Во петок комеморација за Мирко Попов

Во петок во Македонската филхармонија ќе се одржи комеморација за еден од највлијателните и најуспешни скопски музичари, композитори, текстописци, диџеи, издавачи и продуценти - Мирко Попов. 

Попов почина на 24 март по кусо боледување.

Израснат во Градски ѕид, како што и самиот велеше во неговото „кучкар маало“, почнува да купува плочи и ја засакува музиката уште од основното училиште, што логично резултираше со првите роденденски диџеј сетови во раните 80-ти години на 20тиот век.

Првиот професионален диџеј букинг го добива во 1992 година и оттогаш не престанува со настапи. Истата година добива простор во култното скопско музичко радио „Канал 103“, што е еден од клучните моменти во неговиот развој како личност и музичар. „Слободното изразување, кое е основна филозофија на оваа радио станица може да направи чуда со човек“, велеше Попов. Од 2008-ма до 2010-та е и главен и одговорен уредник на Канал 103.

Во 1993 е во епицентарот на македонската техно-културна револуција, ставајќи го Скопје на мапата на ова современо движење. Канал 103 е главниот катализатор и на овој модерен восклик на новата генерација. Во тој правец се движи и формирањето на ПМГ Колективот во 1995-та од Мирко Попов (и Александра Малевски), како манифест на акцијата која треба да го победи незадоволството од актуелната состојба. ПМГ во следните години ќе прерасне во водечка авангардна сила на скопските улици, одговорна за широк спектар акции во полето на музиката и урбаната култура. Настаните на ПМГ од 90-те се суштината на скопскиот урбан фолклор од тоа време, а Мирко Попов како диџеј, има можност редовно да настапува низ регионот, но и на некои атрактивни европски клупски дестинации.

Во 1998 ја формира ПМГ Рекордингс, дискографска куќа која има намера да ја регистрира и промовира квалитетната музика на новото време, славејќи ја современата култура и исправајќи историски грешки и неправди нанесени на македонската музика од блиското минато. ПМГ Рекордингс денес е водечка независна дискографска куќа во земјата, со над 300 изданија (тука влегуваат и изданијата на под-лејбловите ПМГЏез, ПМГ Танц Дигитал, Con:Tempo и Мкаедониде).

Последните години на минатиот век ги донесоа и првите (хаус, техно и електро) продукции за него, за во 2003-та сето тоа прерасне во бендот ПМГ Колектив (еклектична комбинација на жив и електронски пристап во слободен стил) каде е автор на музика, текстови, вокалист и оператор на машини за звук. Бендот за кратко време прераснува во еден од водечките домашни бендови од првата деценија на новиот век. ПМГ Колектив има издадено 9 албуми и едно издание на најголемите хитови, и отсвирено повеќе македонски и европски турнеи (повеќе од 500 концерти досега).

Беше дел и од култниот електро – џез состав Кантон 6, со кој досега има издадено повеќе е.п. и 3 албуми, како и од опскурниот проект #МакедонидеКру со 6 албуми.

Има издадено албум и неколку е.п изданија, и реализирано концерти со водечкиот македонски џез состав Сетстат. Од 2020 година продуцира, издава и настапува и како соло артист под името Mirko Popov Quartet.

Има остварено повеќе улоги во театарски претстави, како и на филм. Потпишано неколку музики за театар и филм. Режирано радио драма. Сценарист и продуцент е на документарниот филм „103-Љубовно Писмо До Алтернативната Култура” и комплетен автор на музичкиот филм „До Небото Замок”. Продуцент, сценарист и автор е на повеќе од 50 музички видеа.

Автор е на книгата „20 Години те Сакам *Монографија за ПМГ колектив”. Автор е на книгата за деца „Розевата Планета” издадена за Чудна Шума на македонски и албански јазик.

Како музички новинар пишувал текстови во Трн, Реборн, Урбан Магазин, Тротоар, Скопско Метро и др. Објавувал своја проза, поезија и стрипови во Маргина, Лифт, Скопско Метро и др. Заедно со музичарот Владан Дробицки, идеен творец е на џез фестивалот „Крај Вардарот Џез“, беше иницијатор и уредник на неговиот музички проект, платформата „Силата ЕУ младите“.

Претрес во Струмица, приведен осомничен дилер

Струмичката полиција вчера околу пладне во Струмица го лишила од слобода Љ.Ѓ.(46) од овој град. 

При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени кафеава прашкаста материја, црна прашкаста материја, марихуана, бела прашкаста материја, бела грутчеста материја и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело..

Како што информираат денеска од МВР, лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Полска ја зајакнува границата кон Русија и Белорусија

Премиерот на Полска, Доналд Туск денеска изјави дека почна осовременувањето и утврдувањето на источна граница со Белорусија и Русија, за што се наменети 2,3 милијарди евра.

- Тој план за одбрана и одвраќање го нарековме „Штит на Истокот“ … кој ќе нè брани од потенцијалните напади од исток, но пред сè ќе има за цел да го одврати непријателот. Системот на утврдувања, зајакнување, модернизирањето на 400 километри од границата со Русија и Белорусија ќе биде фактор на одвраќање, стратегија да се избрка војната од нашата граница, истакна Туск.

Тој најави дека следната недела ќе објави нови мерки за спречување провокации, саботажи и диверзии во рамките на хибридните напади од Русија и од Белорусија.

Зборуваме за потребата да се изгради силна држава, отпорна на саботажи и саботажи. Полска ќе биде отпорна држава и безмилосна до болка кон секој што ќе се обиде да ја дестабилизира ситуацијата во нашата земја, наведе Туск. Претходната влада на конзервативната партија Право и правда на границата подигна ограда висока повеќе од пет метри за да ги запре мигрантите.

Полска без оглед кој е на власт тоа го третира како руски и белоруски хибриден напад и обид за префрлање на десетици илјади бегалци во Полска со цел да се дестабилизира земјата но и другите членки на Европска Унија./МИА

Евакуирани околу 10.000 луѓе од украинската област Харков

По копнениот напад на руската армија приближно 10.000 луѓе се евакуирани од областа Харков, североисточна Украина.

Гувернерот на Харков, Олег Синегубов наведе дека украинската армија одбила два обиди за пробивање на одбраната во текот на ноќта, но оти ситуацијата е „под контрола“.

Руските сили нападнаа неколку градови, вклучувајќи го и Вовчанск, на само пет километри од границата.

Во периодот од 9 до 15 мај руските сили зазедоа 278 квадратни километри украинска територија, што е најголем напредок од крајот на 2022 година./МИА

притисни ентер