Три медали за македонските млади борачи на Балканското првенство во Бурса

Македонските млади борачи на Балканскиот шампионат во Бурса имаа добар настап и се вратија со три медали.

По тој повод Директор на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски им честиташе на репрезентативците во борење и додаде дека АМС целосно ќе ги поддржува настапите на македонските претставници во борење на сите меѓународни настапи од причина што борењето мора да се врати на патеките од минатото кога овој спорт беше еден од најтрофејните во Македонија.
- Тука сме за да ги промовираме нашите јуниори кои се враќаат од Балканското првенство во борење кое се одржа во Бурса, Република Турција. Нашите најмлади борачи се враќаат со освоени 3 медали, две сребрени медали и еден бронзен медал. Упатувам честитки до добитниците на медалите, но и до сите учесници кои ја претставуваа Македонија на овој шампионат. Исто така, во Словенија на Балканско Првенство заминуваат нашите пионери и кадети во борење. Агенцијата за млади и спорт целосно ги поддржува овие настани, од финансиски аспект и нашата намера е и во иднина да инвестираме во овој спорт во кој имаме значајни успеси. Уште еднаш, сакам да им честитам на нашите јуниори во борење, а на пионерите и кадетите да им посакам среќа и успех во Словенија, изјави на денешната прес-конференција Каевски.
Претседателот на Боречката федерација на Македонија Бетим Вренези изрази големо задовоство од неодамна завршеното Балканско првенство и од освоените медали, од кои два сребрени и еден бронзен.
- Елмедин Сејфулау,еден од најголемите боречки надежи во Македонија и Емир Реџепи освоија сребро, додека пак Рамадан Мустафовски се закити со бронзен медал. Успехот е далеку поголем ако се земе фактот дека конкуренцијата беше огромна, особено ако треба да се победат спортисти од земјите каде борењето е традиција, како Турција, Бугарија, Романија. Упатувам огромна благодарност до Агенцијата за млади и спорт за поддршката кон јуниорите, но и за целосно покривање за припремите и претстојниот настап на пионерите и кадетите на Балканското првенство кое од 03-05.11 ќе се одржи во Словенија, рече Каевски.
Македонската репрезентација ќе настапи со 17 натпреварувачи од кои две девојчиња, а од ова натпреварување се очекува уште поголем успех, - изјави Вренези./МИА

Во Србија продолжува парламентарна расправа, се чека гласање за новата влада

Српскиот парламент претпладнево ќе ја продолжи првата вонредна седница на која единствена точка на дневен ред е избор на Влада и давање заклетва на претседателот и членовите. 

Се очекува дискусијата да продолжи, по што пратениците треба да гласаат, јавија српските медиуми.

Продолжението на првата вонредна седница на Националното собрание во актуелното свикување е закажано за девет часот. На седницата, која почна вчера, излагање поднесе претставникот за состав на новата Влада Милош Вучевиќ.

Во тричасовното обраќање пред пратениците, меѓу другото, тој истакна дека владата што ја предлага ќе биде влада на континуитет во најголема мера, како и дека полноправното членство во ЕУ останува стратешки приоритет на Србија. Тој наведе и дека најголемиот предизвик на новиот кабинет ќе биде одбраната на суверенитетот, ќе се предложи задолжителен воен рок од четири месеци. Вучевиќ порача дека членовите на Владата мора да бидат тим, дека секогаш мора да бидат подготвени да ги штитат националните и виталните интереси на Србија, а неговото прво и единствено барање е несомнената лојалност кон татковината. На Собранието му предложи 31 член на кабинетот, меѓу кои има осум нови личности. /МИА

Земјотрес од четири степени во поширокото подрачје на Лос Анџелес

Земјотрес со јачина од 4,1 степени според Рихтер синоќа го погоди поширокото подрачје на Лос Анџелес, соопшти Сеизмолошкиот институт на САД.

Земјотресот се случил во областа Корона, во близина на Лос Анџелес, објави Фокс.

Земјотресот бил почувствуван во пошироката област, западно до Лос Анџелес, Лонг Бич, округот Оринџ и Санта Кларита./МИА

Колумбија најави прекин на дипломатските односи со Израел поради војната во Газа

Колумбискиот претседател Густаво Петро изјави синоќа дека ќе ги прекине дипломатските односи со Израел поради војната во Појасот Газа. 

Петро претходно го критикуваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и повика Колумбија да се приклучи на тужбата за геноцид на Јужна Африка против Израел пред Меѓународниот суд на правдата.

„Овде пред вас, владата на промени, претседателот на републиката, најавува дека утре ќе ги прекине дипломатските односи со државата Израел, затоа што има влада, затоа што има геноциден претседател“, нагласи синоќа Петро во Богота на собир по повод Меѓународниот ден на трудот. Светот не може да биде слеп пред настаните во Газа, нагласи тој. /МИА

притисни ентер