Владата на Косово донесе одлука за забрана на ТикТок во јавните институции

Владата на Косово денеска донесе одлука за забрана на апликацијата „ТикТок“ во јавните институции со цел да се елиминираат кибер ризиците.

Заменикот министер за внатрешни работи и јавна управа на Косово, Бардиљ Добра, изјави дека одлуката е превентивна мерка, следејќи ги чекорите на европските земји.

„Рековме дека е дозволено користење на ТикТок на лични уреди, но не и на државниот систем,“ рече тој.

Одлуката е донесена со цел да се елиминираат сајбер ризиците и сите институции се обврзани да ги воспостават потребните технички ограничувања за забрана на TikTok, беше речено по седницата на владата.

Владата на Косово исто така усвои стратегија за борба против дрогата за периодот 2024-2028 година./МИА

Неизвесна судбината на иранската студентка

 Организациите за заштита на човековите права денеска побараа од властите во Иран да ја ослободат приведената жена, која пред два дена во знак на протест против законите за задолжителен хиџаб шеташе по долна облека на Исламскиот универзитет Азад.

„Амнести интернешнл“ (Amnesty International) на платформата Икс сподели видео и повика на итно ослободување на жената, за која тврди дека била „насилно уапсена на 2 ноември, откако ја соблекла облеката во знак на протест против навредливото спроведување на задолжителното превез од страна на безбедносните службеници“.

Специјалната известувачка на Обединети нации за Иран, Маи Сато на Икс во саботата објави дека „внимателно ќе го следи овој инцидент, вклучително и одговорот на властите“.

Идентитетот на жената сè уште не е познат, но портпаролот на Универзитетот Азад изјави дека таа страдала од „ментално растројство“ и е пренесена во „психијатриска болница“.

Иранска добитничка на Нобеловата награда за мир, Наргес Мохамади, која моментално е во затвор во Иран, издаде соопштение во кое истакнува дека е сериозно загрижена за случајот.

- Жените ја плаќаат цената за пркосот, но ние не потклекнуваме пред на сила, истакна Мохамади.

Таа додаде дека студентката која протестираше на Универзитетот го претворила своето тело во симбол на непокор и побара нејзино ослободување и крај на насилството врз жените.

Во меѓувреме, иранските медиуми објавија видео од маж со заматено лице, кој тврди дека е поранешен сопруг на жената и ја замоли јавноста да не го споделува видеото поради нејзините две деца.

Според некои објави на социјалните мрежи жената при апсењето припадниците на моралната полиција ја претепале до смрт.

Голем број Иранци на социјалните мрежи наведоа дека чинот на жената бил намерен протест и го прикажаа дел од движењето „Жена, живот, слобода“ (Women, Life, Free), кое се спротивставува на задолжителното носење на хиџаб. /МИА

Кина поднесе жалба до Светската трговска организација поради дополнителните царини на ЕУ

Властите во Пекинг денеска официјално поднесоа жалба до Светската трговска организација поради дополнителните царини на Европската унија за електричните возила произведени во Кина.

Министерството за трговија на Кина, според сопствените зборови, со жалбата сака да ги заштити развојните интереси на индустријата за електрични возила и смета дека високите царини на Европската унија се пример за трговски протекционизам, пренесува Блумберг.

„Кина смета дека конечната одлука на ЕУ за мерките против субвенционирање нема фактичка и правна основа, дека ги прекршува правилата на Светската трговска организација и претставува злоупотреба на трговските правни лекови“, се вели во соопштението на портпаролот на кинеското министерство.

Официјален Пекинг ја повика Европската унија „да се соочи со своите грешки и веднаш да ги исправи своите незаконски практики“.

Европската комисија одлучи, по неколкумесечна истрага и преговори со кинеската страна, да воведе царини за увоз на електрични возила произведени во Кина, кои стапија на сила на 31 октомври и ќе важат во следните пет години, пренесуваат медиумите. /МИА

Руте: НАТО „ќе остане обединет“ без разлика кој ќе победи на изборите во САД

НАТО ќе остане обединет без разлика кој ќе победи на изборите во САД, рече генералниот секретар на алијансата Марк Руте денеска во Берлин.

„Кој и да победи на тие избори, ќе работиме со Камала Харис, ќе работиме со Доналд Трамп и ќе се погрижиме алијансата да остане обединета“, рече Руте заедно со германскиот канцелар Олаф Шолц.

Руте рече дека „нема сомневање“ дека кој и да победи на изборите ќе продолжи да го поддржува НАТО бидејќи тоа е „во интерес на САД“.

Алијансата беше погодена за време на претседателството на Трамп во 2017-2021 година, бидејќи тој ги критикуваше сојузниците за, како што рече, недоволното трошење./МИА

притисни ентер