генерално во судската власт на кој било од носителите на другите две власти, носи со себе сериозна опасност за едно демократско општество, правната сигурност и владеењето на правото, како вредности, стандарди и врвни приоритети кон кои како држава се стремиме на патот кон ЕУ, велат од Судскиот совет.

Оттаму нагласуваат дека се свесни за состојбите во судството, за нивото на доверба и за се она што како недостиг се става на товар на судството.

- Критиките ги прифаќаме, меѓутоа, исто така убедени сме дека судството во Република Македонија има капацитет да ги надмине состојбите без реформи и резови за кои никој не може однапред да ги предвиди ефектите кои ќе бидат предизвикани. Реформи заради реформи никому не му се потребни и истите само ќе ги вратат неколку чекори назад процесите и активностите кои Судскиот совет ги превзема во овој период, финансирани и со поддршка на меѓународната заедница преку проекти, а се во насока на подобрување на состојбите во судството и се во напредна фаза. Само тогаш кога политичарите кои доаѓаат и си заминуваат од власт, ќе сфатат дека судската власт е столбот кој останува и не е марионета, ниту инструмент за остварување на нечии интереси, граѓаните ќе добијат судство какво што заслужуваат, нагласуваат од Судскиот совет.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар Мицкоски вчера во обраќање на Самитот „Македонија2025“ рече дека главен предизвик ќе бидат реформите во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители и дека нивна цел е да ги распуштат оние кои довербата во правниот систем ја свеле на едноцифрена бројка проценти и наместо нив, самите судии и обвинители да си ги изберат своите претставници преку тајно гласање.

Мицкоски потенцира дека владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема намера ниту да поставува и предлага свои луѓе преку измени во законот, ниту има намера да се меша во овие две тела.

Отворена изложба „Калиопа Австрија и Македонија, Жените во општеството, културата и науката“

Во Велес отворена изложба „Калиопа Австрија и Македонија, Жените во општеството, културата и наукaта“

Народниот музеј од Велес, во соработка со Австриската амбасада во Ликовниот салон во Велес ја отворија патувачката изложбата со наслов „Калиопа Австрија и Македонија, Жените во општеството, културата и науките“ која е претставена на 12 паноа и една слика реплика од Емили Флеге.

Изложбата ја отворија и за неа говореа Амбасадорот на Австрија во Скопје, Мартин Памер, претставникот на ЕВН во Скопје Волфганг Мајер, чија компанија го финансираше богатиот четиријазичен каталог каде се претставени сите жени од изложбата и директор на Народниот музеј Ангел Коруновски.

На оваа изложба се претставени животните приказни на 48 жени Австријки во последниве 200 години, аристократи, уметници, салонски жени, научници, активисти за женски права, политичари, актерки, музичари, лекари, сценски режисери и новинарки во хронолошка форма. На изложбата се претставени, првите четири македонски ликовни уметнички: Катја Ефтимова, Кераца Висулчева, Лена Стефанова и Борка Аврамова.

Австрискиот Амбасадор Памер истакна дека изложбата е пригода да се потсетиме и регистрираме колку жените напредувале низ годините и што треба да направиме за да обезбедиме еднаквост.

-Низ фотографии и текстови од последните 200 години презентираме австриски жени, кои со голeмитe достигнувања, со храбpоста и борбеноста дале белег за својата земја и ја збогатиле нејзината историја. Тоа се познати писателки, научнички, музичарки, активистки за женски права, политичарки, аристократки, владетелки, уметнички, ќе научиме многу за австриската историја, потенцира амбасадорот Памер.

Во информацијата за МИА, појаснува дека целта на изложбата е да се запознаеме со значајни австриски жени, а во неа се вметнати и четири значајни жени сликарки – Македонки. Целта е да се прикаже борбата на жените и нивната храброст за недискриминација и дека таа борба е успешна и оди понатаму.

-Воедно изложбата ја презентираме во вашата земја и тука во Велес со цел вашите граѓани подетално да се запознаат со историјата на Австрија. Има некои настани кои се познати од историјата, но, главно оваа изложба претставува нешто ново и тоа за жени - австријки кои малку и се познати на вашата јавност а преку нив се запознавате и подетално со Австрија од разни области во подолг период, истакна Палмер.

Воедно потенцира дека двете земји имаат одлична соработка.

-Ние тука имаме многу австриски компании и имаме заедничко минато, културни врски и мостови. Имаме многу ваши граѓани кои жевеат во Виена и Австрија и обратно многу наши граѓани од Австрија кои живеат и работат тука. Мојата цел како Амбасадор и за зацврстување на таа наша соработка, истакна амбасадорот Памер

Воедно потенцира дека со свои пријатели веќе шести пат го посетува Велес, а ја посетил и црквата „Свети Пантелејмон“ и има планови да се запознае и со другите културни и природни знаменитости на Велес и регионот.

Директорот на велешкиот музеј Ангел Коруновски за МИА истакна дека изложбата е насловена по најстарата и најмудрата муза Калиопе и е посветена на австриските и македонските жени како лидери во своите области, како единки кои влијаеле во политиката, културата, образованието.

По Скопје и Велес изложбата ќе биде претставена и во Битола, Охрид и други градови во земјава. /МИА

Инфантино најави голема промена во користењето на ВАР системот

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, ја објави големата вест во врска со употребата на ВАР на конгресот на светската фудбалска федерација во Бангкок. 

Тој изјави дека сега тренерите ќе имаат право да бараат проверка со ВАР системот два пати по натпревар.

-Ќе го развиваме и подобруваме ВАР. Овој систем го користат 65 национални асоцијации, но сега ќе го подобриме. Создадовме поосновна технологија со помалку камери и без судии да одлучуваат, така што е достапен за сите и полесен за имплементација Овој систем веќе се тестира, започна Инфантино.

Тоа ќе функционира така што тренерот на секој тим има право да бара помош од ВАР двапати по натпревар. Ако првобитната одлука на судијата се смени по таквата барана ревизија, тимот што бара преглед сè уште има право на два прегледи.

-Доколку по ваквата барана проверка, ВАР ја потврди одлуката на судијата на теренот, тогаш тимот што го побарал го губи правото на проверка на негово барање, изјави Инфантино. /МИА

притисни ентер