ССМ ги повикува работниците на протест по повод Меѓународниот ден на трудот 1 Мај

 Сојузот на синдикатите на Македонија организира протест  по повод Меѓународниот ден на трудот 1 мај. 

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов во отворено писмо до јавноста посочува дека работничкото движење во Македонија е исправено пред сериозен предизвик поради, како што наведува, односот на креаторите на политиките кои покажаа дека водат грижа исклучиво за себе и за своите интереси, а не водат грижа за работниците, работничките права и работничките интереси.

- Денеска, работниците во Македонија се соочуваат со се поголем притисок за нивната егзистенција поради високите трошоци за живот и ниските плати. Синдикатите покажаа дека можат напорно да работат во интерес на нивните членови и во интерес на работниците. Синдикатите покажаа дека секој сам може да постигне резултат, но имаме можност сплотени да покажеме одлучност во работничката борба, онака како што вашите и нашите членови очекуваат и онака како што работниците очекуваат од нас, наведува тој во писмото повикувајќи го членството на протест.

Трендафилов посочува дека на 1 мај работниците имаат можност и шанса да покажат дека се незадоволни и дека сите тие кои претендираат да ја водат државата треба да го слушнат гласот на работниците.

-Имаме можност да го покажеме нашето, работничкото незадоволство и заедно да излеземе на голем работнички протест на 1 Мај, особено поради можноста, пораките, нашите и работничките барања да ги упатиме на неколку денови пред парламентарните избори до сите тие кои претендираат да ја водат Државата. Како Претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија ве замолувам да покажеме одлучност во борбата, борбата која е заедничка, за подобро утре и за подобри работнички права, наведува Трендафилов.

На протестот очекува на ССМ да му се придружат и членови на други синдикати и граѓани.

На Меѓународниот ден на трудот - 1 Мај, протестот ќе започне во 11 часот од пред Работничкиот дом до Собрание - Стопанска комора - Влада.

Бајден: Ако Израел изврши инвазија на Рафа нема да го снабдам со бомби и артилериска муниција

Претседателот на САД Џо Бајден за телевизијата Си-ен-ен синоќа изјави дека САД ќе запрат со испораките на американско оружје за Израел ако премиерот Бенјамин Нетанјаху нареди офанзива на градот Рафа во Појасот Газа.

Во интервјуто тој призна дека американско оружје било употребено за убивање на цивили во Газа.

-Цивили се убиени во Газа како последица на тие бомби, но и на други начини кога тие навлегуваа во населените центри, изјави Бајден укажувајќи на бомбите тешки повеќе од 900 килограми чии испораки запреа минатата недела.

„Јасно ставив до знаење дека ако влезат во Рафа, тие се уште немаат влезено, но ако влезат во Рафа, нема да испратам оружја што историски биле употребени во Рафа и другите градови да се справат со проблемот“, истакна Бајден.

Претседателот на САД се покажа како голем подржувач на Израел и со тоа што за првпат ја условува подршката за сојузникот свртува нова страница во седумесечниот конфликт меѓу Израел и Хамас. Исто така, изјавата дека американски бомби се употребени за убиство на цивили во Газа е целосно признание за вклученоста на САД во оваа војна.

Администрацијата на Бајден се соочува со огромен притисок, вклучувајќи и од членови на неговата партија, да запре со испораките на оружја кога во Газа се развива хуманитарна криза од огромни пропороции и каде според здравствените власти на појасот досега се убиени над 34.000 цивили.

Градот Рафа е во јужниот дел на Газа каде се сосредоточени околу милион палестинскии бегалци кои ги напуштија своте домови по нападот на Израел и спас побараа во овој град на границата со Египет.

Еурактив за вчерашните избори во Република Македонија

Под наслов „Македонија се подготвува за тешки врски со ЕУ откако националистите победија на претседателските и парламентарните избори“ порталот Еурактив објавува анализа за вчерашните избори на која се потпишани и АФП и Ројтерс.

