Татко и син загинаа на скијање на австриските Алпи- ги затрупала лавина

Драматична ситуација се случи на австриските Алпи, во Цилертал, кога татко и 22-годишен син трагично ги загубија животите на скијање.

Таткото (51) бил на зимски одмор во Австрија со двата сина на возраст од 19 и 22 години и нивниот пријател (19). Групата се спуштала од врвот на околу 2.576 метри околу 12 часот кога биле затрупани од снежна лавина.

Пријателот и помалиот брат некако успеале да ја избегнат оваа елементарна непогода, додека таткото и постариот син биле затрупани. Подоцна било откриено дека тие починале.

Очевидец, кој случајно се нашол во близина, веднаш повикал брза помош. Полицијата и спасувачките хеликоптери, како и планинските спасувачи од Мајрхофен, Тукс и Зел ам Цилер патролирале во областа со кучиња трагачи.

„Првично не можеа да воспостават сигнал за потрага по жртви под лавината“, соопштија од контролниот центар, пренесува Билд.

По еден час потрага спасувачите го откриле телото на синот на длабочина од два метри. Малку подоцна, на околу 20 минути, спасувачите го нашле таткото затрупан под три метри снег. Мерките за реанимација биле неуспешни.

Во Цилертал на Алпите, по снежните врнежи во последните неколку дена, нивото на предупредување за лавина е 3, на височина од 2.200 метри. Во областа каде што се нашла групата можни се спонтани лавини што ја прави ситуацијата доста непредвидлива.

Герасимовски: Донесовме рекорден буџет за 2025 година, дури 45% за капитални проекти

Советот на Општина Центар на 43. Седница со 18 гласа ЗА, воздржани 2 и ниеден против, го усвои буџетот за 2025 година. 

Проектираниот основен буџет е рекорден, со вкупна сума од 1.086.250.000,00 денари. Од овој износ, дури 45% се наменети за капитални проекти, додека преостанатите 55% ќе се користат за тековно и оперативно функционирање на општината.

Градоначалникот Герасимовски ја поздрави одлуката на Советот.

„Сакам да се заблагодарам на советниците и на администрацијата на општината за успешната реализација на многуте квалитетни проекти во текот на оваа година, во интерес на граѓаните. Со програмата и буџетот за следната година, верувам дека ќе имаме уште поголем број проекти што заедно ќе ги реализираме. Благодарност и за поддршката и гласовите што Советот ги даде за новиот буџет за 2025 година за да можеме да креираме буџет што ќе одговори на потребите на сите наши сограѓани", изјави Герасимовски.

Буџетот за наредната година е развоен, реален и транспарентен, а приоритетните капитални проекти се: финализирање на реконструкцијата на спортската сала „Работнички“, изградба на нова општинска зграда со подземен паркинг, реконструкција на улиците во локалитетот Тасино Чешмиче, во населбата Капиштец и во реонот на Дебар Маало, реконструкција на улицата „50 Дивизија“, пренамена на улицата ,,Мирослав Крлежа" во пешачка зона и модернизација на јавното осветлување со воведување ЛЕД технологија и примена на современи техники за управување и надзор.

Во областа на образованието, обезбедени се средства за реконструкција на училиштата, набавка на униформи за учениците, информатичка опрема, како и за инсталирање фотоволтаични системи на три детски градинки.

Во делот на животната средина, акцентот е ставен на набавка на мерни сензори за бучава, мобилни уреди и мапирање на бучавата, а планирани се средства и за санација и поставување урбана опрема, реконструкција на игралишта, паркови и зелени површини.

Во сегментот социјална заштита обезбедени се средства за новиот проект „итно копче“ за помош во итни ситуации за повозрасни лица и пакет услуги за деца и жени жртви на насилство, како и превенција од дроги и зависности. Во програмата за култура, на барање на советниците додаден е проектот ,,Прошетка со граѓаните за запознавање на знаменитости на Центар“.

Во делот на спортот, обезбедено е финансирање на КК ,,Работнички" и организација на натпревари во рамките на Лига Центар, со цел да се поттикне спортската активност и да се создадат услови за развој на младите спортисти.

