Тошковски:„Safe city“ ќе проработи во текот на следната година

„Safe city“ ќе го имаме во финална употреба во текот на следната година, прво ќе треба системот да се подготви.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека очекува „safe city“ да се прилагоди, да се утврдат процедурите, ќе треба судовите да бидат подготвени да изрекуваат голем број казни на дневно ниво. Tошковски очекува системот целосно да биде ставен во функција веќе следната година.

--По завршување на техничката влада и по формирање на нормална влада, се посветив круцијално особено на овој проект, затоа што сметам дека оние бројки кои ги имаме од типот на 146, 126, 138 – ова се бројки на луѓе кои изгубиле живот како последица на сообраќајна незгода. овие цифри мора да ги намалиме, целта на воведувањето на овој систем на сообраќајна култура е да ги намалиме овие бројки. Еден човечки живот нема цена. Поради тоа, мора да го имплементираме овој систем, но како што треба, мора да го поставиме целокупниот систем на здрава основа. Ако јас се прашувам најдобро е да почне во функција во јануари 2025, но тоа е невозможно, имајќи ги сите овие чекори што треба да се преземат и би бил среќен доколку во текот на 2025 го пуштиме во финална употреба. Така што се надевам дека во 2025 ќе имаме целосна функционална примена – да го затвориме целосно системот, не само камерата да изврши фотографија на одредено лице, туку на крајот да стигнеме со наплата на предметната казна и еднаш засекогаш да се знае дека нема повеќе „ало началниче“, „ало министре“, нема веќе завршување работа надвор од системот и тоа треба да им е јасно на сите. Ако сакаме да бидеме нормална држава и да ги уживаме европските вредности кои претходните седум години не лажеа дека ни биле „втемелени во крвтококт“, мораме да се договориме она што ќе го почитуваме, да го почитуаме сите од прв до последен и само така ќе можеме да имаме нормална држава, нагласи Тошковски.

Бројот на жртви во поплавите во Шпанија се искачи на 224, меѓу нив има и 26 странци

Бројот на жртвите во поплавите во Шпанија се искачи на 224, а 16 лица се уште се водат како исчезнати, објавено е на веб-страницата на шпанската влада.

Како што се додава, 216 лица загинале во Валенсија, седум во Кастиља Ла Манча и едно во Андалузија, пренесува Ефе.

Владата наведува дека се извршени обдукции на сите жртви, а 197 тела се предадени на нивните семејства.

Повеќе од 100 од 216 смртни случаи регистрирани досега во Валенсија биле на возраст над 70 години, а девет биле малолетни, според официјалниот извештај на Центарот за интеграција на податоци објавен во јавноста од Врховниот суд на правдата во Валенсија, објави Гардијан.

Од вкупниот број починати, 131 се мажи, а 85 се жени, 190 се од шпанска националност, а уште 26 се од 11 други земји.

Од 26-те странци кои ги загубиле животите, мнозинството се од Романија (9), но жртви има и од Мароко (4), Кина (4), Обединетото Кралство (2), Еквадор (1), Венецуела (1) , Украина (1), Холандија (1), Тунис (1), Колумбија (1) и Парагвај (1).

Невремето во Шпанија започна на крајот на октомври, проследено со големи поплави, кои најтешко го погодија регионот на Валенсија.

Жена од Тексас постави светски рекорд- донирала речиси 13.000 шишенца со свое млеко (ВИДЕО)

Мајка од Тексас, Алис Оглетри постави нов светски рекорд за најголема количина мајчино млеко донирана од поединец.

Оваа мајка на три деца донирала неверојатни 2.645,58 литри млеко до јули 2023 година, соборувајќи го сопствениот рекорд од 2014 година, објави Гинисовата книга на рекорди.

Тогаш, кога првпат го постави светскиот рекорд, донирала 1.569,76 литри. Таа ги испратила сите донации во банката за млеко за мајки во Северен Тексас, а уште повеќе млеко, кое не било вброено во официјалната оценка, донирала на блиски пријателки и на банката за млеко Tiny Treasures.

На прашањето кој е нејзиниот омилен дел од донирањето млеко, Оглетри рече дека „знае дека им помага на другите“.

„Имам големо срце. На крајот на денот, немам многу пари за да продолжам да донирам затоа што имам семејство за издржување. Ако проценката од три бебиња по унца е точна, помогнав на повеќе од 350.000 бебиња“, изјави Оглетри за Гинисовата книга на рекорди.

Сѐ започнало во 2010 година кога го родила својот прв син, кој сега има четиринаесет години. Таа тогаш не знаела дека има можност да донира млеко, сѐ до моментот кога сфатила дека произведува повеќе млеко од вообичаено.

"Премногу лачев и фрлав млеко, несвесна дека хиперпродукцијата е единствена и дека другите мајки се мачеа со недоволно млеко. Нашиот прв син Кајл беше во болница, а јас го полнев замрзнувачот во собата на медицинската сестра. Медицинската сестра ме праша дали размислувам за донирање, што дотогаш не ми паднало на памет и така дознав за таа можност. На крајот донирав сѐ што имав собрано дотогаш и продолжив да донирам некое време", објаснила таа.

Таа продолжила да донира и по раѓањето на другите два сина, и откако еднаш била сурогат мајка.

Германија го одби предлогот на Борел за прекин на дијалогот со Израел

Германија го отфрли предлогот на еврокомесарот за безбедност и надворешна политика, Жозеп Борел, за прекин на политичкиот дијалог со Израел, наведувајќи ги како причина евентуално кршење на човековите права во Газа.

„Прекинувањето на дијалогот со Израел не е од корист за луѓето кои страдаат во Појасот Газа, за заложниците на Хамас, ниту за луѓето во Израел кои се подготвени за дијалог“, се вели во соопштението на германското Министерство за надворешни работи во Берлин, објави Јаху.

Од Берлин беше кажано дека Советот за асоцијација ЕУ-Израел создава „соодветна рамка“ за да разговара со израелската влада за почитување на принципите на хуманитарното меѓународно право.

„Ние сме за тоа да останат отворени каналите за комуникација. Во секој случај тоа важи и за Израел“, се вели во соопштението на МНР.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок реагираше и на претходните предлози на Жозеп Борел да ги стави екстремните израелски министри Безалел Смотрич и Итамар Бен-Гвир на листата на санкции на Европската унија.

„Ако одделни израелски министри го доведуваат во прашање палестинското право да постои, тоа мора да биде санкционирано на ниво на ЕУ“, изјави Баербок за јавниот радиодифузен сервис ЗДФ.

Борел повика на прекин на дијалогот по долгогодишното одбивање на Израел да разговара за хуманитарната ситуација во Појасот Газа на Советот за асоцијација.

Во писмото испратено вчера до министрите за надворешни работи на ЕУ, пред нивниот состанок во понеделник, Борел изрази „сериозна загриженост за можни прекршувања на меѓународното хуманитарно право во Газа“ и рече дека „Израел досега не одговорил доволно на овие грижи“.

За суспензијата ќе биде потребно одобрение од сите 27 земји на ЕУ, што се смета за неверојатно меѓу дипломатите.

Според дипломатски извори, предлогот на Борел има за цел да испрати силен сигнал за загриженост поради однесувањето на Израел во војната.

притисни ентер