Општина Гевгелија организира новогодишен дочек на Градскиот плоштад

 Општина Гевгелија и годинава организира традиционален новогодишен дочек на Градскиот плоштад.

Покрај украсувањето на градот со разновидни содржини и Новогодишен базар, новогодишната атмосфера ќе биде збогатена и со традиционалниот новогодишен дочек, информираа денеска од локалната самоуправа.

-За дочекот на новата 2025 година Општина Гевгелија и годинава подготви богата музичко-забавна програма. Граѓаните ќе имаат можност заеднички да ја испратат 2024 година со концерт на Ефто Пупиновски и „Милениум бенд“, „Либра бенд“, „Европорта Фест“ во организација на Здружението „Внимание“- Гевгелија на кој ќе настапат млади музички таленти од Гевгелија со изведба на домашна и странска музика и настапот на Ѓорге Митров. Помеѓу настапите на музичките изведби,за изнудување смеа кај присутните на новогодишната забава е задолжен гевгелискиот стенд ап комичар, Дејан Малзарков со неговото шоу „Диверзија“, а водител ќе е Никола Опров, се наведува во информацијата.

Според градоначалникот Андон Сарамандов, Гевгелија заслужува да биде урбано место со богата музичка содржина преку целата година, а традицијата треба да се негува. Тој ги покани граѓаните заедно да ја дочекаат новата година.

Македонија2025 ја обликува иднината на Македонија - поддржани над 100 бизниси и 1.680 лидери

Македонија2025 ја обликува иднината на Македонија - поддржани над 100 бизниси и 1.680 лидери и таленти.

Јакнење на конкурентноста, поттикнување на силен економски развој и реформи, зајакнување на приватниот сектор преку партнерства и соработка се во фокусот на организацијата Македонија 2025. Таа годинава реализираше над 45 активности кои беа насочени кон зајакнување на човечкиот капитал во Македонија како основа за развој во сите сфери на општеството и економијата, кон зајакнување на конкурентноста на компаниите и кон поттикнување и поддршка на структурни реформи. Оваа година, Македонија2025 реализираше програми за економски развој, образование и лидерство со вкупна вредност во над 840.000 евра. Над 100 компании добија експертска поддршка, менторство и поврзување со експерти и компании, што даде конкретен придонес за зајакнување на нивната конкурентност и извозен потенцијал. Во рамки на образовните програми, 1.680 менаџери, талентирани средношколци и студенти учествуваа во програми за обука, добија стипендии и менторство, со што ги унапредија своите вештини и лидерски капацитети.

Оваа година започна со работа Центарот за дигитална трансформација „ГоДигитал“, непрофитна организација основана од Македонија2025. Центарот сертифицираше 17 експерти кои започнаа дигитална трансформација на 9 македонски мали и средни претпријатија (ММСП).

По шеснаесетти пат беше организирана обуката за развој на бизнис и претприемништво „Лидер“,во соработка со Ајви бизнис школата од Канада. Преку оваа програма која е во форма на мини-МБА обука, 20 млади претприемачи добија нови практични знаења и менторство од искусни професионалци од земјата и странство. Десет мали и средни претпријатија добија експертска помош од Канада за развој на своите бизниси и настап на странски пазари преку Програмата за претприемништво на семејството Битов. Онлајн платформата Connect2MK поврза 8 македонски бизниси со македонски професионалци од дијаспората кои ги советуваа и менторираа, а на платформата се регистрирани 97 компании и 72 експерти. На овој начин организацијата придонесе претприемачите од земјава да добијат поддршка и да ја подобрат својата конкурентност и пристапот на пазарите. Преку Програмата за извршно образование-Зафировски, 6 македонски бизнис лидери беа дел од престижната Келог школа за менаџмент. Оваа година ја обновивме Програмата за усовршување на менаџери во Канада, преку ново партнерство со Смит школата за бизнис при Универзитетот Квинс, каде што 5 менаџери стручно се усовршија за лидерство и стратешко планирање и учествуваа на програма за размена на работни искуства во повеќе врвни канадски компании.

За поддршка на младите кои треба да бидат идната движечка сила на општеството, преку Фондот „Таленти денес-лидери утре“, беа доделени 10 стипендии за талентирани средношколци од социјално ранливи семејства. Организиран беше и натпревар за најдобри зелени бизнис проекти на млади лица, а најдобрите 4 предлози беа наградени парично од страна на Македонија2025. Организацијата го помогна изборот на 40 нови стипендисти и продолжувањето на право за користење на стипендии за студентска извонредност на 99 студенти на УКИМ од фондацијата „Атанас Близнакоф“ од САД, достигнувајќи бројка од 139 тековни стипендисти. Преку проектот „Науката и јас“ во партнерство со Џонсон Мети организиравме 5 саеми за наука низ земјата, вклучувајќи над 1.200 ученици. Дваесет и еден наставник по природни науки беа обучени во рамки на програмата и 20 училишта добија сетови за наука. Дополнително, преку различни

програми, над 400 млади луѓе ги развија или подобрија своите вештини за програмирање, кодирање, роботика, СТЕМ, претприемништво и за финансиска писменост.

Македонија2025 даде активен придонес и кон важни економски реформи во земјата, како што се дигитализација и дигитална трансформација на бизниси, образованата политика, подобрување на социјалниот дијалог, национална развојна стратегија, унапредување на фискалната политика, и односите со дијаспората. Организацијата силно се залага и промовира нулта толеранција за корупција. Реформскиот план на Македонија2025 насловен „Една визија за забрзан раст“ беше широко споделен со сите релевантни политички и бизнис чинители, со цел застапување за реформи во неколку клучни области важни за развојот на Македонија. Горди сме што мерките од Реформскиот план беа вклучени во предизборни програми на политичките партии, а денес, 90% од Планот е дел од Програмата на Владата (2024-2028). Активно работиме на реализација на овие мерки и сите наши капацитети и потенцијал се достапни на креаторите на политики за реализација на мерките од „Една визија за забрзан раст“.

Годинава успешно беше организирано и 13-тото издание на Самитот на Македонија2025 со над 700 учесници и 50 говорници, како платформа за поттикнување на економски реформи, регионално поврзување и вмрежување на бизнисите и дијаспората.

Горди сме што континуирано расте бројот на членовите на нашиот Одбор на директори, Советодавниот одбор и Клубот на амбасадори, како и бројот на нашите партнерства и пријателства, што е доказ за довербата во нашата мисија и во аншата работа.

Македонија2025 ќе ги продолжи своите активности и во наредната година, а планирано е и проширување на програмите за работа особено во доменот на конкурентноста, поддршката на младите, дигитализацијата, намалувањето на корупцијатата и односите со дијаспората.

Македонија2025

Наполи му понуди на Кварацхелија договор со плата од шест милиони евра годишно

Познати се условите кои Наполи му ги нуди на Хвича Кварацхелија за потпишување нов договор.

Претходно беше објавено дека италијанскиот клуб продолжил да работи на продолжување на договорот со играчот, кој ќе биде со важност до 2029 година.

Според италијанските медиуми, Наполитанците му понудиле на Кварацхелија договор со плата од шест милиони евра годишно. Страните продолжуваат да разговараат за висината на обештетувањето, клубот инсистира на сума од 100 милиони евра.

Грузиецот игра за Наполи од јули 2022 година, неговиот договор со клубот е до јуни 2027 година.

Во тековната сезона 23-годишниот Кварацхелија на 18 натпревари во сите натпреварувања постигна пет гола и три асистенции.

притисни ентер