Став на Синдикатот на Клинички центар за иницијативата за формирање Синдикат на УКИМ

„Синдикатот на Клинички центар категорично се спротивставува на покренатата иницијатива за формирање на Синдикат на УКИМ, Скопје“.

Во електронскиот допис со работен наслов „Основање синдикат на УКИМ" генералниот секретар на УКИМ во прилог доставува документација поврзана со иницијативата, односно барањата на Министерството за образование и наука на РМ согласно темата на дописот, при што одредува рокови и замолува за придржување до нив.

Во воведот на документот во прилог на дописот насловен „ОСНОВАЊЕ НА СИНДИКАТ НА ВРАБОТЕНИТЕ НА УКИМ" се укажува дека на состанокот од страна на министерот за образование и наука со ректорите и генералните секретари на јавните универзитети во РМ на присутните им било кажано дека поради планираното зголемување на платите на вработените на јавните универзитети во висина од 10% почнувајќи со платата за јануари 2020 година потребно е да се склучи колективен договор и да се формира Синдикат на вработените на УКИМ.

Во понатамошниот дел на документот се укажува на единицата (факултет или научен институт) да „пушти пристапници за членство до сите вработени на единиците (наставен и ненаставен кадар)", а „копии од пристапниците да се достават до генералниот секретар".

Иницијативата, содржината и препораките изразени во дописот и документот се директно спротиставени на:

1. Конвенцијата бр.87 на Меѓународната организација на трудот за слобода на здружување и заштита на правото на организирање, 1948, која Република Македонија ја има ратификувано 17.11.1991 година,

2. Членот 37 од Уставот, а особено на

3. Членот 195 од Законот за работните односи во кој јасно се укажува дека работодавачите и нивните здруженија не смеат да имаат надзор над основањето и дејствувањето на синдикатите.

За неверување е препораката на генералниот секретар на УКИМ да од него утврдената членарина од 50,00 денари месечно се уплаќа на приватна сметка на идниот претседател, со тоа што тој ќе потпише изјава дека ќе ги префрли на сметката на синдикатот кога истата ќе биде отворена.

Истовремено, крајно понижувачка е намената и целта за формирање на овој синдикат, сведена само на покачување на платите на вработените од 10%.

Постапувајќи по дописот на генералниот секретар на УКИМ и документот во прилог, во тек на претходните денови вршена е агитација во одредени универзитетски клиники и институти, Стоматолошкиот клинички центар „Свети Пантелејмон" Скопје, а особено на Медицинскиот факултет, УКИМ, Скопје за зачленување на членови на Синдикатот на Клинички центар од наставно-научниот кадар во овој синдикат во формирање.

Скоро сите вработени од наставно-научниот кадар и докторите специјалисти на Медицинскиот факултет, УКИМ, Скопје се членови на Синдикатот на Клинички центар, а во сите универзитетски клиники и институти нашиот синдикат е репрезентативен на ниво на работодавач.

Не сакаме да веруваме дека покачувањето од 20%, а не 25% во јавното здравство за наставно-научниот кадар може да биде дел од некоја поголема игра.

Синдикатот на Клинички центар има искуство со синдикат формиран и организиран од работодавач или т.н. синдикат по нарачка, а во нашиот случај како контрасиндикат.

Нејасно е како во изминатиот период владеачките партии не го разбраа по нив негативниот ефект од ваквите синдикати по нарачка.

Синдикатот на Клинички центар категорично се спротивставува на покренатата иницијатива за формирање на Синдикат на УКИМ, Скопје, затоа што потекнува од Министерот за образование, а се спроведува преку останатите работодавачи (Генерален секретар на УКИМ, единици) што претставува директно мешање на власта во синдикалното организирање.

Го повикуваме нашето членство да не пристапува кон овој синдикат кој се формира директно по налог од работодавачот, а на оние кои веќе потпишале им укажуваме дека постапката за основање и дејствување на овој синдикат е спротивна на Законот.

На оние, кои во име на единицата доставуваат пристапници за овој синдикат кој се формира директно по налог од работодавачот, им укажуваме дека прават или направиле постапки спротивни на Законот.

Со почит,

Извршен одбор на Синдикатот на Клинички центар

Српската министерка за образование : Секој 3 мај ќе биде ден на тага и сеќавање

Ѓукиќ Дејановиќ истакна дека утре пред се семејствата на убиените деца ќе имаат можност достоинствено да ја изразат својата болка, сеќавање и страдање.

