Трипуновски во Платежната агенција за неисплатени субвенции на земјоделец од Арачиново

Земјоделецот од Општина Арачиново, Зејнула Сулејмани две години чека институциите да кажат зошто не добил субвенции.

За ова, тој наводно му се пожалил на дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.

Образложувајќи го случајот на Сулејмани, Трипуновски денеска даде изјава за медиумите пред Платежната агенција, при што повтори дека до 12 април, кога треба да се одржат предвремените парламентарни избори, постојано ќе биде меѓу земјоделците и ќе помага да се решаваат нивните проблеми.

– Денеска сум во Платежната агенција на барање на еден земјоделец кој дојде до мене во Министерството и побара помош. Се работи за предмет што од 2018 година тапка во место, а загрижениот земјоделец е Зејнула Сулејмани кој две години го чека одговорот за своите редовно заслужени субвенции. Јас во разговор со него одлучив директно да дојдам во Платежната агенција и да се информирам лично од прва рака за целата ситуација, односно зошто на овој човек не му се исплаќаат субвенциите, рече Трипуновски.

Дополнителниот заменик-министер го лоцираше проблемот во менаџерскиот тим на Агенцијата иако во неа, како што истакна, работат многу вредни и чесни луѓе.

– Ова е само еден доказ дека она што го зборуваме изминатите години дека имаме некомпетентни луѓе на работни позиции во институциите доаѓа на дело. Ова е еден доказ дека институциите работат споро по налог на овие менаџери. Овој човек си ги чека редовно заслужените субвенции, чека одговор, дури и да му се каже дека не му следуваат со објаснети причини, па понатаму нека ги бара во судските инстанции да види дали навистина е во право или можеби институцијата е крива, напомена Трипуновски. /МИА

Двајца загинати во тешка сообраќајна несреќа на патот Радовиш-Штип

Во сообраќајната несреќа што се случи на магистралниот пат Радовиш-Штип загинаа двајца возачи, а сопатничка од едното возило е пренесена во штипската Болница.

Веста за МИА ја потврди портпаролката на СВР Струмица, Александра Трајанова, која информираше дека во несреќата учествувале автомобили „пасат“ и „опел“.

- На местото на несреќата починале возачите на двете возила, а сопатничка од патничкото возило „опел" е пренесена во Медицински центар Штип, изјави Трајанова.

Увид на местото на несреќата врши јавен обвинител, а сообраќајот се пренасочува по стариот пат.

Од полицијата повеќе детали за несреќата најавуваат за утре.

Во ЕУ 7,1 отсто од вработените работат 49 или повеќе часа неделно, најмногу во Грција

Во Европската унија во 2023 година, 7,1 отсто од вработените работеле 49 или повеќе часа неделно, што спаѓа во долго работно време, покажуваат податоците објавени од Евростат.

Од земјите на Европската унија најголем удел на работници со долго работно време има Грција, поточно 11,6 отсто, потоа Кипар со 10,4 отсто и Франција со 10,1 отсто.

Најмал удел на вакви работници е забележан во Бугарија, 0,4 отсто, како и во Литванија и Летонија, по 1,1 отсто.

Речиси една третина од самовработените или поточно 29,3 отсто од оваа категорија работат 49 или повеќе часа неделно, додека кај вработените овој процент е значително помал и изнесува 3,6 отсто.

Долгите работни часови најчесто се застапени кај квалификуваните работници во земјоделството, шумарството и рибарството, како и кај менаџерите.

Како што пренесува порталот Статиста, вработените со полно работно време во Европската унија во првиот квартал од 2023 година работеле во просек по 40,4 часа неделно.

Истражителка на ОЈО Скопје за компјутерски криминал со меѓународно признание од ИЛЕА

Меѓународната академија за спроведување на законот (ИЛЕА) во Будумпешта додели признание за работата и постигнувањата на Марина Пешовска, истражителка за компјутерски криминал од Истражниот центар на Основното јавно обвинителство Скопје.

Пешовска беше избрана како финалист во категоријата “оперативен успех” поради успешна примена на вештините за дигитална форензика во борбата против локалниот и транснационалниот сајбер-криминал.

Успехот на Истражниот центар го истакна и Амбасадата на САД во Скопје. “Американската амбасада е горд партнер на Основното јавно обвинителство Скопје во неговата борба против компјутерскиот криминал и промоцијата на одговорноста”, објави Амбасадата на САД во Скопје за признанието од ИЛЕА.

Пешовска е еден од 17-те истражители во Истражниот центар на ОЈО Скопје.

Истражниот центар е своевидно јадро на обвинителството и бројот на предмети во кои постапувале истражителите за една година е практично речиси удвоен – од 150 предмети во 2022 на над 280 предмети во текот на 2023 година. Истражителите самостојно преземаат голем број различни дејствија – прибирање документација, барања до институции, учествуваат при претреси и лишување од слобода на лица, а се ангажирани и во дејствија на меѓународна соработка со истражни органи од други земји.

Најголем дел од опремата за Истражниот центар на ОЈО Скопје е донација од Амбасадата на САД, соопштија од Обвинителството.

притисни ентер