Директорот на ДСЗИ потврди дека инспекторите денеска влегле на клиниката и дека се прават истражувања, а се очекува извештајот да биде готов во текот на утрешниот ден.
Седуммесечното бебе починало пред два дена на скопската Клиника за детски болести. Ова го потврди и директорот на клиниката Реџеп Мемеди, но ги негираше првичните дека бебето било одбиено за хоспитализација и дека било згрижено дури по 48 часа. Тој за Канал 5 објасни дека детето било во исклучително тешка состојба и било суспектно за синдром што зафаќа повеќе органи, мултиорганско затајување кое има прогресивен тек. Таткото на бебето пак, тврди дека детето немало претходни здравствени проблеми, и дека биле одбиени за хоспитализација првиот пат кога отишле на Клиника.
Ова е четврти смртен случај на Детска клиника за неколку месеци. Последен пат, пред месец и пол, почина петгодишно дете поради воспаление на мозокот. Претходно, на клиниката починаа 14-месечно бебе од Скопје и новороденче од Струмица. За смртта на осумдневното бебе од Струмица, директорот на Детска тврдеше дека нема ништо спорно, зашто новороденчето било предвреме родено со мала тежина и со тешка форма на сепса. Државниот санитарен и здравствен инспекторат постапуваше и по овој случај, но не утврди пропусти.
За случајот, со 14 месечното бебе од Скопје, ДСЗИ утврди пропусти во лекувањето поради што по извршениот надзор Детската клиника беше казнета со глоба од 4.000 евра а директорот со 1.200 евра.
Директорот на болницата Мемети тогаш тврдеше дека во изминатите години стапката на смртност била и до трипати поголема за разлика од годинава.