Сослушан сведок на рочиштето за „Титаник", следното на 20 ноември

Со сослушување на сведок вработен во Полициска станица Ресен, денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето за изборни нерегуларности „Титаник".

Сведокот Агрон Кранлиевски, на прашање од обвинителката Лиле Стефанова, рече дека од 2012 година му биле дадени за вршење на проверки повеќе од 100 луѓе на три адреси.

– Во 2012 година добив од 40 до 45 барања за проверка на адреса на Љупчо Поп Ѓошев. Во првиот обид ниту еден не беше пронајден. Потоа кај Станојковиќ во стан добив проверка на 20 до 25 луѓе, а кај Сандре Темелковски, на улица Коле Неделковски имаше околу 20 до 30 луѓе. Во прв обид не беше пронајден никој, рече сведокот.

Потоа од старешините, рече сведокот, им било речено да направат уште два до три обиди на истите адреси, но повторно неуспешно.

– Потоа, при увид во Избирачки список видов 78 лица, за кои имам пишано негативно, дека не се пронајдени на адресата на живеење, изјави сведокот.

Нагласи дека дневно во ПС на сликање доаѓале по околу 50 луѓе.

– Од командирот Милорад Георгиевски, добивме наредба тие луѓе да ги извадиме надвор на паркинг на полициската станица. Во разговор со нив, тие кажаа со пасошите во рака дека се пратени да се сликаат од градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко, рече сведокот.

На прашање од одбраната дали проверката ја вршел сам, сведокот потврди и посочи дека тоа е вообичаена постапка.

Прашан од Илија Димовски, дали луѓето од Пустец што доаѓале во ПС Ресен веќе имале пасоши од РМ, пред да дојдат и побараат лични карти, сведокот рече да.

На прашање од Гордана Јанкулоска дали пристапот до изводот од Избирачкиот список му бил овозможен од некој од кандидатите за градоначалник, сведокот рече не.

Прашан од Едмонд Темелков, дали познава со име и презиме некои од луѓето пред ПС Ресен, сведокот одговори не.

Предметот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Осман Шабани.

Следното рочиште е закажано за 20 ноември, за кога треба да бидат сослушани четворица сведоци.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство, во „Титаник" обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

Случајот го отвори СЈО, за потоа да го преземе државното Јавно обвинителатво, а случајот повторно беше распределен на јавната обвинителка Лиле Стефанова. /МИА

Приватните специјализанти очекуваат од новиот министер веднаш да ги повика на разговори

Приватните специјализанти и постизборно излегоа на протест. 

Тие и денеска пред интерните клиники ги повторија нивните барања – покачување на месечниот надоместок, здравствено и пензиско осигурување и регулирање на нивниот работен статус.

Упатија порака до новата влада, која треба да се формира летово – проблемите на специјализантите да ги стави на приоритетната листа.

Протестот на специјализантите трае веќе втор месец и велат дека ќе одржуваат мирни собири секој вторник, се додека не се исполнат нивните барања.

Стравуваат дека, доколку не се реши нивниот статус, ќе продолжи одливот на медицински кадар од земјава, кој е еден од најгорливите проблеми во изминатите неколку години.

За тоа говорат и бројките од Македонското лекарско друштво, кои говорат дека од јавното здравство на годишно ниво од земјава заминуваат од 200 до 250 лекари.

Дека е алармантна состојбата и со медицинските сестри, пред неколку дена алармираа и од здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри – „За нас“.

Според нивните податоци, после ковид-пандемијата, по 40-тина сестри месечно си заминуваат од јавното здравство. Тие својата кариера најчесто ја продолжуваат во странство, други во приватните болници или ја менувале професијата.

Со ваков тренд на одлив на медицинските сестри, од здружението „За нас“ стравуваат дека Македонија може да стане држава без медицински сестри.

Анкета ИРИ: Високите цени и трошоците за живот најголем проблем за граѓаните во Македонија

Најголем проблем со кој се соочуваат граѓаните во Македонија се високите цени и трошоците за живот со 31%, а веднаш потоа е корупцијата со 22%.

