Владата на Бугарија го одобри нацрт-договорот со Македонија за железнички тунел „Деве Баир“

Владата на Бугарија го одобри нацрт-договорот со Македонија за изградба на заедничкиот железнички тунел „Деве Баир“.

Владата на Бугарија го одобри нацрт-договорот со Македонија за изградба и работа на прекуграничниот железнички тунел „Деве Баир“, ќе се формира мешовит комитет и ќе се разговара со макеоднската страна за текстот на договорот, соопшти денеска прес-службата на Советот на министри.

Како што пренесува БТА, целта е да се направат јасни обврски и рокови за изградба на железничката врска меѓу Бугарија и Македонија.

- Министерството за транспорт и врски како страна на договорот предлага двете страни да преземат реални активности за реализација на објектот на железничкиот тунел, кој е железничка врска меѓу двете соседни земји. Изградбата на стратешкиот транспортен Коридор VIII е предуслов за комерцијална и индустриска размена, како на билатерална основа меѓу Бугарија и Република Македонија, така и за земјите од регионот, стои во соопштеието.

Договорот предвидува формирање Мешовит комитет кој ќе ги координира сите активности поврзани со изградбата и работењето на тунелот Деве Баир. Министерството за транспорт и врски ќе разговара со Република Македонија за текстот на договорот.

Во декември, стои во информацијата, Министерството за транспорт и врски побара јасни заложби и рокови за изградба на железничката врска меѓу Бугарија и Република Македонија да бидат направени во меѓувладин договор.

За третиот дел од пругата кон Бугарија македонската и бугарската страна досега одржаа две средби, една во Брисел на 16 октомври кога се согласија да одржат редовен дијалог на високо ниво и да формираат заедничка работна група за Коридорот 8 и една во Софија на 31 октомври по која македонската страна објави дека се прифатени нејзините аргументи: да има заеднички проект за да не се гради тунел кој не води никаде, Бугарија да го заврши својот дел од пругата и да се ревидира цената и на самиот проект.

Во повик за планираната трета средба во Скопје Николоски рече дека бугарската страна треба да собере храброст да се затвори ова прашање. - Нашите аргумети се јасни и тие стојат – мора да се направи ревизија на цената, бидејќи е невозможно 560 милиони евра да чини изградба на пруга сосе електрификација. Мора да има заедничко проектирање на потенцијалниот тунел што треба да ги спојува двете држави и да си го завршат нивниот дел од работата, односно да се спојат до граница, рече Николоски, во Собранието на 29 ноември.

Првиот дел од пругата кон Бугарија, од Куманово до Бељаковце, во должина од 31 километар, веќе се заокружува и ќе биде пуштен во употреба во јануари. На вториот дел, од Куманово до Крива Паланка, изградени 27,3 процемти, а рокот е 2026 година.

Маск побара Британија да го ослободи од затвор лидерот на британската крајна десница

Извршниот директор на Платформата Икс, Илон Маск, изјави дека Велика Британија треба да го ослободи од затвор британскиот екстремно десничарски активист Томи Робинсон.

Робинсон, основач на движењето Англиска одбранбена лига, беше осуден на 18 месеци затвор во октомври минатата година поради прекршување на судска наредба, откако прикажа документарен филм во кој имаше клеветнички тврдења за момче бегалец од Сирија.

Маск го сподели документарецот со повеќе од 210 милиони негови следбеници на X.

Робинсон е еден од најпознатите претставници на британската екстремна десница, пишува британски Политико.

Неговите протести во Лондон често привлекуваат илјадници поддржувачи, а тој беше член на Британската национална партија (БНП), а во 2019 година не успеа да освои место во Европскиот парламент.

Адвокатите на момчето, кои го тужеа Робинсон за клевета, рекоа дека лажните тврдења од документарецот имале катастрофален ефект врз момчето и неговото семејство, принудувајќи ги да се иселат од својот дом.

Нови, повисоки цени на туристичката такса во Грција

Новите повисоки цени на таксата за отпорност на климатски кризи во туристичките објекти во Грција, стапуваат во сила оваа година, односно за време на туристичката сезона од април до октомври.

Новите повисоки цени на таксата за отпорност на климатски кризи во туристичките објекти во Грција, стапуваат во сила оваа година, односно за време на туристичката сезона од април до октомври, а во зависност од видот на сместувањето, таксата е од половина до пет евра поскапа, јави дописничката на МИА од Атина.

Промените на цените, како и воведувањето на новата такса за патниците од крузерите ги соопшти грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на септември од Меѓународниот саем во Солун, додека пак минатиот месец беа објавени во Службен весник на Грција и од вчера стапија во сила.

Согласно законските одредби што ги анализира МИА, во периодот од април до октомври, за хотелите со една и две ѕвезди и за собите за изнајмување, таксата ќе биде две евра наспроти евро и половина колку што беше лани.

За две евра поскапа ќе биде таксата за хотелите со три ѕвезди (од три на пет евра), за хотелите со четири ѕвезди е десет евра од досегашните седум евра, а најголемо зголемување има за хотелите со пет ѕвезди и вили, односно од вечер ќе се плаќа такса од 15, наспроти досегашните десет евра.

Периодот во кој досега се применуваше ниската такса (ноември до февруари) се продолжува за еден месец и го опфаќа март, а цените остануваат како и досега.

Кај сместувањата од типот на Аирбнб таксата се зголемува од половина евро на две евра во зимските месеци и од 1,50 на осум евра во летните месеци.