Во буџетот се предвидуваат финансии и за одржување на постоечката инфраструктура, сервисирање тековни потреби на граѓаните и редовните проекти од сите сфери кои се покажаа како успешни, меѓу нив: сервис за стари лица, еднократна помош за новороденчиња и социјално загрозени семејства, стипендии за талентирани ученици и ученици од семејства во социјален ризик, Феникс награда, награди за најдобрите наставници и негувателки, како и обезбедување средства за хигиена и тековно – оперативни трошоци во градинките и основните училишта во Општина Центар.

Општина Центар

Американец добил на лото милијарда и 200 милиони долари- цената на тикетот е 2 долари

Добитниот тикет за џекпот на лотаријата Mega Millions вреден 1,22 милијарди долари го купил жител на Калифорнија и ја освои петтата најголема добивка во историјата.

Добитниот тикет со шест добитни броеви е продаден во округот Шаста, Калифорнија, во продавницата Circle K, пренесува ABC News.

Добитните броеви, извлечени синоќа, беа 3, 7, 37, 49, 55 и златната Мега топка број 6, а според американската ТВ мрежа, шансите за освојување на џекпотот се проценети на 1 спрема 302.575.350.

Лотаријата Mega Millions се игра во 45 држави, плус Вашингтон D.C. и Американските Девствени Острови, а цените на тикетите се два долари.

Скијачкиот центар Михајлово се отвора в среда, најавен и превоз од Кавадарци

Скијачки центар Михајлово се отвора в среда, најавен е и превоз од Кавадарци, од страна на  јавното претпријатие „Градски превоз", по официјален возен ред што ќе биде објавен деновиве. 

Градоначалникот Митко Јанчев вели дека од оваа зимска сезона, овде ќе може да се ужива во зимските спортови, покрај во убавините на природата на Кожуф планина.

За Центарот, како што беше уште претходно кажано, теренските работи се донација од општествено одговорната фирма „ЈА МИ“ - Кавадарци, инвестицијата е донација од „Комерцијална банка“ и од „Кожувчанка“ ДОО. Центарот опфаќа ски стаза, ски лифт и потребните елементи за сите возрасти.

Јанчев додава дека е ова уште еден голем проект и инвестиција што го продолжува и така брзиот развој на општината, ветен во предизборната програма, сега, како што нагласува, овој проект е реалност.

Уште претходно беше најавено дека сите наставници по физичко и здравствено образование ќе бидат вклучени во активностите, да ги доближат вештините на скијање до учениците.

- Кожуф планина е благодет за општината и државата. Тука е детското одморалиште Михајлово, ова важи за воздушна бања. Кон активности на терен пристапивме откако претходно ги добивме сите дозволи од надлежните институции. Кожуф како планина, во овој дел држи доста снег, речиси преку целата зима има снежна покривка. Сезоната може да се продолжува и со вештачки снег, појаснува Јанчев.

Градоначалникот додава дека патеката што зиме ќе се користи за скијање, во лето ќе може да служи за спуштање со велосипеди и други спортски и рекреативни активности. Патеката е осветлена. Донациите што ќе пристигнуваат за Центарот, ќе одат преку спортскиот центар ,,Јасмин", што стопанисува со скијачкиот комплекс, скијачката патека.

Јанчев додава дека местото што е оддалечено околу 35 километри од Кавадарци, има потенцијал и за понатамошен туристички развој со ресторанско и хотелско работење, индивидуални сместувачки капацитети.

Претседателот на Совет на Општина Кавадарци, Стојанче Рамов вели дека е ова значаен капитален проект, што, покрај другите, ја вбројува општината во редот на најуспешните во државата. Тој подвлекува дека овде ќе се учи и вежба скијањето, а во затворениот пливачки базен што се гради во градот, ќе се учи и надградува пливањето како вештина.

Деновиве во Михајлово имаше интензивни врнежи од снег. Се очекува Центарот да биде омилена дестинација за туристи.

притисни ентер