Убила 19-годишна трудница и ѝ го украла бебето од матката-осудена е на 50 години затвор (ВИДЕО)

Клариса Фигуероа (51) е осудена на половина век затвор откако убила бремена тинејџерка во Чикаго намамувајќи ја во нејзината куќа за да ѝ го украде бебето од утробата, кое потоа го претставила како свое.

Тоа е, накратко, епилогот од страшното злосторство што го потресе овој дел на САД, а се случи во 2019 година, објави Еј-Би-Си Њуз.

Марлин Очоа-Лопез (19), мајка на двегодишно момче, која била во поодмината бременост, била намамена од Клариса во нејзиниот дом со ветување дека ќе ѝ даде бесплатна облека за бебето. Страшното злосторство го извршила со помош на нејзината ќерка Дезире, која во јануари ја признала вмешаноста во убиството кога била осудена на 30 години затвор. Мајката и ќерката ја задавиле трудница со електричен кабел. Клариса, која е медицински работник, сакала да го претстави бебето како свое, а откако го извлекла од стомакот на мајката повикала брза помош. Поради повредите, бебето два месеци било на интензивна нега во болница, но и покрај сите напори на лекарите, починало.

За време на судењето, се тврдело дека Клариса Фигуероа го изгубила своето бебе пред злосторството, а потоа им кажала на членовите на семејството дека повторно е бремена. Во октомври 2018 година, таа ѝ кажала на својата ќерка дека ѝ треба помош да убие трудница и да го украде бебето од нејзината утроба.

Ракел Уриостеки, мајката на убиената трудница, по изрекувањето на пресудата видно се потресе:

- Губењето на ќерка ми е нешто што никогаш нема да го прежалам.

Откако украденото бебе било сместено во болница, Клариса Фигуероа и нејзиниот партнер Пјотр Бобак тврделе дека бебето е нивно, па дури започнале и хуманитарна кампања за собирање помош за негово лекување. Пјотр подоцна на судењето признал дека помогнал да се отстранат трагите по убиството на бремената тинејџерка.

Страшното злосторство било неоткриено неколку недели, иако Џовани Лопез, сопругот на убиената, уредно ја пријавил за исчезната, но немал помош од надлежните да ја пронајдат. Полицијата реагирала дури по анонимна пријава во која било наведено дека е видена како исчезнатата влегува во куќата на Клариса Фигуероа. На 07.05.2019 година полицијата извршила претрес. Автомобилот на жртвата бил пронајден во близина на куќата на убиецот, а набрзо била наредена и ДНК анализа на бебето. Откако дошле резултатите од ДНК, полицијата ги уапсила мајката убиец, нејзината ќерка и нејзиното момче. Телото на жртвата било пронајдено закопано во дворот.

- Казната што ја доби никогаш нема да биде доволна и мојот син никогаш повеќе нема да ја прегрне мајка си. Изгубив дел од семејството и тоа секогаш ќе ме следи – низ солзи изјавил сопругот Џовани Лопез.


Петковиќ на средба со амбасадорите на Квинта

Белград го поддржува процесот на Лајчак за формирање ЗСО

Директорот на владината канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, денеска на средба со амбасадорите на земјите од Квинтата во Белград изјави дека Србија го поддржува процесот за формирање на Заедницата на српските општини (ЗСО) на специјалниот претставник на Европската унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.

На средбата на која присуствуваа српскиот амбасадор во Америка, Марко Ѓуриќ и претставникот на Делегацијата на Европската Унија, беше разгледана неопходноста од формирање на ЗСО, последната рунда од дијалогот меѓу Белград и Приштина, која неодамна се одржа во Брисел, како и политичко-безбедносната ситуација во Косово.

Петковиќ ја пренесе јасната порака од Белград за неопходноста од формирање на ЗСО, на која Србите на Косово чекаат 11 години.