Таксата за отпорност на климатски кризи во Грција се плаќа за секое ноќевање и се однесува на соба, а не на бројот на туристи.

На пример за двокреветна соба во хотел со две ѕвездички, летниот десетдневен одмор, ќе биде за 20 евра поскап, додека пак доколу хотелот е со четири ѕвездички, за десет ноќевања, за собата ќе треба да се платат дополнителни 100 евра.

Министерката за туризам на Грција Олга Кефалојани, на средината на септември посочи дека приходите од таксата ќе бидат наменети за превенција и обнова од природните катастрофи, како и за подобрување на инфраструктурата за поддршка на туристичкиот производ на земјата.

Паралелно, се воведува и такса за туристите од крузерите, што ќе биде највисока на островите Миконос и Санторини, односно 20 евра по патник за периодот од 1 јуни до 30 септември, а на останатите пристаништа во земјата пет евра.

Во април, мај и октомври таксата ќе биде намалена за 40 отсто, односно за двата конкретни острови ќе биде 12 евра, а за останатите по три евра, додека од ноември до март ќе се намали за 80 проценти, на четири, односно едно евро.

Според министерката за туризам процените се дека оваа такса годишно ќе донесе околу 50 милиони евра.

Приходите ќе биде распределени на три дела, еден за општините каде што пристигнуваат патниците со цел да се извршат неопходните работи на пристаништата, друг ќе се вметне во буџетот на Министерството за поморство, а останатиот дел ќе биде вклучен во буџетот на Министерството за туризам со цел подобрување на туристичката инфраструктура за поддршка на туристичкиот производ на земјата./МИА

ЕК: Подготвени сме да се справиме со намалената дистрибуција на руски гас

Европската Унија најави дека е целосно подготвена да се справи со намалувањето на дистрибуцијата на руски гас за Европа, предизвикано од одлуката на Украина да го прекине транзитот на енергенсот преку нејзина територија од 1 јануари годинава.

Европската комисија истакна дека овој прекин на дистрибуцијата на гасот нема да предизвика позначајни проблеми, имајќи предвид дека по мерките за намалување на зависноста на ЕУ од руски енергенси, преземени по инвазијата на Москва врз Украина, преку украинска територија се транспортираат само околу пет проценти од вкупниот увоз на природен гас во Унијата.

- Повеќе од една година конкретно работиме на адаптирање на сценарио без транзит на руски гас преку Украина, посочи Европската комисија.

Како резултат на овие подготовки зајакната е гасната инфраструктура на Унијата и се преземени напори за обезбедување на алтернативни извори за снабдување со енергенсот на земјите погодени од украинската одлука.

Операторот за дистрибуција на енергенсот „Украински систем за пренос на гас“ (ОГТСУ) соопшти дека од вчера „испораките преку единствената влезна точка за руски гас во Украина се свеле на нула“.

Петгодишниот договор со рускиот државен оператор „Газпром“ за транспорт на руски гас преку територијата на Украина беше склучен во 2019 година. Неговата важност истече на 1 јануари и Киев одби да го продолжи како реакција на инвазијата на Русија врз земјата.

Преку украинска територија претходно се транспортираше речиси една третина од рускиот енергенс продаден во Европа, додека другиот дел се дистрибуираше преку гасоводот „Турски поток“, кој минува по дното на Црното Море, или со испораки на течен природен гас (ЛНГ).

Уште од почетокот на руската инвазија врз во Украина во февруари 2022 година, ЕУ започна со преземање мерки за намалување на зависноста од руски енергенси, но неколку источноевропски држави голем дел од нивните енергетски потреби се уште ги обезбедуваат од Русија.

Австрија уште во декември реши да го раскине договорот за „Газпром“ за снабдување со руски гас обезбедувајќи алтернативни извори, додека Бугарија и Унгарија, заедно со Србија, најголем дел од енергенсот го обезбедуваат преку гасоводот „Турски поток“. На овој начин, украинската одлука најмногу ги погоди Молдавија и Словачка.

Како одговор на украинската одлука, Молдавија воведе 60-дневна вонредна состојба за справување со недостигот на енергенсот, согласно која се ограничува потрошувачката на енергија, осветлувањето во јавните згради и употребата на лифтови.

Дополнително, „Газпром“ уште во саботата соопшти дека ќе ја запре испораката на гас за Молдавија поради „спор околу долгот“ на земјата.

Кишињев ваквата најава на рускиот оператор ја оквалификува како „угнетувачка тактика“ на Москва. - Кремљ уште еднаш прибегна кон енергетска уцена со цел да влијае на парламентарните избори во 2025 година и да го поткопа нашиот европски пат, изјави претседателката на Молдавија, Маја Санду.

Од друга страна, Словачка жестоко ја осуди на постапката на Украина, при што словачкиот премиер дури упати и писмо до Брисел реагирајќи на украинската одлука

- Прифаќањето на едностраната одлука на украинскиот претседател е целосно ирационално и погрешно, наведе Фицо во писмото до Брисел, посочувајќи дека таа ќе има „големо финансиско влијание“ во актуелниот „комплициран економски период“.

Фицо дури лично отпатува во Москва на средба со рускиот претседател Владимир Путин, за да изнајде начини за продолжување на снабдување на Словачка со гас од Русија.

Тој се закани и со прекин на снабдувањето на Украина со електрична енергија преку енергетската мрежа што минува низ Словачка, во услови кога на земјата и е потребен увоз на струја од странство, затоа што украинската инфраструктура оштетена од руско систематско бомбардирање со своето производство не може да ги задоволи домашните потреби.

притисни ентер