Српската опозицијата се обиде да ја прекине конститувната седница на Собранието

–Со решителна акција на сите пратеници од опозицијата денеска успеавме да ја прекинеме седницата на Народното собрание и Српската напредна странка (СНС) мораше да ја прекине на неопределено време, изјави Радомир Лазовиќ

Опозициската партија „Србија против насилството“ по полагање на заклетва во холот на собранието излезе со став дека „ја натерале владеачката СНС да ја прекине конститутивната седница“, додека владеачките партии го осудија „недоличното однесување на опозицијата“, јави дописникот на МИА од Белград.

–Со решителна акција на сите пратеници од опозицијата денеска успеавме да ја прекинеме седницата на Народното собрание и Српската напредна странка (СНС) мораше да ја прекине на неопределено време, изјави Радомир Лазовиќ, кој е прв на изборната листа „Србија против насилството“.

„Ова е голем успех на опозицијата“, изјави тој и додаде дека тие барале оваа седница да се одржи по усвојувањето на резолуцијата за изборна кражба во Европскиот парламент.

-Ни вршеја претрес, гледање во чанти и џебови, моравме да ги ги соблечеме капутите, а во салата имаше цел кордон неуниформирана полиција. Токму вака се однесува крадецот кој е фатен како краде. Тие користеа сила за да го заштитат својот плен. Сепак, верувам дека моќта на чесните граѓани и моќта на вистината е посилна и дека ќе се избориме за демократска и слободна Србија, рече Лазовиќ.

Пратеникот и претседател на Социјалистичката партија на Србија (СПС), Ивица Дачиќ, ги осуди постапките на претставниците на опозицијата, оценувајќи дека постои законска рамка што тие требало да ја следат доколку имале забелешки за исходот од изборите и дека нивното однесување на конститутивната седница, според него, била несоодветна.

-Од кога сум во парламентот никогаш не сум повикувал некој да се однесува вака: транспаренти, викање, навреди. Не ни треба овој хаос во парламентот, рече Дачиќ.

Тој појасни дека според законската рамка, конституирањето на Собранието подразбира верификација на пратеничките мандати, и да - Националното собрание и официјално се конституира денеска со што почна рокот за формирање влада.

Тој кажа дека ќе биде на чело на пратеничката група на СПС и најави продолжување на соработката со СНС и на парламентарно ниво и во сферата на формирањето на извршната власт, како и соработка на ниво на локална самоуправа.

Претседателот на СНС, Милош Вучевиќ изјави дека денеска се потврдени мандатите на пратениците и дека во наредниот период ќе се конституираат сите тела на парламентот согласно волјата на владејачкото мнозинство.

Тој додаде дека опозицијата си дала за право да каже дали некој е пратеник или не.

-Тие си дадоа право да кажат дали изборите се регуларни или не, иако самите, токму преку тие избори и по избор на волјата на граѓаните на Србија, влегоа во денешното собрание, односно во Домот на народното собрание, рече Вучевиќ.

Денешната конститутивна седница по верификација на мандатите и полагање на заклетва на претениците е прекината на неодредено време од Стојан Раденовиќ (СНС) кој како најстар пратеник ја водеше истата.

Шолц ги посети поплавените региони во југозападниот дел на Германија

 Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ги посети поплавените региони во западната германска сојузна покраина Сарланд, каде обилните дождови предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето, а неколку згради беа евакуирани.

Шолц ја откажа својата изборна кампања во Сар, на границата со Франција, и наместо тоа, го обиколи делумно поплавениот пат во селото Клајнблитерсдорф заедно со регионалниот гувернер Анке Релингер.

Тој ја потврди солидарноста на сојузната влада со Сарланд.

„За жал, не е првпат да треба да се справиме со голема природна катастрофа, па ќе разгледаме што треба да се направи овде и што е неопходно“, им рече Шолц на новинарите.

Службите за итни случаи одговорија на илјадници повици за помош во главниот град на покраината, Сарбрикен.

Неколку згради во градот се евакуирани бидејќи куќи и подруми се поплавени. Автомобилите беа делумно потопени, а улиците се наполнија со вода.

Градот воспостави алтернативно сместување во училиштата и телефонска линија за погодените од поплавите.

Засега нема информации за точниот обем на штетата, ниту пак пријавени жртви.

Повеќе од 100 литри дожд на квадратен метар наврнаа во Сар за помалку од 24 часа, според вчера објавените податоци на германската метеоролошка служба. /МИА

Во Украина стапи во сила законот за мобилизација

Во Украина денеска стапи во сила оспоруваниот закон за мобилизација, јавија светските агенции

Ова, како што наведуваат агенциите, се случува во момент додека Киев се обидува да го зголеми бројот на украински војници откако Русија започна нова офанзива која, според аналитичарите, може да ги доближи руските сили до вториот по големина град во Украина.

Законот ќе го олесни идентификувањето на секој регрут во земјата. Таа, исто така, обезбедува стимулации за воениот персонал, како што се парични бонуси или пари за купување дом или автомобил, што според некои политички набљудувачи, Украина не може да си ги дозволи.

Пратениците одложуваа со месеци и го усвоија законот во средината на април, една недела откако Украина ја намали возраста за повикување на воена служба од 27 на 25 години. /МИА

Едно лице загина, а шест се повредени во судири во либискиот град Завија

Најмалку едно лице загина денеска, а шест се повредени во жестоки судири во западниот либиски град Завија.

Учесниците во судирите биле повикани на прекин на огнот за да се спасат семејствата заробени во зоната на конфликтот, јави либиската телевизија Алахрар.

Али Ахнеш, шеф на огранокот на Црвената полумесечина Завија, изјави за телевизијата дека 10 семејства се евакуирани и повика на „прекин на огнот за евакуација на семејствата лоцирани во областите каде што се случија судирите“.

Волонтерите на Црвената полумесечина добија повици од семејства во конфликтните области кои бараа да бидат евакуирани, рече тој.

Засега не се знае кој учествувал во судирите ниту зошто дошло до судирите.

Либија е зафатена од немири по соборувањето и бруталниот атентат на поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи во 2011 година./МИА

притисни ентер