Трибина – изложба за основоположникот на модерно Скопје, Јосиф Михаиловиќ

 Во Музејот на Град Скопје денеска ќе се одржи трибина – изложба посветена на основоположникот на модерно Скопје, Јосиф Михаиловиќ.

Михаиловиќ е роден во Тресонче. Бил градоначалник на Скопје од 1929 до 1936 година, а потоа во 1939 година повторно бил назначен за прв човек на градот, функција на која останува до крајот на својот живот. Во текот на мандатот, кој траел речиси десет години, се насочил кон модернизација на градот и неговото комунално уредување. Со својата визија и умeшност успеал да ги даде првите урбани правци во кои Скопје треба да се развива.

На почетокот на 1929 година, за да добие целосен приказ на состојбите во главниот град, Михаиловиќ повеќе пати го надлетувал, вклучувајќи ја и околината. По авионското снимање го изработил Генералниот регулационен план на Скопје (усвоен во 1930 година) и извршил геодетски премер. Се вклучил во планирањето, проектирањето, мерењата и изведувањето на работите, а од околните школи за геометри ангажирал 450 ученици и 25 дипломирани геометри на кои им била потребна работна пракса. Тие освен за премер, биле ангажирани и за попис на населението.

По усвојување на планот во 1930 година, за задоволување на потребите со електрична енергија на градот првично била изградена термоцентрала под Кале, а потоа на реката Треска почнала и изградбата на хидроцентралата „Матка" (пуштена во погон 1938). Во истиот период почнала изградбата и на водоводот Рашче, кој е завршен во 1936 година и се поврзува со Скопје во 1937 година. За заштита на градот од поплава од водите на реката Вардар го изградил насипот во Градскиот парк и ја регулирал реката Серава.

За време на мандатот на Михаиловиќ се градат повеќе јавни објекти: училишта, општински згради, Народното собрание, Општинската зграда, Градската болница, Хигиенскиот завод, Заводот за социјалното осигурување, Старата железничка станица, Народната банка, Трговско-индустриската комора, Лекарската комора, Домот на сојузот на инженерите и архитектите, Офицерскиот дом, Конзервната фабрика „Вардар", бетонските мостови на Вардар, биле уредувани улици, Плоштадот, Золошката градина и многу други.

Јосиф Михаиловиќ се занимавал и со архитектонско проектирање. Позначајни реализирани објекти му се зградата на Црвениот крст во Скопје (1930), сопствената индивидуална куќа во Скопје (1939), Фабриката за текстил во Скопје (1939). Во обликувањето на зградата се инспирирал од народната архитектура. Се занимавал и со публицистика.

Граѓаните особено го ценеле Михаиловиќ, кој знаел пеш или со пајтон да шета низ градот и да ги бележи сите проблеми.

Првиот човек на Скопје починал на 11 март 1941 година, само еден месец пред почетокот на Втората светска војна. Скопјани достоинствено го испратиле до последното живеалиште. Во погребната поворка, која ја следеле повеќе од 15.000 граѓани, голем дел биле облечени во мијачки народни носии. Целата церемонија траела повеќе од пет часа, а повеќе од 20 лица одржале проштални говори. /МИА.

Најмалку 22 лица загинаа во израелските напади врз Рафа

Најмалку 22 лица загинаа во израелските напади во текот на ноќта врз градот Рафа во јужниот дел на Газа, соопштија палестинските здравствени власти. Меѓу убиените има шест жени и пет деца.

Од почетокот на војната, Израел редовно ја изложува Рафа на воздушни напади и се заканува дека ќе испрати копнени трупи, тврдејќи дека тоа е последното упориште на Хамас во крајбрежната енклава.

Над еден милион Палестинци избегаа во Рафа, барајќи засолниште во градот, кој се протега на границата со Египет. САД и другите земји го повикаа Израел да не врши инвазија за да избегне хуманитарна катастрофа.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска ја започна својата седма дипломатска мисија на Блискиот Исток од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, пред повеќе од шест месеци. /МИА

Најмалку 93 лица загинаа во поплавите во Кенија

Кенија го одложи отворањето на училиштата за една недела поради последиците од големите поплави предизвикани од обилните дождови кои ја погодија оваа источноафриканска земја од средината на март и досега однесоа речиси 100 животи.

Се проценува дека 93 лица загинаа во поплавите, а се очекува бројот да се зголеми откако синоќа се преврте брод во северниот округ Гариса.

Кенискиот Црвен крст соопшти дека 23 лица биле спасени од чамецот, но десетици се уште се водат како исчезнати.

Во соопштението на Министерството за образование се наведува дека во поплавите тешко се оштетени некои училишта. Локалните медиуми објавија дека повеќе од 100 училишта се поплавени, а на многу од нив им се урнати ѕидови и покриви.

Сите училишта кои денеска требаше да бидат отворени, го одложија тоа за 6 мај.

Обилни дождови ја погодија Кенија од средината на март, а Одделот за метеорологија на земјата предупредува на опасност од нови врнежи.

Најголем број жртви се евидентирани во главниот град на Кенија, Најроби, каде во вчера беше поплавен и аеродромот. Снимките на социјалните мрежи покажуваат дека се поплавени пистата, терминалот и товарниот дел на аеродромот.

Повеќе од 200.000 луѓе низ земјата се погодени од поплавите, а куќите беа потопени во областите подложни на поплави додека луѓето бараа засолниште во училиштата.

Кенискиот претседател Вилијам Руто побара од Националната служба за млади да обезбеди земјиште за привремени кампови за погодените од поплавите.

Во источноафриканскиот регион се соочуваат со поплави поради обилните дождови, а во Танзанија се пријавени 155 загинати, додека повеќе од 200.000 се погодени во соседен Бурунди. /МИА

Гвардиола: Арсенал повеќе нема да губи бодови, ние ако ремизираме нема да ја освоиме титулата

Тренерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола изјави дека неговиот тим треба да победи на сите преостанати натпревари доколку сака да ја освои шампионската титула во Англиското фудбалско првенство.

- Мислам дека Арсенал повеќе нема да губи бодови. Ова е слично на ситуацијата со Ливерпул во минатото. Нас ни остануваат уште четири натпревари, пат тежок како да се искачиме на висока планина. Ако негде ремизираме, нема да го освоиме шампионатот, изјави Гвардиола.

Манчестер сити е втор на табелата во Премиер лигата со 79 бодови од 34 натпревари. Лидер е Арсенал со 80 бода по 35 кола.

До крајот на првенството, Арсенал ќе игра дома со Борнмут и со Евертон, а ќе му гостува на Манчестер јунајтед.

Сити ќе го пречека тимот на Вулвс и на Вест Хем, а ќе гостува кај Фулам и на Тотенхем. /МИА

притисни ентер