„Се чини дека Македонија ќе биде во судир со нејзините соседи од ЕУ, Грција и Бугарија, откако националистичката опозиција победи на парламентарните и претседателските избори. Националистичката ВМРО-ДПМНЕ освои голема победа, во ноќта во која балканската земја ја избра и првата жена шеф на државата“, пишува порталот.

- Почитувани граѓани на Македонија … успеавме. Македонија победи. Ова е историска победа на народот, ја цитира Еурактив изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред насобраните „стотици радосни симпатизери на опозициската централно-десничарска партија ВМРО-ДПМНЕ храбро се спротивставија на дождот пред нивното партиско седиште во центарот на Скопје веејќи национални и партиски знамиња и играјќи на народна музика“.

- Резултатот е разочарувачки и ова е голем удар за СДСМ, рече Ковачевски на прес-конференција на која повика и на темелна ревизија на неговата партија, пишува порталот.

„Успехот на националистичката партија веројатно ќе има големо влијание врз сонот на балканската земја за пристапување во Европската унија. Мицкоски одби да го признае новото име на земјата и историскиот договор со Грција во 2018 година, со кој се додаде „Северна“ во имот за да се реши долгогодишниот спор и ѝ овозможи на земјата да се приклучи на НАТО. Опозицискиот лидер, исто така, вети дека ќе застане цврсто во кавгата со Бугарија околу јазичните и историските прашања поради кои Софија ги блокираше преговорите за пристап на Македонија во ЕУ во последните две години“, коментира порталот.

Бугарија побара од Скопје да го промени својот устав за да го признае бугарското малцинство. Во 2022 година, Бугарија се согласи на предлогот на тогашното француско претседателство со Советот на ЕУ за укинување на ветото за почеток на пристапните преговори на Скопје кога Македонија ќе го додаде бугарското малцинство во уставот на земјата.

Владејачката СДСМ беше подготвена да ги направи измените, но немаше доволен број пратеници за да се изгласаат, додека предизборниот адут на ВМРО-ДПМНЕ беше противење на измена на Уставот, пишува Еурактив.

„Гласачите во балканската земја со 2 милиони жители се фрустрирани од бавниот напредок на нејзината кандидатура за пристап во Европската унија, која беше дочекана со оптимизам во 2005 година, но оттогаш стана амблем на изгубеното ветување на Македонија. Постојаната корупција и бавниот развој, исто така, ги налутија гласачите против владејачката партија“, нагласува порталот.

Во вториот круг гласање за поцеремонијална улога на претседател, Гордана Силјановска-Давкова, универзитетска професорка која беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, убедливо го победи актуелниот претседател Стево Пендаровски поддржан од СДСМ.

- Се прашував себеси со што заслужив таква чест?, изјави Силјановска-Давкова откако беше изгласана за прва жена претседател на државата. „Наградата е бесценета за мене, ова е огромна одговорност“.

Опозицијата најверојатно ќе треба да формира коалиции со помали партнери за да добие мнозинство во парламентот. Разговорите се очекуваат во наредните денови.

„Во пресрет на вчерашната трка, Мицкоски употребуваше сè поагресивен јазик кон најголемата албанска партија во земјата – ДУИ – предизвикувајќи вознемиреност дека реториката може да ги поткопа кревките меѓуетнички односи. Албанците сочинуваат повеќе од една четвртина од населението во земјата од 1,8 милиони, а лидерот на ДУИ Али Ахмети водеше краток вооружен бунт за поголеми права на Албанците во 2001 година, кога НАТО ја повлече поранешната југословенска република назад од работ на граѓанска војна“, пишува Еурактив.

Од прогласувањето независност од Југославија во 1991 година, последователните влади го следеа непишаното правило дека партија на етничките Албанци мора да биде вклучена во владината коалиција.

ДУИ, заедно со сојузот на малцинските партии, се чини дека ќе освои најголем број албански гласови и покрај тоа што Мицкоски ги критикуваше нејзините водачи за наводна корупција.

