Варвициотис: Го следиме секој чекор на Скопје

Појава на иредентизам и прекршување на владеењето на правото може да имаат директно влијание врз пристапниот процес во ЕУ за соседната земја.

Ова го вели алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Милтиадис Варвициотис во интервјуто за грчкиот весник „Реал њуз" и додава дека актуелната грчка влада „го следи секој чекор на владата на Скопје", jави дописничката на МИА од Атина.

Варвициотис го повторува ставот дека наследиле лош договор кој владата на СИРИЗА го потпиша „откажувајќи се од преговарачките оружја и националните позиции на земјата, констатирани со Времената спогодба и во Букурешт".

-Нашата влада го следи секој чекор на владата на Скопје и во секој случај нема да дозволи да се изразат појави на иредентизам и прекршување на владеењето на правото, што ќе имаат директно влијание врз нејзиниот интегративен процес во Европската унија. Веќе внимателно ја следиме елиминацијата на сите архаични симболи од јавните места кај соседот. На крај, нашата главна цел е заштита на грчките производи и грчките трговски ознаки, прашања што владата на Ципрас ги остави на нивната судбина, вели алтернативниот министер за надворешни работи на Грција./МИА

Терзиќ: Можевме да победиме со поголема разлика

Тренерот на Борусија Дортмунд, Един Терзиќ е задоволен од победата над ПСЖ синоќа со 1:0 во првиот натпревар од полуфиналето на Лигата на шампионите, иако смета дека разликата можеше да биде и поголема.

- Ова е заслужена победа, добра тимска игра. Можевме да постигнеме повеќе голови, исто како и тие. Затоа, од моја гледна точка, резултатот не е лош. Многу се движевме, но тоа е неопходно во ваков натпревар. Мора да се стекнеме со право да играме на „Вембли“. За тоа ни треба само реми во реваншот, но секако дека сакаме и да победиме следната недела. Имаме мала предност и добра можност, изјави Терзиќ за сајтот на УЕФА.

Реваншот ќе се игра на 7 мај во Париз.

Другата полуфинална двојка во елитното фудбалско натпреварување е Реал Мадрид – Баерн Минхен (2:2 прв натпревар). /МИА

Синер: Морав да се повлечам од турнирот во Мадрид

Италијанскиот тенисер Јаник Синер објасни зошто решил да се повлече од турнирот во Мадрид.

Во четвртфиналето на Мастерсот требаше да игра со Канаѓанецот Феликс Оже-Алиасим, кој сега автоматски се пласираше во полуфиналето, каде што ќе игра со победникот од двојката Данил Медведев - Јиржи Легечка.

- Многу е тажно да го пропуштам мојот следен натпревар овде во Мадрид. Колкот ме мачи оваа недела и болката постепено се влошува. Следејќи ги советите на лекарите, решивме дека е подобро да не играме понатаму. Во текот на следните неколку дена ќе спроведам други тестови и ќе ги следам советите на специјалистите за закрепнување. Ви благодарам за поддршката, напиша Синер на социјалните мрежи.

Оваа сезона 22-годишниот Италијанец освои три турнири - Австралија опен, како и турнирите во Ротердам и Мајами. /МИА

Блинкен го повика Хамас да се согласи за примирје за да им помогне на луѓето во Газа

Хамас соопшти дека ќе одговори „во многу краток период“ на предлогот.

Највисокиот американски дипломат Антони Блинкен го повика Хамас да го прифати планот за примирје во Газа и покрај израелското предупредување дека армијата ќе продолжи да се бори против палестинската милитантна група по каков било прекин на огнот.

Посредниците предложија договор за примирје со кој би се запреле борбите на 40 дена и би се размениле заложници.

Хамас соопшти дека ќе одговори „во многу краток период“ на предлогот.

„Хамас треба да каже „да“ и треба да го заврши тоа“, рече Блинкен синоќа додека беше во Израел на својата седма турнеја на Блискиот исток од почетокот на конфликтот во октомври.

Тој подоцна додаде: „Ако Хамас всушност тврди дека се грижи за палестинскиот народ и сака да види итно олеснување на неговото страдање, треба да го прифати тој договор“. /МИА

притисни ентер