Тошковски: Разочаран сум од некрофилските обиди на СДСМ за манипулација на народот

Тврдењето дека за време на моето раководење со МВР е расчистен само еден случај е целосно лажно и манипулативно, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Разочаран сум од некрофилските обиди на СДСМ за манипулација на народот со обвинување за наводната неспособност на МВР во овие 100 дена и сметам дека истите се само очаен обид да го свртат вниманието од седумгодишниот хаос и уништувањето на безбедносниот систем што тие го оставија зад себе.

Тврдењето дека за време на моето раководење со МВР е расчистен само еден случај е целосно лажно и манипулативно, со цел да се дезинформираат граѓаните. Според официјалните бројки на МВР, во 2023 година имало 23 убиства од кои 2 нерасветлени, додека во 2024 година до месец октомври има 16 убиства, од кои исто така само 2 се нерасветлени. Овие податоци покажуваат дека ситуацијата не само што не е влошена, туку е и подобрена од аспект на намалување на бројот на убиства.

Но, сите знаеме каков хаос се случуваше во изминатите 7 години каде скандалите се редеа еден по друг. Нивните владеачки структури дозволија криминалците да владеат на улиците, да пукаат во трговски центри, да тероризираат граѓани и да ја претворат полицијата во извршител на нивните интереси. Пукањата во "Ист Гејт", каде криминалци пукаа сред бел ден, мафијашките убиства во "Шиша Бар" и Бутел, двојното убиства во Топанско Поле, бегствата на затвореници – сето тоа не се случи во овие 100 дена. Овие настани чии извршители ден денес се непознати, се резултат на долгогодишното уништување на системот, кој тие го претворија во механизам што им овозможуваше на криминалните структури да дејствуваат слободно. За време на нивната власт, која сега се осмелува да зборува за неспособност, пасоши се делеа на меѓународни криминалци – 215 нарко босови и лица со меѓународни потерници добија македонски документи и се движеа слободно низ Европа.

Граѓаните многу добро знаат кој дозволи бандити да се пресметуваат по улиците на Скопје и кој стоеше зад најголемите скандали со кражба на оружје од полициските депоа и организирани напади врз полициски службеници во станиците. Наместо да се справат со организираниот криминал, тие соработуваа со него, оставајќи ги институциите немоќни да ги заштитат граѓаните.

Да не заборавиме и дека токму во нивно време се случија корупциските афери како "Рекет", каде највисоките државни функционери беа замешани во изнуда и злоупотреба на моќ.

Пукањата и убиствата што денес ги гледаме се наследство од нивното владеење, кое дозволи полицијата да биде контролирана од криминалци, додека народот беше оставен незаштитен.

Ние најавивме бескомпромисна борба со овие криминални структури, почнавме да го обновуваме системот и да ја враќаме контролата врз безбедноста и правдата, но не може веднаш да се реши она што беше систематски уништувано 7 години. Воведовме засилени мерки и акциски контроли, но за целосна победа над криминалот е потребна стратешка и долгорочна акција. Ова е процес што нема да се случи преку ноќ, но ние сме решени да ги вратиме безбедноста, правдата и редот во земјата, за разлика од нив, кои дозволија криминалците да го контролираат секој аспект од нашето општество, стои во објавата на министерот Тошковски.

Во Тунис денеска се избира претседател, со еден претседателски кандидат во затвор

Тунискиот претседател, Каис Сајед, на денешните претседателски избори е фаворит за освојување на својот втор мандат, откако неговиот главен политички ривал беше затворен минатиот месец, додека другиот противник е лидер на помала политичка партија.

Политичкиот развој на настаните во Тунис се сметаше за единствената релативно успешна приказна за Арапската пролет во 2011 година поради воведувањето на демократијата по децениското автократско владеење.

Меѓутоа, групите за човекови права сега тврдат дека Сајед, кој е на власт од 2019 година, поништил дел од демократскиот развој со отстранувањето на институционалните и законските ограничувања на својата моќ.