- Кога и да ја кажам вистината, тие ја искривуваат како напад врз Албанците, рече Мицкоски, пренесува Еурактив.

ХИНА: Голема победа на десничарската опозиција во Македонија на двојните избори

Хрватската новинска агенција :Голема победа на десничарската опозиција во Македонија на парламентарните и претседателските избори.

Хина

Десничарската опозиција во Македонија извојува убедлива победа на парламентарните и претседателските избори синоќа, ноќта во која оваа балканска земја ја избра и првата жена шеф на држава.

Стотици расположени поддржувачи на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ се собраа пред седиштето на нивната партија во центарот на Скопје, веејќи национални и партиски знамиња и играјќи на народна музика.

„Почитувани луѓе на Македонија... успеавме. Македонија победи. Ова е историска победа на народот“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред насобраните.

Резултатите од изборната комисија покажаа дека ВМРО-ДПМНЕ освоила 42 отсто од гласовите по пребројани 72 отсто од гласовите на парламентарните избори, наспроти 14 отсто за владејачките Социјалдемократи (СДСМ), принудувајќи го лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски да го признае поразот.

„Резултатот е разочарувачки и ова е голем удар за СДСМ“, рече Ковачевски на прес-конференција на која повика и на темелна ревизија на неговата партија.

Гласачите во оваа балканска земја со два милиона жители станаа фрустрирани од бавниот напредок во обидот на земјата да се приклучи на Европската унија, кој беше дочекан со оптимизам во 2005 година, но оттогаш се сметаше за изгубено ветување.

Постојаната корупција и бавниот развој, исто така, ги налутија гласачите и ги свртеа против владејачката партија.

Во вториот круг од гласањето за поцеремонијалната улога на претседател, Гордана Силјановска-Давкова, универзитетска професорка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, го победи Стева Пендаровски, актуелниот претседател кој го поддржа СДСМ. Силјановска-Давкова доби 65 отсто од гласовите наспроти 29 отсто за Пендаровски, откако беа преброени повеќе од 87 отсто од гласовите.

„Се запрашав зошто заслужувам таква чест“, изјави Силјановска-Давкова пред новинарите веднаш откако беше избрана за прв претседател на државата. „Наградата за мене е бесценета, ова е голема одговорност“, нагласи таа.

Опозицијата веројатно ќе мора да коалицира со помалите партнери за да добие мнозинство во парламентот. Се очекува да има разговори во наредните денови.

Некои гласачи изразија загриженост дека националистичката наклонетост на опозицијата може да им наштети на односите со соседните земји и нејзината кандидатура за членство во ЕУ. Аналитичарите не очекуваат голем напредок во интеграцијата во ЕУ во времето на опозицијата, која беше на власт до 2017 година, а исто така беше мета на критики поради наводниот поткуп.

„Пристапувањето во ЕУ нема значително да напредува под потенцијалната влада на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Марио Бикарски, аналитичар за Источна и Централна Европа во консултантската фирма „Вериск Мејплкрофт“.

Во 2001 година, НАТО ја повлече Македонија од работ на граѓанска војна за време на бунтот на етничките Албанци и вети побрза интеграција во ЕУ и НАТО. Албанците сочинуваат околу една четвртина од населението во земјата.

Недостигот на напредок на Македонија во ЕУ е делумно последица на несогласувања со соседните Грција и Бугарија, двете земји-членки на ЕУ, но и неуспехот да се спроведат економските и судските реформи. Земјата влезе во НАТО во 2020 година.

Некои места и градови се меѓу најзагадените во Европа, делумно поради потрошувачката на јаглен и старите автомобили. Голем број млади луѓе од земјава се иселиле во странство во потрага по подобри перспективи.

Иако многумина не беа сигурни што може да направи опозицијата за да ги промени работите, некои се надеваа.

„Ова е одлично, Македонија им се враќа на Македонците, ВМРО-ДПМНЕ го направи тоа“, рече Панче Петковски (23), студент кој го гледаше изборниот пренос на телевизија во едно скопско кафуле.

притисни ентер