„Само така може да напредуваме, со прифаќање на нашите различности како дел од нас, од Македонија“, им порача на жителите на скопската општина Шуто Оризари Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ и ко-носител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во Изборната единица 2.
Тој истакна дека сплотеноста во европската идеја се протега многу подалеку од партиските и етничките разлики.
„Не постојат граници за мисијата за обединување на различностите и зачекорување кон европското семејство. Ние одбиваме да бидеме поделени. Во Коалицијата за европска иднина има место за сите, ги прифаќаме разликите како важен дел од нас, нашата идеологија е социјалдемократијата - единство во различностите и солидарност со сите“, порача Битиќи.
Битиќи порача дека СДСМ верува во потенцијалот на секој граѓанин, во неговата способност на 8-ми мај да донесе разумна одлука за иднината на државата.
„Ве повикуваме во среда, на гласачките места, да ни се придружите во нашата мисија и заедно да градиме општество во кое достоинството нема да биде луксуз, туку право на секого“, порача Битиќи, се наведува во партиското соопштение.