Водата во Македонска Каменица е безбедна за пиење и користење, покажале резултатите

Водата во Македонска Каменица е безбедна за пиење и користење, покажале резултатите од направената анализа.

Јавното претпријатие „Камена Река” ги известува граѓаните на Македонска Каменица дека спроведени анализи на водата за пиење во општина Македонска Каменица покажуваат позитивни резултати, кои потврдуваат дека водоснабдителниот систем обезбедува чиста и здрава вода за пиење.

Анализите, во стандардна и редовна процедура, постојано се вршат во Центарот за јавно здравје, а резултатите од истите, како што се вели во денешното соопштение од претпријатието, потврдуваат дека водата е безбедна за пиење и користење.

- Сите параметри на квалитетот на водата се во рамките на законски утврдени стандарди, што значи дека граѓаните на Македонска Каменица можат да бидат сигурни во здравствената исправност и безбедност на водата што ја користат, информираа од претпријатието.

Јавното претпријатие „Камена Река” и Општина Македонска Каменица, како што додадоа, ќе продолжат континуирано да се залагаат за унапредување на квалитетот на услугите и постојано да инвестираат во подобрување на инфраструктурата за водоснабдување, обезбедувајќи ги највисоките стандарди на квалитетот на водата за пиење.

- За сите дополнителни прашања граѓаните на Македонска Каменица можат да се обратат до Јавното претпријатие каде можат да ги добијат потребните информации, додадоа од ЈП „Камена Река".

Во прилог на нивното соопштение од претпријатието на нивната веб страница ги споделија извештаите од извршените тестирањата и спроведените анализи на примероците со водата за пиење земени од каптиран извор на вода и градските чешми во Македонска Каменица.

Жена од Тексас постави светски рекорд- донирала речиси 13.000 шишенца со свое млеко (ВИДЕО)

Мајка од Тексас, Алис Оглетри постави нов светски рекорд за најголема количина мајчино млеко донирана од поединец.

Оваа мајка на три деца донирала неверојатни 2.645,58 литри млеко до јули 2023 година, соборувајќи го сопствениот рекорд од 2014 година, објави Гинисовата книга на рекорди.

Тогаш, кога првпат го постави светскиот рекорд, донирала 1.569,76 литри. Таа ги испратила сите донации во банката за млеко за мајки во Северен Тексас, а уште повеќе млеко, кое не било вброено во официјалната оценка, донирала на блиски пријателки и на банката за млеко Tiny Treasures.

На прашањето кој е нејзиниот омилен дел од донирањето млеко, Оглетри рече дека „знае дека им помага на другите“.

„Имам големо срце. На крајот на денот, немам многу пари за да продолжам да донирам затоа што имам семејство за издржување. Ако проценката од три бебиња по унца е точна, помогнав на повеќе од 350.000 бебиња“, изјави Оглетри за Гинисовата книга на рекорди.

Сѐ започнало во 2010 година кога го родила својот прв син, кој сега има четиринаесет години. Таа тогаш не знаела дека има можност да донира млеко, сѐ до моментот кога сфатила дека произведува повеќе млеко од вообичаено.

"Премногу лачев и фрлав млеко, несвесна дека хиперпродукцијата е единствена и дека другите мајки се мачеа со недоволно млеко. Нашиот прв син Кајл беше во болница, а јас го полнев замрзнувачот во собата на медицинската сестра. Медицинската сестра ме праша дали размислувам за донирање, што дотогаш не ми паднало на памет и така дознав за таа можност. На крајот донирав сѐ што имав собрано дотогаш и продолжив да донирам некое време", објаснила таа.

Таа продолжила да донира и по раѓањето на другите два сина, и откако еднаш била сурогат мајка.

Германија го одби предлогот на Борел за прекин на дијалогот со Израел

Германија го отфрли предлогот на еврокомесарот за безбедност и надворешна политика, Жозеп Борел, за прекин на политичкиот дијалог со Израел, наведувајќи ги како причина евентуално кршење на човековите права во Газа.

„Прекинувањето на дијалогот со Израел не е од корист за луѓето кои страдаат во Појасот Газа, за заложниците на Хамас, ниту за луѓето во Израел кои се подготвени за дијалог“, се вели во соопштението на германското Министерство за надворешни работи во Берлин, објави Јаху.

Од Берлин беше кажано дека Советот за асоцијација ЕУ-Израел создава „соодветна рамка“ за да разговара со израелската влада за почитување на принципите на хуманитарното меѓународно право.

„Ние сме за тоа да останат отворени каналите за комуникација. Во секој случај тоа важи и за Израел“, се вели во соопштението на МНР.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок реагираше и на претходните предлози на Жозеп Борел да ги стави екстремните израелски министри Безалел Смотрич и Итамар Бен-Гвир на листата на санкции на Европската унија.

„Ако одделни израелски министри го доведуваат во прашање палестинското право да постои, тоа мора да биде санкционирано на ниво на ЕУ“, изјави Баербок за јавниот радиодифузен сервис ЗДФ.

Борел повика на прекин на дијалогот по долгогодишното одбивање на Израел да разговара за хуманитарната ситуација во Појасот Газа на Советот за асоцијација.

Во писмото испратено вчера до министрите за надворешни работи на ЕУ, пред нивниот состанок во понеделник, Борел изрази „сериозна загриженост за можни прекршувања на меѓународното хуманитарно право во Газа“ и рече дека „Израел досега не одговорил доволно на овие грижи“.

За суспензијата ќе биде потребно одобрение од сите 27 земји на ЕУ, што се смета за неверојатно меѓу дипломатите.

Според дипломатски извори, предлогот на Борел има за цел да испрати силен сигнал за загриженост поради однесувањето на Израел во војната.

Дензел Вашингтон за исечената сцена од „Гладијатор 2“ : Мислам дека се исплашија (ВИДЕО)

Дензел Вашингтон глуми во претстојниот епски историски филм на Ридли Скот „Гладијатор II“ како Макринус, богат трговец со оружје и поранешен гладијатор кој планира да ја преземе контролата над Рим.

Како што пренесува Variety, Вашингтон во неодамнешното видео интервју со Гејти открил дека бакнал маж во една сцена за време на снимањето на филмот, но таа сцена била пресечена од последниот рез на филмот. Во сценариото за Гладијатор II се споменува дека Макринус претходно бил во врски со мажи, но се чини дека публиката нема да го види тоа на големото платно.

„Всушност бакнав маж во филмот, но тие ја пресекоа таа сцена, мислам дека беа исплашени“, рекол актерот и додал: „Го бакнав право во уста и се чини дека публиката сè уште не е подготвена за тоа. Го убив пет минути подоцна. Тоа е бакнеж на смртта.“

Да потсетиме, Вашингтон пред неколку дена изненади со веста дека наскоро планира да се пензионира, но пред тоа ќе сними уште неколку филмови. По Макринус во Гладијатор, тој ќе игра неколку иконски шекспировски ликови и ќе се појави во претстојните филмови во режија на Стив Меквин и Рајан Куглер.

"Не знам уште колку филмови ќе снимам. Веројатно не премногу. Сакам да правам работи што не сум ги направил", изјави актерот во неодамнешното интервју за Today Washington.

притисни ентер