Суспендиран хигиеничарот кој нападна ученик во основно училиште во Битола

Директорот на основното училиште „Коле Канински“ - Битола, Зоран Мирчевски потврди дека го суспендирал работникот Ј.Т., служител-хигиеничар во тамошното училиште заради физички напад врз ученик од деветто одделение.

Јавно го осудуваме овој настан, а служителот е суспендиран, посочи Мирчевски.

- Физичкиот напад од страна на служителот врз ученикот се случи викендов, во саботата, кога во училиштето се организираше наставен ден. Како образовна установа веднаш ги презедовме сите мерки, ја известивме полицијата и државниот просветен инспекторат, а повредениот ученик беше однесен во Клиничка болница-Битола на преглед. Очекуваме институционално расветлување на овој настан, рече меѓу другото Мирчевски.

Од СВР-Битола потврдуваат дека настанот се случил во објектот на училиштето и е регистриран по пријава на родителите на ученикот кој бил физички удрен од служителот кому веќе е поднесена прекршочна пријава за нарушување на јавниот ред и мир, додека пак од Клиничка болница-Битола информираа дека ученикот А.С. роден 2003 година, по укажаната лекарска помош во одделението за максило-фацијална хирургија е пуштен на домашно лекување. /МИА

Во Србија продолжува парламентарна расправа, се чека гласање за новата влада

Српскиот парламент претпладнево ќе ја продолжи првата вонредна седница на која единствена точка на дневен ред е избор на Влада и давање заклетва на претседателот и членовите. 

Се очекува дискусијата да продолжи, по што пратениците треба да гласаат, јавија српските медиуми.

Продолжението на првата вонредна седница на Националното собрание во актуелното свикување е закажано за девет часот. На седницата, која почна вчера, излагање поднесе претставникот за состав на новата Влада Милош Вучевиќ.

Во тричасовното обраќање пред пратениците, меѓу другото, тој истакна дека владата што ја предлага ќе биде влада на континуитет во најголема мера, како и дека полноправното членство во ЕУ останува стратешки приоритет на Србија. Тој наведе и дека најголемиот предизвик на новиот кабинет ќе биде одбраната на суверенитетот, ќе се предложи задолжителен воен рок од четири месеци. Вучевиќ порача дека членовите на Владата мора да бидат тим, дека секогаш мора да бидат подготвени да ги штитат националните и виталните интереси на Србија, а неговото прво и единствено барање е несомнената лојалност кон татковината. На Собранието му предложи 31 член на кабинетот, меѓу кои има осум нови личности. /МИА

Земјотрес од четири степени во поширокото подрачје на Лос Анџелес

Земјотрес со јачина од 4,1 степени според Рихтер синоќа го погоди поширокото подрачје на Лос Анџелес, соопшти Сеизмолошкиот институт на САД.

Земјотресот се случил во областа Корона, во близина на Лос Анџелес, објави Фокс.

Земјотресот бил почувствуван во пошироката област, западно до Лос Анџелес, Лонг Бич, округот Оринџ и Санта Кларита./МИА

Колумбија најави прекин на дипломатските односи со Израел поради војната во Газа

Колумбискиот претседател Густаво Петро изјави синоќа дека ќе ги прекине дипломатските односи со Израел поради војната во Појасот Газа. 

Петро претходно го критикуваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и повика Колумбија да се приклучи на тужбата за геноцид на Јужна Африка против Израел пред Меѓународниот суд на правдата.

„Овде пред вас, владата на промени, претседателот на републиката, најавува дека утре ќе ги прекине дипломатските односи со државата Израел, затоа што има влада, затоа што има геноциден претседател“, нагласи синоќа Петро во Богота на собир по повод Меѓународниот ден на трудот. Светот не може да биде слеп пред настаните во Газа, нагласи тој. /МИА

притисни ентер