Членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ славеа до доцна во ноќта

Патриотски песни, знамиња, шалови, факели и чадори, синоќешниот дожд не ги поколеба симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ да се соберат на плоштадот Македонија.

Се славеше двојната победа до доцна во ноќта.

Присутни беа дел од симпатизерите, а поголема група пристигна заедно со раководството, по што се обрати и лидерот на партијата.

Граѓаните велат дека не се изненадени и очекувале ваков резултат.

Но сега, побитно е велат, да се остварат предизборните ветувања со цел земјата да се изведе на вистионскиот пат.

Славјето на плоштадот беше дополнително збогатена и со музичка програма која ја изведуваа дел од естрадните уметници.

На централната прослава на плоштадот и претходеше еуфорија и пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ, каде ечеа зурли и тапани, а се лепеше и по некоја пара на музиката.

На целиот настан забележително беше и полициското присуство кое постојано преку радио врските се координираа за безбедноста. Се славеше и во останатите градови, претежно пред партиските штабови.

Разочараност во СДСМ по изборните резултати, паднаа и првите оставки

Разочарување и незадоволство од изборните резултати владееше на Бихаќка. Во седиштето на СДСМ тишина, која повремено ја нарушуваше џагорот од медиумските екипи, кои на моменти беа најбројни во салата. 

Надвор, малкумина поддржувачи, членови и симпатизери ги чекаа резултатите од двојните избори.

На СДСМ му е зададен тежок удар... Емотивно, лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски го призна тешкиот изборен пораз. Тага и емоции беа видливи на лицата и на неговите партиски колеги и коалициски партнери. Сепак, Ковачевски не спомена оставка, но најави длабоки кадровски промени и избор на нов претседател.

-СДСМ ќе треба добро да погледне навнатре да размили што направивме и кои се резулатите и слабостите во последните 4 години, можеби и во последните 7 години. И уште поважно, што е тоа што треба да направи за да ја обновиме и вратиме довербата на граѓаните што ја изгубивме. Процесот на обнова мора да е на сите нивоа, затоа повикувам на нови внатрешни избори на сите партиски тела и на централно и на локално ниво. Почнувајќи од претседателот, раководството, па до претседателите на општинските организации и сите органи и тела на партијата, изјави Ковачевски.

Но, дел од партиските функционери не го чекаа отчетниот Конгрес и ги најавија своите оставки. Повлекување од потпретседателите места објавија Фатмир Битиќи и Перо Костадинов. Битиќи побара неговиот пример да го следи и целото раководство, од првиот до последниот.

Половина час пред прес-конференцијата на Ковачевски на Бихаќка, Стево Пендаровски се обрати од друг изборен штаб во хотелот „Александар Палас“. Им ја честиташе победата на ВМРО-ДПМНЕ и на неговата противкандидатка Сиљановска. Одговорност за изборните резултати лоцира и кај СДСМ и Коалицијата, но најголемо разочарување, како што рече, бил организираниот бојкот на вториот круг од ДУИ, но и од албанската опозиција.

-Не сум сигурен дали совеста им е мирна на оние кои со теснопартиски или лични интереси денеска ефективно спречија илјадници наши граѓани да го земат второто ливче и да гласаат и на претседателските избори. Стотици илјади наши граѓани беа оневозможувани на плански, на систематски, на организиран начин да земат второ ливче. Убеден сум дека оние 330.000 гласови кои отпаднаа во првиот круг се поблиску до мојот концепт отколку до концептот на противкандидатката. Од за мене непознати причини, направија таква калкулација, ги попречија луѓето да гласаат. Со тие претпоставени многу над стотици илјади гласови трката ќе беше далеку понеизвесна – рече Пендаровски.

СДСМ на вчерашните парламентарни избори го доживеа најтешкиот пораз од независноста. По седум години власт стана третопласирана политичка сила, зад ДУИ. Освоените 153 илјади гласови се убедливо најслаб резултат за СДСМ, за разлика од 2002-та кога освоија безмалку половина милион гласови. До вчера, најслабиот резултат беше во 2006 година, на чело со тогашниот премиер Владо Бучковски со освоени 218.463 гласови.

Владина делегација положи цвеќе на партизанските гробишта во Бутел, во чест на 9 Мај

Делегација на Владата предводена од министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, денеска положија свежо цвеќе на партизанските гробишта во Бутел .

Делегација на Владата предводена од министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, заедно со заменик министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ, по повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, денеска положија свежо цвеќе на партизанските гробишта во Бутел и им оддадоа почит на хероите кои што учествуваа во антифашистичката борба и на нивните дела, соопштуваат од Владата.

притисни ентер