Агенцијата, позната по акронимот PST, вчера соопшти дека нападот во мал норвешки град „во моментов се чини дека е терористички акт“.
„Истрагата ќе разјасни подетално што ги мотивирало инцидентите“, се вели во соопштението.
Данскиот државјанин (37) Еспен Андерсен Братен, кој е осомничен за убиството на пет лица во напад со лак и стрела во норвешкиот град Конгсберг, преминал во ислам и полицијата е загрижена поради знаците на радикализација, соопштила полицијата.
Норвешките медиуми пишуваат дека Братен имал проблеми со законот и бил уапсен претходно оваа година, откако му се заканил на неговиот татко со убиство. Тој објавил видеа на Јутјуб нарекувајќи се пророк.
Петмината убиени, четири жени и еден маж, биле на возраст од 50 до 70 години. Две лица, меѓу кои и полицаец кој не бил на должност, се повредени.
„Напаѓачот се преобрати во ислам и полицијата беше загрижена за индикациите дека се радикализира“, изјави на новинарите шефот на националната полиција Оле Брадруп Саеруд, истакнувајќи дека е прерано да се каже дали нападот треба да се испита како терористички акт.
„Имаше загриженост за радикализација ... Беше следен“, рече тој, без да навлегува во детали.
Напаѓачот живеел во Конгсберг, кој се наоѓа 68 километри југозападно од Осло и има околу 28.000 жители.Се верува дека дејствувал сам.
Нападот се случил рано утрото и траел повеќе од половина час во пошироката област Конгсберг, вклучувајќи ја и продавницата Coop Extra, објави весникот Афтенпостен.
По нападот, полициската администрација им наредила на полицајците низ целата земја да носат огнено оружје. Норвешката полиција е генерално невооружена, но полицајците имаат пристап до оружје кога е потребно.
Полициската администрација соопштила дека станува збор за мерка на претпазливост и дека „засега нема индикации дека националното ниво на опасност ќе се промени“.
Бројот на жртви го прави овој најлош напад во Норвешка од 2011 година, кога екстремно-десничарскиот екстремист Андерс Беринг Брејвик уби 77 луѓе, главно тинејџери кои присуствуваа на младински политички камп.
„Тој ги призна околностите на нападот“, изјавила полициската адвокатка Ен Ирен Сване Матијасен за новинската агенција НТБ.
„Ќе треба да видиме дали и ќе ја признае вината за нападот“, рече таа.
Неговиот адвокат, Фредрик Нојман, изјавил за јавната телевизија дека соработувал со полицијата. Норвешкото кралско семејство изразило сочувство до жртвите. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, исто така, изрази шок и тага поради нападот.