Најголем проблем со кој се соочуваат граѓаните во Македонија се високите цени и трошоците за живот со 31%, а веднаш потоа е корупцијата со 22%, покажува најновото истражување на американскиот Меѓународен републикански институт посветено на земјите од Западен Балкан. Токму овие проблеми анектираните сметале дека треба да и бидат врвен приоритет на Владата, за разлика од ЕУ интеграциите кои се подолу на табелата. Иако висок процент од 68 отосто од граѓаните би гласале „ЗА“ доколку денеска се одржи референдум за влез во ЕУ, сепак 47 проценти од испитаниците во Македонија се сомневаат во сериозните намери на унијата да им понуди членство на земјите од Западен Балкан.

За Македонија најголеми сојузници се Србија, САД и Турција, додека најголемата закана за земјава доаѓа од Бугарија, Русија и Косово, сметаат анкетираните, а турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е најпопуларен странски лидер помеѓу македонските граѓани.

Меѓу домашните политичари и јавни личности, најголема доверба спред анкетата ужива лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, потоа претседателот на ДУИ Ахмети, а на третото место е лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски.

Најголема доверба, според истражувањето, во Македонија ужуваат верските институции, потоа армијата и медиумите, анкетираните најмалку им веруваат на судовите, парламетнтот и техничкиот премиер.

Според анкетата, телевизијата е убедливо најупотребувана медиумска платформа на која граѓаните се информираат за актуелностите.

Податоците за истражувањето се собрани од 2 февруари до 5 март од 1.220 возрасни испитаници во Македонија. Истражувањето е направено во сите земји од Западен Балкан.

Квинта: Забраната за посета на Порфирие на Косово е спротивно на планот на Ахтисари

Во реакцијата се нагласува дека од Владата на Косово се очекува да ги исполни највисоките стандарди за човекови права и во својата законска рамка и со своето дејствување. 

Амбасадорите на таканаречената „Група Квинта“, односно петте највлијателни западни држави кои имаат дипломатски претставништва во Косово – САД, Велика Британија, Германија, Италија и Франција, заедно со Мисијата на Европската унија во Приштина, изразија загриженост поради вчерашната одлука на Владата на Косово да не му дозволи на српскиот патријарх Порфирие и други свештеници да го посетат Косово за да учествуваат на почетокот на годишното собрание на Синодот на Пеќката патријаршија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Одлуката на Владата, се вели во соопштението потпишано од амбасадите на петте земји и Канцеларијата на ЕУ, „е спротивна на одредбите од Планот на Ахтисари, кои јасно ги опишуваат правата, привилегиите, имунитетите на свештенството на Српската православна црква и не е во согласност со обврските на Косово добиени во дијалогот олеснет од ЕУ“.

Во реакцијата се нагласува дека од Владата на Косово се очекува да ги исполни највисоките стандарди за човекови права и во својата законска рамка и со своето дејствување. Страните, исто така, беа повикани да се воздржат од дејствија и реторика кои можат да поттикнат тензии.

„Владата треба да дејствува во интерес на сите свои граѓани и да ги задржи основните вредности и одговорности кон регионалната стабилност. Продолжуваме да ги повикуваме двете страни да се воздржат од какви било дејствија или реторика кои би можеле да ги зголемат тензиите и да доведат до инциденти“, порачаа Квинта и ЕУ.

Министерството за надворешни работи на Косово, во понеделникот, преку објава на Фејсбук, соопшти дека сé додека Србија продолжува да го прекршува Бриселскиот договор, посетите нема да бидат дозволени.

„Сé додека Србија продолжува да го крши бриселскиот договор, не дозволува посети на нашите државни функционери на Србија и дотолку повеќе додека не престане со кампањи против Република Косово на меѓународната сцена, како во процесите на интеграција, така и во процесот на признавање, додека користи говор на омраза и закани кон Република Косово и нејзините претставници, нема да бидат дозволени посети ниту од наша страна“, се вели во соопштението на косовското МНР. /МИА

притисни ентер