Лидерите на Светската здравствена организација (СЗО), Светската трговска организација (СТО), Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка го повикаа Г7, пред нивниот самит во Велика Британија во јуни, да ја финансира програмата вредна 50 милијарди долари , подготвена од ММФ и веќе презентирана на здравствениот самит во Рим.
Таквата финансиска инјекција ќе овозможи „значително зголемување на производството на дијагностичка опрема, лекови, кислород, медицинска опрема и вакцини за порамномерна дистрибуција“, рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебреизус.
Оваа сума ќе овозможи да се генерираат 9 трилиони долари во светската економија до 2025 година, соопштија четворицата лидери на прес-конференција.
Се планира да се вакцинираат најмалку 40 проценти од светската популација до крајот на годината, а најмалку 60 проценти до крајот на 2022 година, за да се овозможи трајно закрепнување на светската економија.
Претседателот на Светската банка Дејвид Малпас рече дека е „клучно да се забрза синџирот на снабдување“ со цел „да се скрати времето од производството на вакцините до нивната примена“.
Многу набљудувачи предупредуваат на нееднаков пристап до вакцините во богатите и сиромашните земји, влошувајќи ја и продолжувајќи ја пандемијата што досега уби повеќе од 3,5 милиони луѓе ширум светот.
Во заедничката статија објавена денеска во „Вашингтон пост“, четворицата лидери на СЗО, СТО, ММФ и Светска банка објавија дека нееднаквиот пристап предизвикал појава на соеви на коронавирус кои предизвикале ново ширење на епидемијата во земјите во развој.