УСЈЕ: Заложбите за чист водух мора да бидат темелени на факти, О2 коалиција можат да нѐ посетат во кое било време

Борбата за чиста животна средина е обврска на сите субјекти, а таа мора да биде темелена на вистински и точни аргументи и разумен став.

Институциите, граѓанскиот сектор и индустријата имаат подеднаква улога и одговност во создавање услови што ќе доведат до подобрување на состојбите со животната средина.

Цементарница УСЈЕ АД Скопје е отворена компанија која работи транспаретно и ги споделува сите информации поврзани со своите активности. Компанијата активно соработува и е подготвена за дијалог со сите засегнати страни, бидејќи сите активности во компанијата се одвиваат согласно највисоките стандарди пропишани за индустриски капацитети од овој тип, не само во земјава, туку и согласно регулативата во ЕУ. Во духот на транспарентноста сакаме уште еднаш јавно да ги повикаме претставниците на О2 коалиција да дојдат и да нѐ посетат во време кое ним им одговара за да можат детално да се запознаат со нашето работење и да ги постават сите прашања важни за нивните активности. Само така ќе можеме сите заедно да креираме ставови темелени на факти и понатаму да дојдеме до решенија и мерки што ќе бидат од корист на јавноста и ќе донесат реално подобрување на состојбите.

До нашата средба која се надеваме ќе биде многу скоро, сакаме да појасниме одредени наводи изнесени во јавноста кои не кореспондираат со реалната состојба.

Во Цементарница УСЈЕ од алтернативни горива се користи биомаса и преработени фракции од неопасен отпад. Во 2019 година иако беа дозволени 25-35%, замената на фосилни со алтернативни горива (АГ) во Цементарница УСЈЕ беше 4%. Беа употребени само 4.400 тони алтернативно гориво од кои 870 тони лушпи од ориз од кочанско. Граничните вредности на концентрациите на диоксини и фурани, тешки метали и други параметри во емисиите во воздухот од цементната индустрија се многу пониски кога се употребуваат АГ, во споредба со емисиите кога се употребуваат конвенционални фосилни горива. Тоа е определено во т.н. BREF документи (BAT-Reference Documents) за цементната индустрија кои ги пропишуваат најдобрите достапни техники и важат за сите цементни фабрики во Европа.

Следејки ги добрите практики во ЕУ, сите стандарди и барања за намалување на влијанието врз животната средина ги спроведуваме дури и пред истите да станат законска обврска. Употребата на АГ е определена како Најдобра Достапна Техника со погоре споменатите BREF документи и практично е обврска на секоја цементна фабрика. Тоа е единствен начин да се намалат емисиите на стакленички гасови во цементната индустрија. Дополнително, секоја споредба со инсталации кои се неодговорни и вршат било какви нелегални дејства немаат никаква поврзаност со работењето на нашата фабрика.

Исто така, сакаме да потенцираме дека Цементарница УСЈЕ врши континуиран мониторинг на сите наведени испусти и согласно законските обврски чува запис од извршениот мониторинг, а не само на два, како што се наведува во дописот на О2 коалиција. Податоците од мониторингот за сите мерни места се доставуваат до МЖСПП согласно со барањата во А-Интегрираната еколошка дозвола. Со цел да се зголеми транспарентноста во нашето работење, Цементарница УСЈЕ еднаш неделно ги објавува податоците од континуираниот мониторинг на двата најзначајни извори на емисии – двете линии за производство на клинкер. На сите други испусти, односно мерни места, има единствено емисии на прашина од мелење на суровини и полупроизводи. Емисиите од сите мерни места за сите параметри се под дозволените гранични вредности на емисии. Овие податоци во реално време и како претходен запис може во било кое време да се погледнат во Цементарница УСЈЕ.

