Судијата од Апелациониот суд Гостивар и член на Судскиот совет Зоран Теофиловски, утринава се пријавил во судот

Судијата од апелациониот суд Гостивар и член на Судскиот совет Зоран Теофиловски, по 24 часа  утринава самиот се пријавил кај судијата Седат Реџепагиќ во Основниот Суд Скопје 1.

Обвинителството за организиран криминал и корупција вчера отвори истрага за нелегална приватизација и легализација на државен имот во Тетово, при што уапсени беа пет службени лица од општина Тетово.

Теофиловски, кој е првоосомничен, полицијата не го најде дома. Беше најавено и распишување потерница по него.

За аферата со незаконската легализација и приватизација на атрактивно државно земјиште во Тетово со кое буџетот е оштетен за 860 илјади евра. Обвинителството бараше притвор за сите пет лица, а судијата Реџепагиќ им одреди куќен притвор.

Неофицијално, обвинителството бара мерка притвор за Теофиловски. Ако се повика на судискиот имунитет, судскиот совет денеска ќе треба итно да се состане и да одлучи за Теофиловски .

Повеќе од 400 луѓе евакуирани поради поплави во Тексас

Многу населби во градот Хјустон, во американската сојузна држава Тексас, беа поплавени вчера по обилните дождови, кои ги принудија спасувачите да евакуираат повеќе од 400 луѓе од домовите.

Поплавите зафатија голем дел од Тексас, од Хјустон до руралниот Источен Тексас, каде што спасувачите ги поминуваа улиците и патиштата со чамци, за да спасат луѓе и домашни животни кои не биле евакуирани навреме.

Официјални претставници издадоа упатства до жителите во ниските области да се евакуираат, предупредувајќи дека најлошото допрва доаѓа.

Нови врнежи се очекуваат утре, а властите признаваат дека може да има многу проблеми доколку има обилни дождови.

Пролетна модна ревија на домашни миленици

На 15 јуни во „Јавна соба“ ќе се одржи првата модна ревија на домашни миленици во организација на Асоцијацијата на стилисти за домашни миленици на Македонија.

Организаторите најавуваат околу 15-тина сопственици на салони за домашни миленици кои ќе се претстават со својот миленик - модел и ќе објаснат на кој начин го третирале крзното кај миленикот, а пред да почне дефилето, ќе се разговара и за стандардот на занимањето - стилист за домашни миленици, кој е обврзувачки за сите грумери.

Настанот ќе биде збогатен и со штандови на кои ќе може да се претстават пет шопови, увозници на козметика за миленици, одгледувачници.... Поканети се да учествуваат и креатори на накит и облека за миленици.

Настанот нема натпреварувачки карактер. Целта е да се промовира грумингот во земјава и да се подигне свеста за правилното третирање на крзното на домашните миленици.

Украина соопшти дека во изминатата ноќ соборила 23 дронови лансирани од Русија

Украинската противвоздушна одбрана соопшти дека синоќа соборила 23 од вкупно 24 дронови камикази лансирани од Русија на територијата на Украина.

Соопштението било објавено на социјалната мрежа Телеграм од украинските воздухопловни сили.

Оттаму посочија дека беспилотните летала биле лансирани од територијата на Курската област во Русија и Крим. Се додава дека воздушниот напад бил одбиен, а беспилотните летала биле соборени над регионите Харков, Херсон и Дњепропетровск, забележува Укринформ.

притисни ентер