Во Велес отворена патувачката изложба за Методија Андонов Ченто

Во организација на Народниот музеј од Велес и Заводот и музеј од Прилеп во Ликовниот салон во Велес беше отворена патувачката изложба посветена на Методија Андонов Ченто насловена „Биографија низ фотографија“, а која лани во јули беше отворена во Прилеп по повод 60 годишнината од неговата смрт.

Авторот на изложбата историчарот кустос Рубин Белчески неколку години го истражувал животот и делото на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ Методија Андонов Ченто.
Изложбата која е претставена на 20 големи паноа содржи над 257 елементи: од кои 224 фотографии,15 документи,15 различни делови од говори на Ченто, мисли, четири текстови и 30 фотографии од споменици и спомен бисти, монети, уметнички дела, поштенски марки и восочната фигура со ликот на Методија Андонов Ченто.
Белчески вели дека тој истражувал и собирал архивски материјали низ повеќе институции, а фотографии и документи добил од семејството на Ченто, на кои им е посебно благодарен.
Воедно најави дека собраниот материјал наскоро ќе излезе и во печатено издание.
- Фотографијата е вистински времеплов која на истражувачот му овозможува контакт со едно минато време. Доколку, пак, се однесува на личност, без разлика кога фотографијата е создадена и дали сме ја познавале личноста или не, таа ни станува препознатлива и драга, а со тоа и емотивно поблиска, воедно буди уште поголем интерес за „запознавање со личноста и нејзинте карактерни особини“.
- Така е и случајот со Ченто, појаснува Белчески.
Воедно потенцира дека читајќи ја литературата за Ченто, не можел да се изначуди за неговата храброст и пожртвуваност, на преголемата желба за слобода и самостојност на Македонија.
- Едноставно, никакви затвори, логори и интернации не можеле да го поколебаат или одвратат во неговата борба за слобода на Македонија. Според тоа што го прочитав, барем десетина пати бил затворан или интерниран. Се разбира, никој не можел да го „превоспита“ воедно ништо не можело да го спречи во истрајноста да се дојде до успех и слобода на Македонија и македонскиот народ, потенцира Белчески за Ченто.
Анита Василкова Мидоска в.д. директор на велешкиот Народен музеј и промотор на изложбата истакна дека во идејната креација на оваа изложба, авторот преку фотографии ги рефлектира животните патеки, судири внатрешни и надворешни борби кои во себе со себе и околу себе ги видел великанот на современата македонска историја Методија Андонов Ченто, нашиот борец, деец и прв претседател на Президиумот на АСНОМ.
- Човекот кој македонската кауза ја одбра за своја животна патека и кој во име на таа кауза не потклекнувајќи и борејќи се за своите идеи го вткаи духот на вечната борба на македонскиот народ и го коваше својот живот низ една „калдрместа патека“ со подеми и падови, потенцира Василкова Мидоска.
Во Велес изложбата ќе биде претставена во наредните две недели.
По Прилеп, Кавадарци, Неготино и Велес, авторот најави дека изложбата ќе ја претстави и во други градови во земјава

Кевин Спејси ги негира новите обвинувања за сексуален напад, наведени во документарен филм

Американскиот актер Кевин Спејси ги отфрли новите обвинувања за сексуално вознемирување, во пресрет на премиерата на новиот документарен филм за него „Spacey Unmasked“ кој треба да биде прикажан следната недела.

Во интервју со поранешниот новинар на GB News, Ден Вутон, Спејси ги негира наводите за сексуално вознемирување и напад, велејќи дека понекогаш „можеби постапувал несоодветно“, но не и незаконски.

„Ја преземам целосната одговорност за моето минато однесување и постапки. Но, не можам и нема да преземам одговорност или да се извинувам на некој што измислил работи за мене или преувеличувал приказни за мене“, рече Спејси, пренесе Би-би-си.

Тој додаде дека никогаш не понудил помош за кариера во замена за сексуални услуги.

„Јас јасно се поврзав со некои мажи кои мислеа дека можат да ги унапредат своите кариери преку однос со мене. Но, немаше врска со мене, сето тоа беше дел од нивниот план, кој секогаш беше предодреден да пропадне бидејќи не бев вклучен во договорот“, изјави актерот.

Актерите Руари Канон и Дени ДеЛило се меѓу оние кои упатуваат нови обвинувања против Спејси во документарецот.

И двајцата во изјави за медиумите зборуваа за непримерното однесување на Спејси кон нив.

На 26 јули минатата година, поротата во судот во Лондон го прогласи Спејси невин за сексуално вознемирување на четворица мажи.

Спејси беше ослободен од девет обвиненија, вклучително и „сексуален напад, поттикнување лице на сексуална активност без согласност и поттикнување лице да се вклучи во пенетративна сексуална активност“.

За време на судењето, Спејси ја негираше вината, велејќи дека „не ја искористил својата моќ за да воведе неименувани мажи во кревет“.

Тој ги опиша обвинувањата како „убод во грб“.

Хутите се заканија дека ќе ги прошират нападите и во Средоземното Море

Јеменските Хути се заканија дека ќе ги прошират нападите врз бродовите кои пловат за Израел до Средоземното Море, по неколкумесечните напади врз бродовите во Црвеното Море.

Во изјавата на воениот портпарол на Хуту, Јахје Сари, се наведува дека ескалацијата ќе стапи на сила „веднаш“, пишува „Тајмс оф Израел“.

Ова, како што е наведено, вклучува таргетирање на сите бродови кои „ја прекршуваат забраната за пловидба кон Израел“ и кои се движат кон пристаништата на „окупирана Палестина“ од Средоземното Море до која било област во дострелот на ракетите.

Хутите претходно се заканија дека ќе ги прошират своите напади кон Индискиот Океан и кон бродовите што пловат низ јужна Африка за да го избегнат јеменскиот брег, но нивниот главен фокус остануваат Црвеното Море и Аденскиот Залив.

Хутите, кои контролираат големи делови од Јемен, вклучително и голем дел од брегот на Црвеното Море, извршија бројни напади со беспилотни летала и ракети врз бродови во Црвеното Море од ноември во знак на солидарност со Палестинците во Појасот Газа.

Нивните напади предизвикаа одмазда од САД и Велика Британија и формирање на меѓународна поморска коалиција за заштита на виталниот трговски пат.

Воените експерти наведуваат дека арсеналот на Хутите вклучува балистички ракети со дострел од 1.600 до 1.900 километри и ирански беспилотни летала Шахед-136 кои можат да патуваат до 2.000 километри.

Земјотрес ноќеска регистриран во Скопје

Земјотрес со јачина од 1,9 степени по Рихтер е регистриран ноќеска во 01:39 часот во Скопје. Епицентарот на земјотресот потекнува од Скопското епицентрално подрачје. 

Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје утринава информира дека земјотресот бил со интензитет од три степени според Европската макросеизмичка скала и дека е почуствуван од населението во Скопје и околината.

притисни ентер