Цементарница УСЈЕ има обврска да врши дополнителни мерења на квалитетот на амбиенталниот воздух во кругот на фабриката. Локацијата на мерење е определена од страна на МЖСПП. Согласно со стандардите за мерење на квалитет на амбиентален воздух, референтната метода е гравиметриска (не on-line) и Цементарница УСЈЕ ја користи токму таа метода. За споредба, на истото мерно место, неколку пати годишно мерења вршат и независни акредитирани лаборатории. ДИЖС има целосен увид во овие споредбени мерења, а резултатите од мерењата потврдуваат дека не постои корелација помеѓу емисиите од Цементарница УСЈЕ и квалитетот на амбиенталниот воздух. Така, во зимскиот период кога воопшто нема производство на цемент, измерените вредности на РМ10 се значително повисоки од дозволените, додека пак летно време кога Цементарница УСЈЕ работи со полн капацитет, концентрациите на РМ10 честички се во рамки на дозволеното, односно под 50µg/m3.

УСЈЕ како компанија заедно со сите други засегнати страни подеднакво се залага за подобрување на состојбите со животната средина. Компанијата е индустрија која денес е лоцирана во градско поддрачје, па оттука наша деловна определба, а не само граѓанска должност, е да работиме согласно највисоките стандарди и постојано да се подобруваме.

Затоа континуирано сме отворени за посети на сите заинтересирани и вклучени страни, па затоа се надеваме дека овој пат ќе ја искористите можноста да нѐ посетите.

Цементарница УСЈЕ АД Скопје

„Највалканиот човек на светот“ 60 години не користел вода и сапун (ВИДЕО)

Во октомври 2022 година, медиумите ја објавија смртта на Аму Хаџи, кој беше познат како „највалканиот човек на светот“, во Иран.

Оваа „титула“ ја заслужил затоа што не се капел шест децении, а за последен пат ги затворил очите на 96 години.

Аму секогаш бил покриен со прашина и пепел, живеел во колиба направена од чакал, но бил виден и како спие во дупки што ги ископал самиот.

Еден новинар опишува дека „изгледал како карпа“ и дека се вклопувал во околината поради тоа колку бил валкан и сив, пренесува LadBible.

Непосредно пред неговата смрт, мештаните успеале да го убедат конечно да се избања. Се разбира, двата настани не се причинско-последично поврзани, бидејќи Аму починал од старост.

Се поставуваат прашања зошто 60 години избегнувал вода и сапун. Се верува дека страдал од аблутофобија, односно „постојан неоправдан страв од капење или миење“.

Наводно се плашел дека ќе се разболи ако се исчисти, односно дека водата и сапунот предизвикуваат болести.

Зборувајќи за фобијата која е поизразена кај децата, па кај жените, па дури потоа кај мажите, д-р Сива Лечор од клиниката „Толедо“ рече:

„Аблутофобијата е исклучително ретка. Во моментов почесто го гледаме кај постарите лица. Обично кај луѓе кои имале трауматски искуства во минатото“, објасни д-р Лечор.

Локалните новинари со години се обидувале да добијат информации за неговото минато и што го навело Аму да води ваков начин на живот. Вистината никогаш не била откриена.

Мајка си го фрлила болниот шестгодишен син во река полна со крокодили, таткото барал да го убие

Мајка го фрлила својот болен шестгодишен син во река полна со крокодили кои го растргнале, откако сопругот и татко на момчето ѝ рекле да се ослободи од него бидејќи малото момче било родено со физички маани.

Овој страшен настан се случил во Индија.

Како што пренесува „Дејлимејл“, Савитри Кумар (26) се скарала со сопругот Рави Кумар (27) кој ѝ наредил да се ослободи од малото дете кое тешко зборувало.

Таа го земала својот син додека спиел и го фрлила во блискиот канал полн со крокодили. Случајот, како што пренесува „The New Indian Express“, се случил во Утара Канад, област на западната индиска држава Карнатака.