Петковиќ и Ѓуриќ го повторија ставот на Белград дека нацрт-статутот на ЗСО изготвен од ЕУ, кој се однесува на јурисдикцијата и структурата на ЗСО, како што стои во договорите во 2013 и 2015 година, може да биде добра основа за продолжување на дискусиите и договорите за конечен статут на ЗСО. /МИА

Истражување на ФОП за трошоците на студентите од факултети од Скопје и Тетово

Истражувањето „Студентска кошничка на студентите на Економскиот, Филолошкиот и Медицинскиот факултет“ сега е објавено. 

Истражувачите на Форумот за Образовни Промени ги идентификуваа и анализираа најголем дел од трошоците што ги имаат студентите за цела академска година.

Нашата цел е да создадеме јасна слика за трошоците на студентите. Затоа што кога институциите во земјата креираат финансиски политики кои се фокусираат на младите луѓе, треба да се информирани за студентските трошоци.

Преку интервјуа со студенти на Економскиот, Филолошкиот и Медицинскиот факултет ги истражувавме и анализиравме трошоците што овие студенти ги имаат во текот на еден семестар.

Што велат податоците за Економскиот факултет, Универзитет „Свети Кирил и Методиј“?

Студентите на Економскиот факултет со самофинансирање плаќаат 12.321 денари за еден семестар и 2.150 денари за други трошоци (ИКСА и административни). Просечните трошоци за секој студент посебно за еден семестар се како што следува:

За литература 3.520 ден.

За потрошни материјали: 1.400 денар.

За превоз: 9.348 денари.

За домување: 26.400 ден.

За храна: 12.650 ден.

За рекреација: 14.202 ден.

Просечни трошоци за секој студент посебно за еден семестар: 81.335 денари (1.317 евра)

Просечни трошоци за секој студент посебно за една академска година: 162.670 денари (2.634 евра)

До завршување на додипломските студии: 650.680 денари (10.535 евра)

Што велат податоците за Филолошкиот факултет, Универзитет „Свети Кирил и Методиј“?

Студентите на Филолошкиот факултет со самофинансирање плаќаат 12.321 денари за еден семестар и 1.250 денари за други трошоци (ИКСА и административни). Просечните трошоци за секој студент посебно за еден семестар се како што следува:

За литература 2.012 ден.

За потрошни материјали: 760 ден.

За превоз: 10.340 денари.

За домување: 21.875 ден.

За храна: 12.958 ден.

За рекреација: 11.758 ден.

Просечни трошоци за секој студент посебно за еден семестар: 72.618 денари (1.176 евра)

Просечни трошоци за секој студент посебно за една академска година: 145.236 денари (2.352 евра)

До завршување на додипломските студии: 580.944 денари (9.406 евра)

Што велат податоците за Факултетот за медицински науки, Универзитетот во Тетово?

Студентите на Факултетот за медицински науки со самофинансирање плаќаат 12.321 денари за еден семестар и 750 денари за други трошоци (ИКСА и административни). Просечните трошоци за секој студент посебно за еден семестар се како што следува:

За литература 6.579 денари.

За потрошни материјал: 2.476 ден.

За превоз: 6.541 ден.

За домување: 14.809 ден.

За храна: 15.589 ден.

За рекреација: 11.360 ден.

Просечни трошоци за секој студент посебно за еден семестар: 69.850 денари (1.131 евра)

Просечни трошоци за секој студент посебно за една академска година: 139.700 денари (2.262 евра)

До завршување на додипломските студии: 698.500 денари (11.309 евра)

Перцепција на граѓаните: Студентите и цените, евтино или скапо?

Во вториот дел од истражувањето „Студенска Кошничка на студенти на Економскиот, Филолошкиот и Медицинскиот Факултет“ анкетиравме онлајн (преку Интернет) вкупно 185 лица за да ја научиме општата перцепција на граѓаните во однос на цените во однос на студентите. Одговорите се следни:

85,4% од испитаниците сметаат дека цените на основните прехранбени производи се скапи.

80% од испитаниците сметаат дека цените на основните прехранбени производи не се прифатливи за студентите.

81,1% од испитаниците сметаат дека помошта на државните институции за студентите не е доволна.

79,5% од испитаниците сметаат дека државните универзитети не обезбедуваат доволно помош/стипендии за студентите.