Српската министерка за образование Славица Ѓукиќ Дејановиќ денеска изјави дека утре во Белград со програма наречена „Будење“ ќе се одбележи првата годишнина од масовното убиство во ОУ „Владислав Рибникар“ во кое животот го загубија девет ученици и еден работник од училишното обезбедување на 3 мај 2023 година.

Ѓукиќ Дејановиќ истакна дека утре пред се семејствата на убиените деца ќе имаат можност достоинствено да ја изразат својата болка, сеќавање и страдање.

Министерката во изјава за РТС нагласи дека секој 3 мај ќе биде ден на голема тага и сеќавање на жртвите./МИА

СДСМ: Дали ОЈО се злоупотребува за изборната кампања?

После денешната прес конференција на ДПМНЕ прашањето е дали Белата палата води истраги вклучително и споменатата?

СДСМ нема да навлегува во мотивите на ОЈО, секако дека секој што го прекршил законот треба да одговара, но, доколку се утврди дека нема прекршување на законот очекуваме исто така одговорност.

Постои сомнеж дека ова е можеби и злоупотреба за избораната кампања. Вештачењето е од 25.04.2024 година, само еден ден после првиот круг од претседателските избори, а предлогот е доставен за 3 работни дена потоа.

Дали ОЈО се злоупотребува за изборната кампања исто како и хајката против Каевски набргу ќе стане јасно.

Ал Џезира - Финален предлог на Резолуцијата за геноцидот во Сребреница

Конечниот предлог на Резолуцијата, во која имаа увид од Ал Џезира, се состои од седум точки.

Конечниот предлог за Резолуцијата што ќе го одбележи 11 јули како ден на сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница во БиХ во 1995 година е испратен до претседателот на Генералното собрание на ОН, Денис Френсис, потврди амбасадорот на Босна и Херцеговина во ОН, Златко Лагумџија.

Конечниот предлог на Резолуцијата, во која имаа увид од Ал Џезира, се состои од седум точки, а целта е да се зачува споменот на жртвите од Сребреница и да се спречи нивното негирање и величење на осудените за воени злосторства.

Повикувајќи се на неколку пресуди на Меѓународниот суд на правдата (МСП) и Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, во конечниот предлог на Резолуцијата се вели:

- Прогласете го 11 јули за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница во 1995 година;

- Безрезервно се осудува секое негирање на геноцидот во Сребреница како историски настан и се повикуваат земјите-членки да ги зачуваат утврдените факти, вклучително и преку нивните образовни системи, преку развивање соодветни програми, со цел да се спречи негирање и искривување на фактите и појава на геноцид во иднина;

- Безрезервно ги осудува дејствијата кои ги глорифицираат оние што се осудени за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид од страна на меѓународните судови, вклучително и оние кои се одговорни за геноцидот во Сребреница;

- Ја нагласува важноста од завршување на процесот на пронаоѓање и идентификување на преостанатите жртви на геноцидот во Сребреница и нивното достоинствено погребување;

- Повикува на продолжување на гонењето на оние извршители на геноцидот во Сребреница кои се уште треба да се соочат со правдата;

- Ги охрабрува сите држави целосно да се придржуваат кон нивните обврски според Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид, како што е применливо, и обичајното меѓународно право за спречување и казнување геноцид со должно почитување на релевантните одлуки на Меѓународниот кривичен суд (МСП );

- Бара од генералниот секретар на ОН да воспостави информативна програма со наслов „Геноцид во Сребреница и Обединетите нации“, ги започнува своите активности со подготовките за годишнината во 2025 година и понатаму бара генералниот секретар да донесе резолуција за проверка од сите земји-членки, организации во рамките на системот на Обединетите нации и граѓанските организации за соодветна усогласеност;

- Ги повикува сите земји-членки, организации од системот на Обединетите нации, други меѓународни организации и регионални организации, како и граѓанското општество, вклучително и невладините организации, академските институции и другите релевантни фактори да го одбележат Меѓународниот ден, вклучително и посебни ознаки и активности во спомен и чест на жртвите на геноцидот во Сребреница 1995 година, како и соодветно образование и јавна свест.

Резолуцијата, чии формални предлагачи се Германија и Руанда и спонзори на повеќе од 20 други земји, вклучително и највлијателните западни земји како САД, Велика Британија, Франција и Италија, требаше да биде објавена на 2 мај во седиштето на ОН, но гласањето беше одложено, па сега се очекува да биде кон средината на месецот. /МИА

притисни ентер