Сопругата на претседателот Елизабета Ѓоргиевска се обрати на Најроби Самитот

Сопругата на претседателот на Република Македонија, Елизабета Ѓоргиевска, во Најроби, Кенија, учествува на Најроби Самитот, што се одржува на 25-годишнината од Меѓународната конференција за население и развој (ICPD), одржана во Каиро во 1994 година

На таа конференција 179 влади усвоија програма за акција, со која се признава дека репродуктивното здравје, зајакнувањето на жените и родовата еднаквост се патот за одржлив развој.

На Самитот во Најроби, што се одржува од 12 до 14 ноември во организација на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), учествуваат повеќе од 6.000 делегати и со неговото одржување се очекува да се мобилизира политичката волја и финансиските заложби итно потребни за исполнување на програмата на ICPD.

На самитот Ѓоргиевска, како што соопшти Кабинетот на претседателот, говореше на тема „Сексуално и репродуктивно здравје и права: основен елемент на универзалното здравствено покритие".

Таа ја нагласи посветеноста на нашата земја кон заложбите и идеите на ICPD, како една од потпретседавачите на Конференцијата во историско време за нашата земја, набргу откако се стекна со независност. Тие заложби, без разлика дали се политички или финансиски, ќе бидат усогласени на глобално, регионално, национално и локално ниво од страна на владите, бизнис-секторот, фондациите и други организации.

Првата Национална стратегија за Сексуално и репродуктивно здравје беше развиена во 2010 година со времетраење од 10 години (2010-2020). Нејзиното вистинско спроведување започна со усвојување на Акциониот план за СРЗ во 2018 година. Ова беше најголем чекор во препознавањето на значењето на човековите права, поточно сексуалните и репродуктивните права, посочи Ѓоргиевска.

Во согласност со Националниот извештај за проценка, а со цел да се подготви нов Акционен план за 2018-2020 година, се одржаа серија консултантски работилници со засегнати страни од различни сектори во земјава. Тој е еден од првите документи за национална политика што е усогласен со Акциониот план на СЗО за сексуално и репродуктивно здравје и целите на одржливиот развој.

Главните страни на Акциониот план се широко опфаќање на девет тематски области: координација и меѓусекторска соработка, планирање на семејството, сексуално и репродуктивно здравје на адолесценти и млади, здравје на мајки и новороденчиња, безбеден абортус, родово базирано насилство, спречување и рано откривање на карцином на грлото на матката, превенција и рано откривање на карцином на дојка, ХИВ и СПИ.

Важноста на овој Акционен план за СРЗ е што се врши преку трансформации на ниво на систем, кои се од клучно значење за Македонија.

-Јас лично не ја претпочитам титулата Прва дама, затоа што отсекогаш верував во еднаквост на сите луѓе и на сите жени. Првата работа што ја направив беше да го сменам ова од веб-страницата на Претседателот. Но, кога мојот сопруг стана претседател на земјата, бев сведок на ситуација кога на луѓето им требаше некој да обрнува внимание на нивните проблеми, не мора да значи дека секогаш би можела да ги решам, но понекогаш им требаше некој што ги слуша. Јас немам моќ да ги менувам законите, но би можела да работам на подигање на свеста за проблемите. На луѓето им треба водство и лидерство. Им требаат луѓе со визија за да го променат општеството на подобро. Мојата цел е да ја истакнам важноста на одредени проблеми, кои не беа истакнати, и би сакала да бидам пример со дејствувањето. На пример, неодамна учествував во Кампања за подигање на свеста за кардиоваскуларното здравје на жените, учествувајќи на прегледи, посочи Георгиевска.

Едно од најважните прашања што може да се направи како прва дама, какошто рече таа, е создавање и градење нови партнерства – за да се постигнат целите на ICPD, треба да бидат ангажирани повеќе партнери (сите агенции на ООН, меѓународни компании, национални и меѓународни невладини организации, Фондови млади луѓе, лица со посебни потреби).

-И, конечно, Кабинетот на претседателот може да биде голема поддршка во однос на видливоста и логистиката. Како непартиски претседател, тој се смета за претседател на сите граѓани и еден од неговите осум приоритети што беа потенцирани дури и за време на кампањата и треба да се исполнат во првите осум месеци од неговото претседателствување е родовата еднаквост. Кабинетот на Претседателот има 50 отсто жени, посочи Георгиевска.

Таа изрази надеж и залагање дека ќе придонесе во постигнување на трите нули до 2030 година: нула неисполнета потреба за планирање на семејството, нула превентивни смртни случаи на мајки и нула родово базирано насилство и штетни практики како што се детски брак и осакатување на жените.

-Треба да ги забрзаме напорите повеќе од кога и да е, и да го подобриме долгорочно здравјето на сите. Неопходно е обезбедување еднаков пристап до квалитетна и сеопфатна примарна здравствена заштита за сите жени во текот на целиот живот, потоа, развој на координиран систем на грижа и обезбедување грижа специфична за здравствените потреби на мајките, за секоја бремена жена и новороденче, така што жените ќе раѓаат безбедно, рече Ѓоргиевска.

