Стипендии за 315 ученици Роми запишани во прво одделение

Вкупно 315 ученици Роми запишани во прво одделение во учебната 2019/20 година ќе бидат стипендирани во рамки на проектот „Редовно на часови: акција за вклучување на Ромите во основното образование".

Конкурсот е финансиран од Европската унија, а го спроведуваат Фондацијата Отворено општество – Македонија во соработка со здружението Центар за образовна поддршка Дендо вас и фондацијата за образовни и културни иницијативи Чекор по чекор. Целта е да се обезбедат стипендии за вклучување на што поголем број деца Роми во основното образование кои редовно ќе посетуваат настава.

Конкурсот се однесува за период од една учебна година, а стипендијата од 400 евра годишно е наменета за покривање на трошоците за школување, храна, облека, училишен прибор и материјали, спортска и друга опрема за учениците.

Ќе можат да се пријават ученици Роми запишани во прво одделение во учебната 2019/2020 година, чии семејства се приматели на гарантирана минимална помош, но кои не се корисници на друга стипендија обезбедена со финансиски средства од Европската Унија. Притоа, семејствата нема да го изгубат правото на гарантирана минимална помош.

Редовните ученици, како и оние кои успешно ќе поминат во следното одделение, ќе можат да ја задржат стипендијата за тековната година и потенцијално да ја обноват за следните две учебни години.

Крајниот рок за пријавување е 10 декември, а повеќе информации за конкурсот може да се најдат на веб-страницата на Фондација Отворено општество – Македонија, потоа во просториите на Фондацијата Отворено општество, телефонски на бројот 02/2477107 или преку електронска пошта [email protected].

Вештачката интелигенција може да го земени и пилотот на моќниот воен авион Ф-16 (ВИДЕО)

Извршен е пробниот лет на авионот Ф-16 на американското воено воздухопловство, кој беше контролиран од вештачка интелигенција.

Целта на американската војска е до 2028 година да има 1.000 борбени авиони без екипаж, објави Дејли Меил.

Пробниот лет на американскиот авион Ф-16 бил извршен во базата на американското воено воздухопловство во Калифорнија, каде се обучува новата генерација на вештачка интелигенција, со план САД да имаат флота од 1.000 борбени авиони кои нема да бидат управувани од луѓе до 2028 година, според новинарите на Асошиетед прес на кои им било дадено право да присуствуваат на летот.

Секретарот на американските воздухопловни сили Френк Кендал седнал во авионот управуван од вештачка интелигенција за да покаже дека нема ризик, а подоцна изјавил дека е „безбедносен ризик“ да се лета без вештачка интелигенција.

Авионот Ф-16 со име „Виста“, под контрола на вештачката интелигенција, летал со брзина од околу 880 километри на час, изведувајќи маневри во трка со друг авион контролиран од човек.

На крајот на летото, Кендал изјавил дека ќе верува во способноста на ВИ да одлучи дали ќе користи оружје во војна, но и дека секогаш ќе има човечки надзор кога станува збор за употребата на оружје.

Авионот „Виста“ работи така што прво учи врз основа на милиони податоци собрани во симулаторот, по што ги тестира своите заклучоци во вистински лет.

АП пренесува дека и Кина има авиони со вештачка интелигенција, но сепак не ги тестира надвор од симулаторите. Имало повеќе од десет вакви пробни летови од минатата година, а вештачката интелигенција учи толку брзо што веќе почнува да победува некои авиони на натпревари со човечки екипаж.

Пилотите за АП изјавија дека се свесни дека можеби ја тренираат нивната замена, но и дека не би сакале да се најдат на небото против противнички авион контролиран од вештачка интелигенција.


Драма во Грција: Ќерка до смрт го претепа татко си на Голема Сабота

Жена (49) е уапсена на грчкиот остров Самос под сомнение дека утрово до смрт го претепала својот татко.

Се сомнева дека жената со некаков алат го нападнала таткото и му задала бројни удари кои биле фатални за несреќниот маж, објави Катимерини.

Засега не се знае мотивот за убиството.

Лондонскиот градоначалник Садик Кан со историски резултат на изборите

Актуелниот градоначалник на Лондон освои рекорден трет мандат како прв човек на британската престолнина.

Кан освои историски трет мандат со сите 14 изборни единици во Лондон објавени досега, пренесува Sky News.

Тој ја доби довербата на 43,7 отсто од гласачите.

Неговата конзервативна ривалка Сузан Хол освои 32,6%.

Излезноста била 40,5%.

Во Лабуристичката партија имало стравувања дека резултатите од гласањето ќе бидат многу поблиски поради загриженоста за слабиот одѕив.

Сепак, Кан собрал 1.088.225 гласови, наспроти 811.518 на Хол.

Кан сега е првиот човек кој освоил трет мандат како градоначалник на Лондон.

притисни ентер