Сајед (66) ја отфрла ваквата критика и наведува дека се бори против корумпираната елита и предавниците и дека нема да биде диктатор.

Ајачи Замел, кој се сметаше за најголема закана за претседателот Сајед, веќе два месеца е во затвор, а вториот противкандидат, лидерот на партијата Народно движење, Зухаир Магзауи, е поранешен сојузник на Сајед.

Повеќе високо рангирани претставници на големите партии, кои главно се против политиката на Сајед, беа затворени во текот на изминатата година по различни обвиненија.

Тие партии јавно не поддржаа ниту еден од тројцата кандидати на денешните избори, додека на другите им беше забрането да се кандидираат.

Минатиот месец, изборната комисија, чии членови беа именувани од Сајед, дисквалификуваше тројца истакнати кандидати.

Парламентарците лојални на Сајед минатата недела му ја одземаа надлежноста на Управниот суд за изборни спорови, за кој се верува дека е последното независно судско тело во земјата.

Сајед од 2021 година ја концентрира целата моќ во свои раце, кога го распушти избраниот парламент и го преобликува уставот во она што државата го опиша како државен удар.

На референдумот за измени на Уставот излегоа само 30 отсто од гласачите, додека во јануари 2023 година на изборите за новиот состав на парламентот со значително намалени овластувања излегле само 11 отсто од гласачите./МИА

Анчелоти за повредата на Карвахал: Во соблекувалната има нервоза и тага

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, ги кажа деталите за повредата на одбранбениот фудбалер Дани Карвахал, која ја доби на крајот од синоќешниот натпревар од 9. коло на Ла Лига против Виљареал (2:0).

- Карвахал е сериозно повреден. Многу ни е жал. Докторот ми кажа дека го повредил коленото. Во соблекувалната владее нервоза и тага. Се случи нешто што не требаше да се случи. Ова често се случува поради густиот натпреварувачки календар. За жал, ова се случи со многу важен играч за нас, изјави Карло Анчелоти на прес-конференцијата по натпреварот.

Триесет и двегодишниот Шпанец ги скина вкрстените лигаменти на десното колено по дуел со противнички играч за време на судиското надополнување и заврши на тревата. Теренот го напушти на носилки./МИА

„Франција во светлина“ – спектакл на „Бела ноќ“ во Скопје

Да патуваме и сонуваме и секој да ја отсонува својата приказна. Тоа е пораката која на 20-то издание на „Белата ноќ“ во Скопје ја испрати француската театарска трупа „Кидам“.

Пеформансот насловен како „Сонот на Ербер“ предизвика големо внимание кај јавноста, а започна од Музејот на Град Скопје.

Пет луѓе, трансформирани во џиновски фигури продефилираа по улица Македонија, предизвикувајќи насмевки кај присутните, а најмногу кај децата

Потоа, тие кратко време се задржаа на плоштадот „Македонија“, и прегрнувајќи ги уличните канделабри. Веднаш после тоа, се упатија кон плоштадот „Карпошово востание“ преку Камениот мост.

Таму, следуваше главниот магичен ритуал и преку музика, фигурите овозможија една ѕвезда да се издигне на небото.

Директорот на Францускиот институт во Скопје, Иго Бештел не го криеше задоволството што „Кидам“ се претставиле пред скопската публика.

Голем дел од присутните со насмевка го проследија перформансот. Велат, не очекувале ваков ритуал и посакуваат вакви настани да има што почесто во земјава во иднина.

-Убаво, убаво. Навистина интересна точка. Не очекував дека вакво нешто ќе се случи тука. Прекрасно изненадување, морам да кажам.

Инаку, француската театарска група „Кидам“ е основана во 1994 година, а имаат повеќе од 150 настапи годишно во повеќе земји. Во групата членуваат 27 уметници и техничари.

Спектаклот „Сонот на Ербер“ беше еден од дваесетина настани што синоќа се одржуваа на повеќе локации во Скопје во рамките на „Бела ноќ“.

Инаку, настанот го организираше Францускиот институт во Скопје по повод 50 години од своето постоење.

притисни ентер