ВМРО-ДПМНЕ бара извинување од претседателскиот кандидат Стево Пендаровски за навредите од негов симпатизер кон Гордана Силјановска Давкова на митингот во Куманово.
-Од другава страна оваа што ја дигаат до небеса, јас ќе ви кажам само едно, од баба невеста не бива. Ако сакате да имате држава и претседател, тоа е човекот. Претседателе да продолжите понатаму, за победа... - митинг на Стево Пендаровски.
Според опозициската партија Пендаровски треба да преземе одговоност бидејќи не реагирал и поттикнувал говор на омраза..
-Пендаровски две недели на митинзи ја подгрева атмосферата на мизогинија и омраза кон Силјановска. Две недели Пендаровски ја навредува Силјановска. Таквата реторика зема корен и кај неговите поддржувачи и активисти, кои охрабрени од него јавно на неговите митинзи со сексистички коментари ја навредуваат Силјановска,- Гордана Димитреска Кочоска – потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ.
Случајот го осудија и од ЛДП кои се дел од владејачката коалиција, а на социјалните мрежи се огласи и сопругата на Пендаровски, Елизабета Ѓорѓиевска која напиша дека осудува секаков вид на говор на омраза, навреди и клевети.
Богданка Кузеска од изборниот штаб на Пендаровски која беше присутна на митингот, на фејсбук напиша дека таму целосно не го слушнала кажаното за Силјановска, со став дека ниту таа ниту Пендаровски не го поддржувале тој коментар.
Од друга страна, од СДСМ бараат извинување токму од Силјановска, поради нејзиниот говор на митингот во Центар синоќа во кој говореше како го запознала Пендаровски на трибина организирана од поранешниот претседател Борис Трајковски, а го спомна и претседателот на СДСМ Ковачевски.
-Мислам дека беше од организацијата на настанот.. Никогаш не говорам за студентите, ама најдобрите никогаш не ги заборавам и за нив секогаш кажувам сè. Не го помнам Стево Пендаровски како студент... Да не зборувам за оној другион.. Не го кажувам неговиот прекар, меѓутоа знам дека не случајно е во женски род,- Гордана Силјановска Давкова – кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Според СДСМ, Силјановска навредува, омаловажува и се заканува на неистомислениците.
-Личните дискредитации за прекари со женски род, навредите за интелектуални капацитети искажани од Силјановска не доликуваат ниту на професор ниту на политичар. Каков е тој професор кој ги навредува студентите? Каков е тој политичар кој наместо да претстави и идеи навредува неистомисленици а со тоа ги навредува и граѓаните,- Даниела Николова – пратеничка на СДСМ.
Кампањата за претседателските избори ќе паузира за точно една недела, во вторник ќе следува изборен молк, а во среда ќе се одржи првиот круг од гласањето.