Полицијата навела дека сопругот ѝ се пожалил на сопругата зошто таа родила дете со неизлечива мана. Сведоците кои ја виделе мајката како го фрла синот во каналот веднаш повикале полиција која почнала да трага по момчето. Потрагата набрзо била завршена поради темнината, а неговото осакатено тело било пронајдено во реката во неделата наутро.

Малото момче се здобило со страшни повреди и му била одгризана едната рака. Полицијата верува дека телото го растргнале неколку крокодили. Наредена е обдукција за да се утврдат точните причини за смртта.

Полицијата за локалните медиуми потврдила дека е покрената истрага за убиството и дека двајцата родители се уапсени.

Расте бројот на жртви во катастрофалните поплави во Бразил, спасените гладуваат (ВИДЕО)

Спасувачите се обиделе да ги евакуираат луѓето затрупани од разорните поплави низ јужната бразилска држава Рио Гранде до Сул, при што 90 лица се мртви, а очајните преживеани се обидуваат да дојдат до храна и основни потреби.

На периферијата на градот Елдорадо до Сул, 17 километри од главниот град на државата Порто Алегре, многу луѓе кои ги напуштиле своите домови спиеле покрај патот и изјавиле за Ројтерс дека се гладни. Цели семејства заминале пеш, носејќи работи во ранци и колички за пазарење.

„Немавме храна три дена и само што го добивме ова ќебе. Јас сум со луѓе кои воопшто не ги познавам, не знам каде е моето семејство“, рече млад човек кој се претставил како Рикардо Јуниор.

Поплавите ги отежнале спасувачките напори, при што десетици луѓе се уште чекаат да бидат евакуирани со чамец или хеликоптер од погодените домови. Мали чамци ги преполнија поплавените улици во потрага по преживеани.

Агенцијата за цивилна заштита на земјата соопшти дека бројот на загинати се искачил на 90, додека уште четири смртни случаи се истражуваат, а 131 лице се водат како исчезнати, додека 155.000 луѓе останале без покрив над главата.

Обилните дождови кои почнаа минатата недела предизвикаа излевање на реките, потопувајќи цели градови и уништени се патишта и мостови.

Во Порто Алегре, град со 1,3 милиони жители на реката Гуаиба, улиците во центарот на градот се под вода.

Жителите на Порто Алегре се соочија со празни полици во супермаркетите и затворени бензински пумпи, додека продавниците ја ограничија продажбата на минерална вода. Градот користел камиони за доставување вода до болниците и засолништата.

Поплавите ги погодија и службите за водоснабдување и електрична енергија, со повеќе од 1,4 милиони погодени луѓе, според Цивилната заштита на Бразил.

Речиси половина милион луѓе останале без струја во Порто Алегре и околните градови бидејќи компаниите за електрична енергија го прекинале снабдувањето со поплавените населби од безбедносни причини. Националниот оператор ОНС соопшти дека поради обилните дождови се исклучени пет хидроцентрали и далноводи.

Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва изјави дека степенот на штетата ќе се знае само кога водите ќе се повлечат. Тој вети федерална помош за државата за она што се смета за најлоша климатска катастрофа.

Економистите на JPMorgan предвидоа дека влијанието на поплавите врз бразилската економија ќе биде удар за растот на БДП и маргинален пораст на инфлацијата, главно поради повисоките цени на оризот, кој главно се произведува во Рио Гранде до Сул.

Покрај уништувањето на критичната инфраструктура, обилните дождови и поплавите ги потопија житните полиња и загина добиток, прекинувајќи ја жетвата на соја и стопирани се работите во неколку погони за месо.

Пристаништето Рио Гранде работи нормално. Главното пристаниште за извоз на жито не е погодено од порастот на нивото на Лагуна дос Патос, во која се влева надојдената река Гуаиба.

Сепак, главните пристапни патишта не се проодни, што ја отежнува испораката на жито до пристаништето бидејќи камионите мораа да направат голем заобиколување, велат извозниците.

притисни ентер