Утре ќе се одржи 9 издание на Меѓународниот џудо турнир „Struga Open 2024“

„Struga Open 2024“ е насловен Меѓународниот џудо турнир што утре по деветти пат годинава ќе се одржи во организација на Џудо клубот „Дрим“.

Новина на овогодинашното издание, според Ѓорги Стојанов, дел од организацискиот тим, е интерконтиненталниот карактер, со учество на натпреварувачи од Африка и Азија.

-На настанот ќе учествуваат околу 600 џудисти од цела Европа, а пријавени се и џудо клубови од Азија и Африка. Се е подготвено за и оваа година да приредиме еден вистински празник за сите љубители на џудо спортот, кои борбите ќе можат да ги следат бесплатно во спортскиот центар „Билјанини извори“ во Охрид, изјави Стојанов.

Борбите, додаде тој, ќе може да се следат и во живо преку youtube каналот на Џудо федерацијата на Македонија.

Зеленски: Околу 40.000 руски војници се пренасочени од Украина во правец на Курск

Околу 40.000 руски војници се пренасочени од украинскиот фронт во правец на Курск, изјави синоќа претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

-Веќе успеавме да пренасочиме околу 40.000 руски воен персонал во таа насока. Им благодарам на сите наши борбени бригади, на секој војник, наредник, на секој командант за нивната храброст, рече тој.

Според него, украинските сили го намалиле потенцијалот на руските војници да извршат напади во регионот на Доњецк, но тој посочи дека ситуацијата се уште е тешка во близина на градовите Покровск и Курахов.

Лајчак: Во изминатите две недели примарниот фокус беше на дијалогот меѓу Белград и Приштина

Специјалнито пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, наведе дека изминатите две недели биле „вртлог од дипломатски напори“ насочени кон напредок во нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина.

Специјалнито пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, наведе дека изминатите две недели биле „вртлог од дипломатски напори“ насочени кон напредок во нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина и дека примарен фокус на изминатите 14 дена бил дијалог.

На Фејсбук, Лајчак, сумирајќи ги последните две недели, објави дека, иако немало договор за агендата на трилатералната средба на последната рунда од дијалогот меѓу Белград и Приштина во вторникот во Брисел, се разговарало за политички и технички прашања и дека „ беа презентирани важни чекори кои ќе ја водат „следната дискусија“.

„Во вторникот ги повикав и Косово и Србија во Брисел на одделни состаноци. Иако не успеавме да се договориме за агендата на трилатералниот состанок, разговаравме за политички и технички прашања и наведовме важни чекори кои ќе ја водат нашата следна дискусија“, напиша Лајчак.

Концерт на Стефан Миленковиќ и „Профундис“ во Филхармонија

Српскиот виолинист Стефан Миленковиќ и македонскиот камерен оркестар „Профундис“ вечер ќе одржат концерт во големата сала на Македонската филхармонија. 

Миленковиќ ќе музицира заедно со „Профундис“ под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ.

Маестра Дашиќ вчера на прес-конференција истакна дека ќе бидат изведени некои од најсложените дела од класичната музика кои се предизвик дури и за најдобрите музичари.

Миленковиќ ја изрази својата восхитеност од „Профундис“, истакнувајќи ја извонредната уметничка изведба и страста за музиката на оркестарот.

-Не секогаш ние изведувачите ја бираме програмата, ама утревечер, во Филхармонија, тоа ќе биде величенствена класична музика на композитори кои го одбележаа минатиот век, изјави вчера српскиот виолинист.

Јане Бакевски од камерниот оркестар „Профундис“ се заблагодари на публиката и на спонзорите за нивната несебична поддршка која е од огромно значење за поддршката на културата.

Камерниот оркестар „Профундис“ е уметнички состав чии цели се промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на оригиналноста на сите концертни изведувања. Во него членуваат едни од најистакнатите македонски инструменталисти што се дел од двата професионални оркестри во државата, Националната опера и балет и Националната филхармонија.

Стефан Миленковиќ е српски виолинист, роден во 1977 година. На десетгодишна возраст настапувал пред личности како претседателот на САД Роналд Реган, советскиот лидер Михаил Горбачов, и папата Јован Павле II.

Неговата кариера е обележана со настапи на сцени како „Карнеги Хол“, Конзерваториумот „Чајковски“ во Москва, и „Марински“ театарот во Санкт Петербург. Во текот на својата кариера, Миленковиќ е добитник на наградите „Уметник на векот“ и „Најхумана личност“, а добитник е и на титулата „Личност на годината“.

притисни ентер