Во Полска се формира „зомби влада“, се очекува да трае 14 дена

 Полскиот претседател Анджеј Дуда официјално го назначи актуелниот премиер Матеуш Моравјецки (ПиС) за претставник на новата влада. Иако премиерот веќе презентираше министерски решенија, се предвидува дека владата ќе има рок од 14 дена.

Моравјецки и неговата партија Право и правда (ПиС) загубија на општите избори на 15 октомври од коалицијата на опозициските партии предводена од Доналд Туск. Иако ПиС е најголемата група во новото свикување на Парламентот со 191 пратеник, опозициските партии имаат вкупно 248 пратеници, што е доволно за формирање влада.

Сепак, претседателот на Полска, кој е наклонет кон ПиС, инсистираше на Моравјецки да му се даде можност да се обиде да формира влада.

„Го исполнуваме уставниот обичај назначувајќи влада што ја претставува групацијата што победи на парламентарните избори. Со радост гледам на премиерот и министрите“, рече Дуда за време на церемонијата во понеделникот.

Меѓутоа, претседателите на Горниот и Долниот дом на Парламентот, кои не се појавија на церемонијата, покажаа дека именувањето на Дуда всушност било фарса.

По формирањето на владата, Моравјецки има рок од две недели да се обиде да ја добие довербата од Парламентот за владината програма. Ако тоа не успее, тогаш Парламентот ќе може да избере кандидат за премиер, улога која најверојатно ќе му припадне на Доналд Туск.

„Владата на премиерот Доналд Туск, во смисла на структура, е 100 отсто завршена“, изјави еден од членовите на Граѓанската коалиција на Туск.

На пленарна седница на 10 јануари дебатата за интерпелациите за Меџити,Тошковски, Исени и Даути

На пленарна седница на 10 јануари треба да почне дебатата за интерпелациите за Меџити, Тошковски, Исени и Даути.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши на денешниот брифинг со новинарите истакна дека интерпелациите поденесени за првиот вицепремиер Изет Меџити, вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, министерот на внатрешни работи Панче Тошковски, заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени и пратеничката и претседателка на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади Иљире Даути се очекува да бидат ставени на пленарната седница која би требало да биде свикана за 10 јануари следната година.

-Најавата е дека на почетокот на јануари ќе биде свикана првата седница и ќе биде околу тоа - интерпелациите. Очекуваме околу 10 јануари, но се уште не е свикана седницата. Ќе бидат ставени на дневен ред како што е по Деловник. Ако има одговори, ќе бидат ставени на дневен ред како што доаѓаат одговорите, а ако не ќе ги ставиме во дневен ред како што доаѓале. Така, што по Деловник ќе работиме. За секоја интерпелација се дискутира цел ден, всушност колку пријавени има за збор. Седницата може да трае, но до крајот на денот мора да се гласа по одредената интерпелација. За секоја интерпелација се дискутира по еден ден и на крајот се гласа посебно за секоја, рече Гаши.

Спикерот на законодавниот дом потенцира дека интерпелациите немаат правна последица и егзекутивна моќ.

-Во однос на ефектот на интерпелациите, интерпелацијата како инструмент нема правна последица и нема егзекутивна моќ. Тоа е повеќе демократска алатка за политичка дискусија околу една тема, околу еден носител на должност или избрано и именувано лице од Собранието, рече тој.

Словенија го одбележува Денот на независноста и единството во спомен на референдумот од 1990 г.

Во Словенија денеска се одбележува Денот на независноста и единството, во чест на настаните од 1990 година, кога словенечкиот Парламент ги објави резултатите од плебисцитот. 

На тој референдум, кој се одржа на 23 декември 1990 година, 88,5 отсто од гласачите со право на глас се изјаснија за отцепување од тогашна Југославија.

Резултатите официјално беа објавени три дена подоцна во парламентот, што означи почеток на подготовките за прогласување независност. Процесот заврши на 25 јуни 1991 година.

Главните свечености по повод државниот празник, кој е неработен ден, се одржаа во претходните денови, вклучително и централната прослава во петокот во „Цанкаревиот дом“ во Љубљана.

Денеска, по повод празникот, претседателската палата во Љубљана ќе биде отворена за посетители од 9 до 16 часот. Пред зградата е построена почесна стража од Словенечката армија, а посетителите ќе ги пречека актуелната претседателка на Словенија, Наташа Пирц Мусар.

Приведен дебранец кој се заканувал на вработени во Општата болница

Полициски службеници од дебарското Одделението за внатрешни работи, во текот на вчерашниот ден лишиле од слобода жител на Дебар, кој претходно ја загрозил безбедноста на вработените во Општата болница со проширена дејност.

- Вчера во 17 часот, на улицата „Борис Кидрич“ во Дебар, лишен од слобода е Р.М.(51) од Дебар, кој претходно, во Општата болница во Дебар го нарушил јавниот ред и мир со викање и со остар предмет ја загрозил безбедноста на вработените. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, информираше денеска Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.

Од болницата го потврдуваат инцидентот, и додаваат дека лицето Р.М. во алкохолизирана состојба влегол во едно од одделенијата и од вработените барал одреден лек и им се заканувал.

- Полициска екипа изврши увид и издадено беше мислење од психијатар, по што лицето е однесено во соодветна институција во Скопје, додаваат од болницата.

Споменатиот дебранец е истото лице кое неодамна беше приведено во Полициската станица во Дебар, поради друг прекршок, каде насилно се однесуваше кон полициските службеници и искрши прозорци на влезната врата на објектот.

притисни ентер