Властите на Амстердам се решија на драсатичен потег поради премногу туристи од крузерите

Градската управа на Амстердам планира драстично да го намали бројот на речни крузери, на кои ќе им биде дозволено да се закотвуваат во самиот град.

Во рок од пет години бројот на вакви пловни објекти ќе се преполови, соопшти градската управа.

Градските власти проценуваат дека, како резултат на тоа, околу 270.000 туристи помалку ќе го посетуваат Амстердам секоја година. Од 2028 година, во Амстердам ќе можат да се закотвуваат максимум 1.150 бродови годишно, што е голема разлика во однос на 2023 година, кога се закотвиле 2.125 бродови со околу 500.000 патници.

Градските власти се надеваат дека овој потег, покрај намалениот број посетители, ќе влијае и на намаленото загадување на воздухот.

„Поради големиот број туристи, нивните ноќевања во градот, патувањето со автобус и зголемената испорака, крстарењата по реки придонесуваат за застој и создавање на зголемени издувни гасови во градот“, се вели во соопштението на градските власти и се додава дека многу туристите преноќуваат во еден од хотелите во Амстердам пред и по крстарењето.

Тоа е последната во низата мерки на главниот град на Холандија против масовниот туризам. Минатата година Амстердам одлучи да го забрани влезот на големите бродови за крстарење и донесе одредба терминалот да се премести надвор од градот.

ОЦХА: Отстранувањето на експлозивните направи во Појасот Газа ќе трае 14 години

Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (ОЦХА) соопшти дека отстранувањето на бомбите и другите видови неексплодирани смртоносни средства во Појасот Газа може да потрае 14 години.

Според процените на ОН, за време на војната во Појасот Газа настанати се 37,5 милиони тони урнатини, а поголемиот дел од нив е покриен со бомби и други видови муниција кои не експлодирале.

ОЦХА соопшти дека околу два милиони луѓе или половина од населението на Појасот Газа, нашле засолниште во Рафа, но немаат пристапат до основните потреби како што се здравствена заштита, чиста вода и санитарни објекти. /МИА

МП: Дозволена е екстрадицијата на Љупчо Палевски, првоосомничен за убиството на Вања и Панче

Министерството за правда информира дека е добиено  официјално известување дека екстрадицијата на Љупчо Палевски е дозволена.

Турските власти уште во февруари му ветиле на министерот за правда Кренар Лога дека во брзо време во земјава ќе биде екстрадиран Љупчо Палевски Палчо, но иако му бил посочен и рок, тој не сакаше да сподели кога ќе се случи тоа бидејќи се уште траат административните процедури.

Инаку, веќе е завршена судската процедура за Палевски, кој е првоосомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Додека се чека на екстрадицијата на Палевски, од притвор излезе таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, на кого Врховен му ја прифати жалбата, а осомничените за соучесништво Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски остануваат во притвор.

По три месеци поминати во притвор возачот Стефан Димковкси кој го превезуваше Палевски низ Србија Бугарија и Турција, беше пуштен да се брани од слобода и му беа определени мерки на претпазливост.

Зеленски: Украина ќе влезе во НАТО по победата во војната со Русија

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски е убеден дека Украина ќе се приклучи во НАТО по победата во војната со Русија.

Зеленски го изјави ова за време на состанокот со офицери кои минуваат курсеви за професионално воено образование според стандардите на НАТО, со учество на генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

„Според мое лично мислење, ние ќе бидеме во НАТО дури кога ќе победиме“, нагласи Зеленски. /МИА

притисни ентер