80% од испитаниците сметаат дека сумата од 140 денари дневно што им се доделува на студентите не е доволна.

57,3% од испитаниците сметаат дека цената од 3.410 денари за студентски дом не е прифатлива за студентите.

53,5% од испитаниците сметаат дека цената на студиите/семестарот на државните универзитети е висока.

62,2% од испитаниците сметаат дека цените на книгите и другите материјали за трошење се не прифатливи за студентите.

62,2% од испитаниците сметаат дека студентите немаат финансиски можности за културни, спортски и туристички активности.

83,8% од испитаниците сметаат дека студентите не можат да си ги дозволат месечните трошоци без да бидат вработени.

66,5% од испитаниците сметаат дека во следните 12 месеци економската состојба и животниот стандард на студентите ќе се влоши.

По ова истражување, Форумот за Oбразовни Промени препорачува да има бесплатно јавно образование за сите студенти, да се дигитализираат административните услуги, да се зголеми износот на државните стипендии и да се прошири листата на факултети со највисоки стипендии, да се прошири листата на категории студенти кои добиваат државни стипендии, да се прошири листата на категории студенти кои се ослободени од учество. Прочитајте ги другите препораки на крајот од истражувањето.

Автор и уредник на ова истражување е Ардит Рамадани , истражувачи се Сабрије Тефики, Кристијан Стефановски и Иван Трајковски. Истражувањето го преведе Бехаре Касами, а дизајнираше Виган Демири.

Форум за образовни промени

Анкета: Ниска доверба на Американците во медиумското покривање на изборите

Иако многу Американци велат дека добиваат информации за годинашната кампања за претседателските избори од најголемите, национални медиуми, анкетата покажува дека повеќето испитаници се сомневаат во нивното известување, пренесе Бета.

Дури 53 отсто од анкетираните велат дека се крајно или многу загрижени дека медиумите ќе пренесат неточности или дезинформации пред и за време на изборите. Околу 42 отсто рекле дека се загрижени затоа што мислат дека вестите ќе користат „генеративна вештачка интелигенција“ за пишување извештаи.

Четириесет и седум отсто од Американците рекле дека се длабоко загрижени затоа што веруваат дека вестите ќе објават информации што не се потврдени или проверени, а 44 отсто се загрижени дека точните информации ќе бидат претставени на пристрасен начин - на начин што оди во прилог на едната или на другата голема партија.

Половина од испитаниците рекле дека секогаш или често добиваат вести за изборите од поголемите медиуми, а тоа е повеќе кај постарите испитаници.

-Нивото на покриеност на вестите е добро“, рече Мајкл Болден, извршен директор на Американскиот институт за печат што го спроведе истражувањето, но „загриженоста е што тие не се сигурни дека навистина можат да им веруваат на информациите“.

Делумна причина, според него, се долгогодишните сомнежи за новинарите, „од кои голем дел беа подметнати од политичарите“. Луѓето исто така се слабо свесни за тоа како функционира новинарството.

Анкетата покажа дека околу половина од испитаниците рекле дека имаат барем умерена доверба во информациите и на најголемите и на локалните медиуми за претстојните избори годинава, а само околу десет отсто се изјасниле дека имаат целосна доверба во нив.

Околу 60 отсто од приврзаниците на владејачката Демократска партија велат дека најмалку се потпираат на најголемите национални медиуми за вестите за изборите. Над 48 отсто од приврзаниците на опозициските републиканци и 34 отсто од приврзаниците на независните кандидати го велат тоа, покажа истражувањето.

Покрај неточностите, многумина изразија голема загриженост за изборните вести кои премногу се фокусираат на поделби или спорови, или на тоа кој би можел да победи или изгуби - слично како покривањето на коњските трки - додека помалку зборуваат за важни прашања или карактерот на кандидатите.

Така, повеќето Американци велат дека сакаат националните и локалните вести да ги истакнат вредностите на кандидатите или нивните различни позиции за клучните општествени прашања, за тие, како гласачи, да бидат соодветно информирани и врз основа на тоа да одлучат кого да поддржат. /МИА

притисни ентер