Демонстрантките со транспаренти како „Ќе се бориме додека не го постигнеме она што го сакаме“ побарале претседателот Реџеп Таип Ердоган да ја врати Истанбулската конвенција, јавува Франс прес.
Турција официјално се откажа од меѓународниот договор во јули, а беше прва што донесе обврзувачки правни норми за борба против родовото насилство.
Конзервативците во владејачката партија АКП велат дека договорот ја поттикнува хомосексуалноста и го загрозува традиционалното семејство.
Со транспаренти како „Не молчи за насилство од мажите“, демонстрантките сакале да ја преминат улицата Исиклал, една од најпознатите артерии во Истанбул.
Поворката се обидела да ги помине полициските барикади, но потоа полицијата со солзавец ја растера толпата.
Од почетокот на годината, според платформата „Ќе го запреме феминицидот“ во Турција се убиени 345 жени, а во 2020 година 410.Неколку активистки за правата на жените изјавиле за Франс прес дека жените се чувствуваат поранливи и помалку заштитени откако Турција се повлече од Истанбулската конвенција.