Организацијата на Самитот е во соработка со владата на Данска и Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА). Високите претставници на Самитот ќе излезат со соопштение што ќе внесе виталност во глобалната агенда за репродуктивно здравје и ќе се зголеми видливоста на агендата за репродуктивно здравје на глобално ниво./МИА

Герасимовски: Дебар Маало го прослави роденденот на најпознатиот центарец Горан Стефановски

„Моето име е Горан Герасимовски, неговото Горан Стефановски. Навистина сум среќен што денес, заедно со вас, во маалото каде што и двајцата сме растеле, уште еднаш ќе го прославиме роденденот на великанот на македонската драматургија“.

„Моето име е Горан Герасимовски, неговото Горан Стефановски. Навистина сум среќен што денес, заедно со вас, во маалото каде што и двајцата сме растеле, уште еднаш ќе го прославиме роденденот на великанот на македонската драматургија“, вака градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски го отвори културно-музичкиот настан „Прослава на животот на Горан Стефановски“ по повод роденденот на најпознатиот македонски драматург.

Во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. Присутните ја проследија промоцијата на книгата „Пофалба на обратноста и други есеи” од проф- др. Иван Додовски, и уживаа во изведба на култните песни на „Леб и сол” во изведба на бендот Сешн Селекшн. Градоначалникот Герасимовски на синот Игор Стефановски му врачи карикатура со ликот на Горан Стефановски во чест на неговите безвременски дела со кои пренесуваше универзални пораки за сите граѓани.

„Во чест на денот на раѓањето на бардот на македонската драма Горан Стефановски денеска повторно уживавме во неговите драми. За потсетување на сите нас и за оставање траен белег на едно прекрасно време, Општина Центар и јас како Градоначалник, сакавме да оставиме видлива трага преку создавање мини културни простори под ведро небо што ќе се користат за промоција на младите и неафирмирани уметници. Овие културни сцени што ќе никнуваат низ Центар, збогатени со мурали и графити, ги изразуваат поддршката и трудот што Општината ги вложува во областа на културата. Чест ми е што првото центарско ќоше ќе го носи токму името на легендата од Дебар Маало – Горан Стефановски. Кога ќе поминеме низ Боемска улица, верувам дека секој еден ќе го сврти погледот и ќе се потсети на славните реплики од неговите драми. Можеби овој агол е мал, во споредба со големината на целокупното негово творештво, ама сигурен сум дека ќе влијае врз уметноста во нашето Скопје.“, рече денеска Герасимовски.

На настанот граѓаните можеа да го видат и надополнетиот мурал на Горан Стефановски со најпознатиот рефрен на песната „Скопје“ од Леб и сол „Насмевни се, не бери гајле, намигни ми, ајде на здравје, Скопје, нацртан од уметниците Драш и Мачка.

Со овој настан, со кој Општина Центар им оддава признание на најдобрите меѓу најдобрите, нека биде поттик за сите, заедно да создаваме трајни културни вредности што ќе станат нераскинлив дел од нашиот културен идентитет.

Нов кикс на Ливерпул, сè подалеку од титулата

 Во првиот натпревар од 35. коло на англиската Премиер лига немаше победник, во Лондон Вест Хем и Ливерпул одиграа 2-2.

Мохамед Салах во игра влезе дури во 79. минута од натпреварот. Непосредно пред да влезе на теренот, египетскиот фудбалер влезе во вербална расправија со тренерот Јирген Клоп, веројатно незадоволен што доби шанса на крајот за да го „спаси денот“.

На последните четири првенствени натпревари Ливерпул забележа само една победа, со едно реми и два порази и е сè подалеку од шампионската титула,

Арсенал води на табелата со 77 бодови од 34 натпревари, пред Манчестер сити со бод помалку и натпревар помалку. Ливерпул остана третопласиран со 75 бодови од 35 натпревари.

Две лица се повредени во пожар во фабрика за ракетни погонски системи во близина на Белград

Двајца работници се повредени денеска, од кои едно потешко, во пожар во фабрика за погонски системи за ракети „Еде про“ во Лештани кај Белград, јави Радио-телевизија на Србија (РТС).

Пожарот избувнал на валјакот на фирмата „Еде про“.

Засега не се знае степенот на повредите.

Пред три години се случи експлозија во магацин со ракетно гориво, при што загинаа двајца работници, а 16 други беа повредени.

Во експлозија во ноември 2008 година, три лица беа повредени, од кои едно потешко, а две полесно.

Потоа експлодираше смесата за полнење против градежна ракета, покривот на објектот беше урнат, а околни објакти беа оштетени.

Компанијата се занимава со производство на делови за ракети, ракетни турбомотори и гориво.

„Еде про“ се занимава со истражување, развој, производство, трговија и модернизација на сегашно оружје и одбранбена опрема, но и за цивилни потреби.

Истрагата е во тек.

притисни ентер